Регион

На Ромите, жртви на труење, треба да им се исплати отштета

Кампот во Митровица. Фото: Архива на БИРН

Специјалниот известувач на ООН за токсични материи, Башкут Тунчак, вчера изјави дека на косовските Роми, кои биле изложени на труење со олово, додека живееле во камповите на ООН за раселени лица, кои се наоѓале во близина на рударскиот комплекс Трепча, кај Митровица, треба да им се исплати отштета.

„Околу 600 припадници на заедниците на Ромите, Ашкалите и Египќаните, помеѓу 1999 и 2013 година, беа сместени во камповите изградени на земјиште за кое се знаело дека било контаминирано со олово. Половина од нив биле деца помали од 14 години“, се вели во соопштението на Тунчак, објавено по состанокот со ромските семејства, кои биле жртви на труење со олово.

Советодавното тело за човекови права на ООН, во 2016 година, утврди дека оваа организација е одговорна за жртвите и даде препорака, ООН да им исплати отштета.

Меѓутоа, ООН одбија да прифатат дека се одговорни и одбија на жртвите да им платат отштета. Наместо тоа, тие одлучија да основаат фонд за финансирање на „проекти за асистенција“, преку кои ромската заедница ќе биде поддржана во целост. Досега, овој фонд не добил никакви средства.

Тунчак, решението за формирање на овој фонд, го опиша како „суштински полно со недостатоци”, нагласувајќи дека со тоа „нема да се обезбеди правда, ниту ќе се обезбедат потребните елементи за ефикасен правен лек за жртвите”.

„По трезвениот разговор со жртвите и со нивните семејства и со проценка на фактите од овој трагичен случај, околностите бараат индивидуална отштета и јавно извинување од Обединетите нации, освен проекти за заедницата”, се вели во соопштението на Тунчак.

Кристин Чинкин, меѓународно правен експерт, која, во случајот со труење со олово, претседаваше со Советодавниот одбор на ООН, изјави оти е „многу фрустрирачки” што нејзината одлука се игнорира.

„Формирајќи го фондот, тие не прифаќаат дека постои законска обврска, ООН да исплатат репарации, кога доаѓа до кршење на човековите права”, рече Чинкин.

„Тие, во основа, не реагираа во согласност со нашите препораки”, додаде таа.

Тунчак нагласи оти верува дека, иако јавните изјави на ООН по ова прашање се непоколебливи во врска со нивното одбивање да се исплати индивидуална отштета, постојат луѓе во оваа организација кои се за алтернативно решение.

„Имам впечаток дека има луѓе во ООН кои препознаваат дека ова е прашање на интегритет за организацијата и дека за жртвите треба да се направи повеќе од она што го нуди фондот”, вели тој.

Паралели со смртоносната епидемија на колера во Хаити

Некои набљудувачи прават паралела помеѓу страдањето на Ромите, жртви на труење со олово во Косово, и избувнувањето на колерата во Хаити во 2010 година.

Повеќе од три четвртини од еден милион население во Хаити, беше заразено со колера, а околу 10.000 лица починаа откако санитетската компанија, ангажирана од мировните сили на ООН, фрли заразни фекалии во поток.

ООН со години негираше секаква правна одговорност, сѐ додека генералниот секретар на ООН, Бан Ки-Мун, во декември 2016 година, не формираше фонд од 400 милиони долари, наменети за инфраструктурни проекти, како што е косовскиот фонд, но и за индивидуална отштета. Но, досега е собран само дел од овој фонд.

Филип Алстон, специјалниот известувач за екстремна сиромаштија на ООН, чии извештаи за ситуацијата во Хаити беа од суштинско значење, Обединетите нации да ја преземат одговорноста за последиците од нивните постапки, вели дека ситуацијата во Косово и во Хаити не е идентична, но оти има сличности.

„Мислам дека основните принципи се исти и дека негирањето на одговорноста поставува шаблон за негирање во сите следствени ситуации, што секако ќе значи повторување на циклусот, во однос на идните катастрофи и идните нарушувања на угледот на ООН, на клучни локации низ светот”, вели тој во својот одговор до БИРН.

„Њујорк тајмс“, во 2017 година, објави текст во кој цитираше анонимни извори, кои изјавиле дека во дадена ситуација, во рамките на ООН, имало момент на согласност „за искрено” извинување во случајот со косовските Роми.

Според овие извори, „главната пречка” за ова извинување и за можноста за директна финансиска отштета, била Канцеларијата за правни работи на ООН, која имала приговори на „секоја реченица од изјавата, која можела да се протолкува како признавање на одговорноста”.

Брус Рашкау, кој ја предводел Канцеларијата за правни работи до 2005 година, за БИРН изјави дека, иако ООН може да имаат солидна законска основа да не им платат надомест на жртвите, тие не се изземени од моралната одговорност.

„Мислам дека требале да размислат за формирање на двоен фонд, како што тоа го направија во Хаити и да кажат нешто како: ‘Жалиме што работите се одвиваа на начин, на кој се одвиваа и во Хаити“, нѝ рече Рашкау.

„Интересно за Косово е тоа што изостана внатрешен политички притисок. Прашањето е зошто косовскиот парламент не издвои или побара да се издвојат средства за ова, тоа е нешто за што треба да се размислува“, додаде тој.