Актуелно

Намален мигрантскиот бран

За првпат по 2016 година, повеќе бегалци и мигранти ја користат централномедитеранската наместо балканската рута

Сериозно се намалиле шверцот на мигранти и бегалци низ Македонија и обидите за илегално преминување на границата, покажуваат официјалните бројки од првата половина од годинава и од летово, во споредба со истиот период лани.

Шверцот е намален за 72 проценти, а бројот на илегални гранични премини паднал за третина или поточно за 34 отсто.

Јавноста се изненади од податоците зашто низ Македонија минува позната мигрантска рута кон Западна Европа.

Хуманитарните групи што работат со мигранти и со бегалци претпоставуваат дека шверцерите можеби ги одвратило распоредувањето на Фронтекс.
Европската гранична агенција Фронтекс, во април распореди 111 полицајци долж македонската граница, реагирајќи на зголемениот притисок од мигранти и бегалци во 2022 година.

Додека бројките се намалуваат во Македонија, тие се зголемуваат на други места на надворешната граница на Европската Унија (ЕУ). Рутата низ централниот Медитеран – со брод од северна Африка до Италија – сè повеќе го заменува Балканот.

Помалку бројки, поголема ефикасност

Мигранти во обид да ја минат македонско-грчката граница август 2015 | Фото: Роберт Атанасовски

Македонија беше центарот на кризата што избувна во 2015 година, кога голем број бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Азија и од Африка преку Турција и Грција минуваат низ Македонија и Србија, сè до границата на ЕУ со Унгарија и со Хрватска.

Бројките оттогаш варираат. Во првите шест месеци годинава, според полициските податоци, околу 14.000 мигранти или бегалци влегле во земјава, далеку помалку отколку 30.000 регистрирани во првата половина на 2022 година.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека годинава до сега регистрирало околу 6.000 обиди за илегално преминување на границата, од поединци и од групи, и дека повеќето биле спречени.

Деведесет отсто од овие обиди се случиле на границата со Грција.

Министерството соопшти дека годинавa пресретнало 48 случаи на криумчарење мигранти, при што полицајците привеле 20 осомничени трговци со луѓе.

Спласнувањето на бранот се должи и на „општото намалување“ на протокот на мигранти преку границата со Грција.

„Работиме на превенција, не само долж нашите граници, туку и на територијата на земјава“, изјавија од Министерството за БИРН.

„Постапката за овие случаи, идентификацијата на криумчарите и мигрантите е поефикасна, како и постапката за нивна реадмисија во земјите од каде што потекнуваат.“

Хуманитарните групи што работат со мигранти и бегалци, исто така, сведочат за падот на бројката.

„Годинава не гледаме пораст на бројот на мигранти како минатата година“, рече Сузана Тунева-Пауновска, генерален секретар на скопската канцеларија на Црвен крст.

„Напротив, гледаме помалку луѓе што поминуваат“.

Црвен крст соопшти дека понудил поддршка за речиси 6.000 луѓе во првата половина од оваа година, во споредба со 20.000 во истиот период минатата година.

Меѓутоа, шверцерите продолжуваат да наплаќаат меѓу 800 и 1.000 евра за минување низ Македонија, вели таа.

„Гледаме многу случаи на насилство“, изјави Тунева-Пауновска за БИРН.

„Им помагаме на луѓето што биле претепани од трговците со луѓе, кои имаат сериозни повреди, кои ги загубиле рацете или нозете. Помагаме, меѓутоа многу тешко е сето тоа да се гледа“.

Легис, невладина организација со седиште во Скопје, која обезбедува поддршка на мигрантите и бегалците, рече дека присуството на Фронтекс „прави очигледна разлика“.

„Гледаме дека властите се поефикасни во процесуирањето на случаите и спречувањето обиди за трговија со луѓе“, велат од невладината организација за БИРН.

Балканот веќе не е примарна рута

Силите на Форнтекс во Македонија | Фото: Фронтекс

Спротивно на тоа што се случува на границите со Македонија, Фронтекс објави пораст од 10 отсто на општиот број нерегуларни гранични премини на надворешната граница на ЕУ во текот на првата половина од годината, во споредба со истиот период од минатата година.

Тоа се 132.370 мигранти и бегалци – највисокиот вкупен број за првите шест месеци од која било година по 2015 година.

Но, сега балканската е втора најактивна рута со пад од 29 отсто.

Фронтекс смета дека падот на популарноста на балканската рута се должи на построго усогласување на визните политики меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, при што Србија, Македонија, Албанија и Црна Гора воведоа построги проверки и визни режими за голем број земји, главно од Африка и од Средниот Исток.

Годинава, велат од Фронтекс, централно-медитеранската рута „прифаќа еден од секои два нелегални влезови во ЕУ“, и тоа е пораст од речиси 140 отсто.

Балканската рута е далеку од затворена, велат експертите, а трговците со луѓе бараат нови и поиновативни начини за да ги префрлат мигрантите и бегалците на Западен Балкан.

Во јули, на пример, меѓународна полициска операција, во која беа вклучени Интерпол, Европол, Србија и Македонија, резултираше со апсење на 62 осомничени трговци со луѓе, од кои 25 Кубанци.

Трговците со луѓе ги рекламираат своите услуги во Куба за да привлечат клиенти подготвени да платат по околу 9.000 евра за транспорт и фалсификувани документи за влез во Србија. Оттаму, тие патуваат на југ, преку Македонија и Грција со цел да стигнат до Шпанија.

Властите веруваат дека до 5.000 кубански мигранти можеби тргнале по оваа рута, со што трговците со луѓе добиле профит до 45 милиони евра.