Регион

На СФФ бесплатно ќе бидат прикажани филмови со воена тематика

Сцена од филмот Quo vadis Aida . Фото: deblokada.ba

Девет играни и еден краткометражен филм, кои тематски се занимаваат со конфликтите и помирувањето, бесплатно ќе бидат прикажани на интернет и во киното Митинг Поинт во Сараево, од 24 до 30 април, како дел од програмата на СФФ, „Соочување со минатото“.

Оваа програма за прв пат беше покрената во 2016 година, со цел поттикнување на искрениот дијалог за блиското минато на Балканот.

„Тоа е предуслов за надминување на проблемите што произлегоа од неодамнешните војни во поранешна Југославија, кои бесповратно ги обележаа нашите општества. Во изминатите пет години, преку оваа програма, споделивме многу исклучително болни, но инспиративни приказни од целиот свет“, се вели во соопштението на СФФ.

Оваа година на програмата е познатиот наградуван филм на Јасмила Жбаниќ, „Quo Vadis, Aida?“, кој говори за искуството на една жена, која го преживеала геноцидот во Сребреница во 1995 година, кој се најде во потесниот избор за најдобар меѓународен игран филм за наградата Оскар, за 2021 година.

Тука е и документарецот „Дневникот на Дијана Б.“, на хрватската филмски режисерка, Дана Будисављeвиќ, кој раскажува приказна за жена која спасила животи на повеќе од 10.000 деца, затворени во концентрациони логори, за време на Втората светска војна, и филмот „Србенка“, на Небојша Слијепчевиќ, за девојчето Александра Зец, од српска националност, која била убиена во Загреб во 1991 година.

Пред публиката ќе биде претставен и филмот „Товар“ на Огњен Главониќ, кој зборува за човек кој добил пари, со камион да пренесе мистериозен товар од Косово во Белград, за време на бомбардирањето на Србија во 1999 година, и филмот „Обоена птица“, на чешкиот режисер, Вацлав Мархул, според истоимениот роман на Јежи Косински, кој ја опишува Втората светска војна од перспектива на едно момче.

Целокупната програма ќе биде достапна бесплатно на интернет, како и во киното „Митинг Поинт“ во Сараево.

За време на програмата, ќе се одржат и панели со регионални новинари, уметници и професори, кои ќе можат да се следат во живо, преку Фејсбук страницата на СФФ.