„Здравей“, „Aз съм Българин“. Со овие зборови на бугарски јазик што последните 10 години ги изговориле, вкупно 57.627 Македонци успеале да докажат бугарско потекло и да добијат државјанство и пасош како „работна виза“ за иселување, покажуваат податоците што ги добивме од Министерството за правосудство во Софија.
Притоа, освен јазична подготвеност, морало да ги изговорат напамет и најзначајните национални бугарски празници, да покажат познавање на бугарската историја и на хартија да докажуваат крвни врски со подалечни роднини од Бугарија.
Меѓутоа, освен бугарски пасоши, податоците на статистичкото биро на Европската унија, Евростат, покажуваат дека уште 48.589 Македонци од 2005 до 2014 година добиле државјанство од некоја друга европска земја од Унијата или Шенген зоната.
Со тоа, од 2005 година од кога Македонија го доби кандидатскиот статус за членка на ЕУ, вкупно 106.216 Македонци станале Европејци со државјанство и пасош. Тоа значи дека граѓани на ЕУ станале толку Македонци колку што живеат во Битола и во Струмица заедно.
Топ 5 земји по одобрени државјанства за Македонци (2005 – 2014)
Извор: Евростат
По бугарските државјанства, според базите на податоци на Евростат, најбројни се Македонците што добиле државјанство од Швајцарија, и тоа 17.764 граѓани, којашто не е дел од ЕУ, но е дел од Шенген зоната.
Со 9.870 државјанства, Италија е меѓу земјите каде што има најмногу натурализирани Македонци, па следуваат Германија со издадени 7.452 државјанства и Австрија со 3.666 државјанства за македонски граѓани. Во најголем дел станува збор за граѓани коишто отишле на привремена работа во овие земји, но останале трајно и со тоа добиле и државјанство.
Граѓаните што земале државјанство од некоја од европските земји велат дека причините се единствено од економска природа и на странскиот пасош гледаат како на „работна виза“ за спас од бедата во која живееле во Македонија.
Ѓургица Гошева е само една од тие граѓани што во потрага по подобри услови за живот, побарала да добие бугарско државјанство и пасош, и да си ја проба среќата во ветената ЕУ. По долги години активна потрага по работно место во Македонија, летово се отселила во Германија.
„Не си помалку патриот и не значи дека не ја сакаш сопствената татковина ако си извадил бугарски пасош, како во мојот случај, само заради тоа што ‘стомакот ти бил празен’. Додека живеев во Македонија, иако тропав на многу врати и испратив милион CV-a, не најдов работа“, вели Гошева, која 28 години од својот живот живеела во малото гратче Валандово, а од пред неколку месеци живее и работи во германскиот град Дортмунд.
Таа раскажува дека пасошот од Бугарија го чекала околу три години, време во кое поминала неколку интервјуа со бугарските власти за на крај со фотографирање во Министерството за внатрешни работи, официјално да стане Бугарка.
Вели дека засега не помислува да се врати назад во Македонија, иако почетоците се тешки.
„Најголем проблем е јазичната бариера, камо среќа да учев германски јазик многу порано. Сега ги имам сите права како и сите државјани на ЕУ, имам солидна работа и плата, и што е уште поважно, квалитетен живот. Има денови кога ќе те фати емотивна криза и носталгија за дома, но самата помисла дека во Македонија немав основни услови за живот, ниту работа ниту плата, ми дава сила да продолжам да се борам овде“, вели Ѓургица.
Посредниците коишто им помагаат на граѓаните да ги подготват потребните документи, а некои дури и ги поднесуваат во нивно име, коментираат дека во последно време интересот за бугарски пасош е нагло зголемен
Не е позната бројката за поднесени барања за бугарско државјанство годинава, меѓутоа, дел од посредниците коишто им помагаат на граѓаните да ги подготват потребните документи, а некои дури и ги поднесуваат во нивно име, коментираат дека во последно време интересот е нагло зголемен.
Според одговорите што ги добивме од бугарското Министерство за правосудство, бугарските власти ги разгледуваат апликациите за државјанство по 18 месеци пред да дадат конечен одговор, иако пред десетина години тој рок бил подолг, до 4 години.
Оттаму велат дека рекордна година според бројот на одобрени државјанства за Македонци била 2012 година. Бројот на граѓани што досега побарале државјанство пак, бил поголем, но дел од нив биле одбиени.
Одобрени државјанства на Македонци од Бугарија
Извор: Евростат
„Најчести причини поради кои Советот за граѓанство ги отфрла барањата за бугарско државјанство од македонски граѓани се доставување лажни документи утврдени со криминалистички експертски истражувања, изјавување на различна национална припадност од бугарската за време на интервјуто или одбивање од страна на Министерството за внатрешни работи поради криминални појави кај кандидатот или забрана за влез на територијата на Шенген“, пишува во одговорот од бугарското Министерство за правосудство.
За македонските власти – глобален феномен
Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, за БИРН објаснува дека шопингот по пасоши од земјите членки на ЕУ ќе запре кога Македонија ќе стане дел од Унијата. Според него, станува збор за глобален феномен што не го одминува ниту регионот, ниту Македонија – млади, мотивирани и способни луѓе да мигрираат во дел од најбогатите земји од Европа и САД.
„Кога некој наумил да емигрира, тоа секако ќе го стори. Наша работа е да работиме на подобрување на стандардот дома и да отвораме работни места, кои со тек на време ќе стануваат сѐ поконкурентни. Во некои области, најдобрите луѓе на светско ниво, се сконцентрирани на едно место. Ако сте ИТ експерт, од каде и да сте, голема е веројатноста да се вработите во ‘Силиконската долина’. Тоа е природен тек на развој на настаните“, вели Попоски.
Тој вели дека еден од главните фактори е и квалитетот на живеење, a не само заработувачката.
„На второто, секако мора сите заедно да работиме, зaшто предности има и во Македонија. Сигурно ни треба и подобра инфраструктура. Веројатно, сето ова ќе се одвива подинамично со интегрирањето во ЕУ. Кога ќе се израмниме во статусот со земјите членки, тогаш и природно ќе сопре и шопингот на пасоши. Прво, затоа што дотогаш и стандардот ќе ни биде повисок и второ, затоа што вредноста за патување и работа на бугарскиот или na друг ЕУ документ нема да биде поголема од таа на македонскиот“, додава Попоски.
На прашањето што презема државата да го спречи овој тренд, тој вели дека главен адут на властите е креирање работни места.
„Над 180.000 работни места се отворени последните 10 години. Но, не завршуваме само со тоа. Подобрена инфраструктура, кратење на должината на патувањата, модернизација на железницата… Ние немаме друг избор, освен да се трудиме од петни жили да ја зголемиме конкурентноста во Македонија и на тој начин дома да отвориме алтернатива за секој оној македонски граѓанин кој легитимно сака подобри услови за живот и работа“, вели Попоски.
Иселеничкиот егзодус кулминира
Но, колку државата успеала да го спречи овој тренд, сепак зборуваат статистичките податоци, според кои на Македонија ѝ се случува емиграција од димензии на егзодус.
Според последните податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) што ги објави деновиве, само во 2014 година, Македонија ја напуштиле 21.003 граѓани, што е рекордна бројка на иселени луѓе последните 15 години.
Број на отселени Македонци по години
Извор: ОЕЦД
Најмногу од нив, дури 14.650 Македонци во 2014 година тропнале на портите на Германија, 1.459 се отселиле во Австрија и 1.392 во Швајцарија.
Од 2000 година наваму, од кога ОЕЦД ја евидентира емиграцијата, од Македонија се отселени вкупно 171.730 луѓе.
Светска банка, пак, неодамна објави податок што многумина остави со подзината уста – бројот на отселени Македонци до 2013 година, што всушност ја опфаќа емиграцијата последните 50 години и покажува колкава е дијаспората, изнесува 626.312 луѓе.
Во еден извештај на оваа меѓународна финансиска институција за Југоисточна Европа, се констатира дека „регионот губи огромен дел од младото и образовано население. Албанија, Македонија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина се меѓу топ земјите според бројот на емигрантите. Една четвртина од граѓаните веќе живеат надвор од своите татковини“, пишува во Извештајот на Светската банка.
„Најголем дел од емигрантите се млади, работоспособни и генерално пообразовани отколку оние што остануваат во татковината“, констатираше Светската банка во својот извештај
Во овој извештај се проценува дека од деведесеттите години до денес, 4,9 милиони луѓе ги напуштиле овие шест земји, но ако порано главната причина за тоа беа војните по распадот на Југославија, денес луѓето си заминуваат главно од економски причини.
„Слабиот економски раст, хроничната невработеност, животниот стандард еднаков на третина од европскиот просек и постојаната ранливост на надворешни кризи ги тераат луѓето да трагаат по подобри економски услови. Најголем дел од емигрантите се млади, работоспособни и генерално пообразовани отколку оние што остануваат во татковината“, констатираше Светската банка во својот извештај и ги предупреди „властите да инвестираат во развојни проекти што ќе поттикнат брз економски раст, ќе отворат нови работни места во приватниот сектор за да ги мотивираат младите да останат во своите земји, а оние што заминале да посакаат да се вратат“.
Мирнодопските балкански земји меѓу кои и граѓаните на Македонија кои најмногу бараат „прием“ во некоја од земјите во ЕУ се рангирани високо на истата листа со земјите како Сирија, Ирак, и Авганистан каде што беснеат војни.
Пред неколку месеци и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави фрапантен извештај за емиграцијата и нејзините штетни последици во земјите од Источна, Централна и Југоисточна Европа.
Според проценките на ММФ, во периодот од 1990 до 2012 година, по падот на Железната завеса, над 20 милиони луѓе емигрирале од овој дел на Европа, а најголем дел од нив биле млади, високо едуцирани и обучени кои заминале во западноевропските земји-членки на ЕУ, барајќи подобра работа.
Тоа според експертите на ММФ, ги намалило економскиот раст, продуктивноста и конкурентноста на економиите во земјите погодени од емиграција, а довело до позитивни резултати и корист лично за емигрантите и посебно за земјите приматели.
ММФ во овој извештај констатира дека „мотивите за иселување главно биле подобра работа и подобра плата“. Истражувањето покажало дека колку што владите биле помалку ефикасни, а институциите послаби, толку се зголемувала веројатноста младите и образовани луѓе да побараат подобри можности надвор.
Економската миграција водена од индивидуалниот избор е дел од економскиот развој. Преку преселби во странство, емигрантите бараат начини како да ја подобрат својата состојба и состојбата на своите семејства кои остануваат во земјите.
Но, во извештајот на ММФ се наведува дека економската емиграција којашто се случува изминатите 25 години од Исток кон Запад е уникатна од многу аспекти. Прво, таа е од досега невидена брзина, големина и постојаност, споредено со досегашните емиграции на кое било друго место. Второ, многу од емигрантите од источните земји се млади и високо едуцирани, што исто така досега не било случај никаде на друго место, поклопувајќи се во исто време со трендот на стареење во многу источноевропски земји, што има далекусежни ефекти врз економијата и на продуктивноста. Трето, оваа емиграција се чини е перманентна и трајна.
Македонците по Белиот свет на своите во татковината им праќаат по околу 400 милиони долари годишно, односно по 2.800 долари за семејство. Но, само 1% од овие пари се наменети за некакви инвестиции, додека најголем дел служат како неформална социјална заштита и влијаат врз ублажување на сиромаштијата
Точно е тоа дека тие кои емигрираат им праќаат пари на семејствата кои остануваат и дека тие во одреден дел ги поттикнуваат потрошувачката и инвестициите, но одливот на млади и образовани луѓе ја намалува активноста на приватниот сектор, ја намалува конкурентноста на економијата и ги зголемува социјалните трошоци на државите, заради што може да се заклучи дека емиграцијата го намалува растот на економиите, констатира ММФ.
Според последните истражувања, Македонците по Белиот свет на своите во татковината им праќаат по околу 400 милиони долари годишно, односно по 2.800 долари за семејство. Но, само 1% од овие пари се наменети за некакви инвестиции, додека најголем дел служат како неформална социјална заштита и влијаат врз ублажување на сиромаштијата.
Блага Митреска е пензионерка од Прилеп, но вели дека нејзините скромни примања не стигнуваат за месечните трошоци и за лекови, па така помошта од нејзиниот син во странство ѝ е добредојдена.
„Повремено добивам пари од син ми од странство, колку да ги купам потребните лекови, за некоја сметка или пак, за огревно дрво за зимата. Но, и тој сѝ уште не е добро снајден за да ми праќа пари редовно, отиде пред само година и пол“, вели Митреска.
Според истражувањето, најмногу пари во Македонија праќаат иселениците од земјите од ЕУ, Америка, Канада и Австралија.