Вести

На 14 обвинети во „Титаник“ им застаре по едно дело

Обвинетите, наместо за две, ќе одговараат за едно кривично дело

Четиринаесет обвинети во предметот за изборни измами „Титаник“, кои СЈО ги смести во групата припадници на злосторничко здружување, нема да одговараат за ова кривично дело, бидејќи застаре лани.

Тоа значи дека на поранешниот пратеник Илија Димовски, екс-заменичката на министерот за правда, Билјана Бришкоска-Бошкоски, поранешниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ и други, ќе останат на обвинителната клупа, но им се „минусира“ по едно кривично дело за кои првично беа обвинети.

Предвидената казна за ова дело е до три години затвор, што значи дека апсолутната застареност настапува по двојно повеќе време, односно по шест години. Бидејќи обвинетите ги сториле последните дејствија во 2014 година, рокот на застареност од шест години истекол лани.

Сега тие ќе одговараат само за едно дело за кое се обвинети, а тоа се повреда на избирачкото право, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, фалсификување исправа… За овие кривични дела се предвидени подолги рокови на апсолутна застареност.

Доколку обвинетите бидат огласени за виновни, со едно дело помалку, би добиле пониска затворска казна.

Но, од ова дело засега „спас“ нема за организаторите на групата, а тоа се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер. За нив делото застарува подоцна, во 2024 година.

На вкупно 21 обвинет во „Титаник“ им се става на товар дека извршиле кривични дела против изборите бидејќи планирале, лично или преку припадниците на групата и преку други лица со употреба на закани и притисоци да им влијаат на гласачите за да го остварат избирачкото право, давале и ветувале подароци или друга корист на повеќе лица.

Обвинети се дека противзаконски овозможиле користење избирачко право, за непријавување на изворот на финансирање и користење недозволени средства за финансирање на изборните кампањи.

Трето застарување

Од останатите предмети на СЈО, застаре делото за Никола Груевски во предметот „Траекторија“, како и едно од делата за Сашо Мијалков во предметот „Таргет-Тврдина“.

„Титаник“ е првата отворена истрага од СЈО. Предметот се суди речиси три години. Тоа е еден од најобемните предмети на СЈО со речиси 6.000 материјални докази, над 1.000 бомби и над 200 сведоци.

СЈО со обвинението поднесе и предлог за конфискација на над 2 милиони евра, кои солидарно би требало да ги вратат обвинетите Никола Груевски, Илија Димовски, Мартин Протоѓер и Леко Ристовски.

Првото рочиште се одржа пред речиси три години, поточно на втори април 2018 година.