Oткако во 2008 година почна да опаѓа моќта на Западот на меѓународно ниво, во Косово еволуираше диспозиција меѓу поранешните сојузници во тандем со нивната повторна проценка на приоритетите на надворешната политика; една од најочигледните манифестации на ова беше нивната решеност да го ограничат зголеменото влијание на Русија на Балканот.
За таа цел, западните сили се обидоа да ја охрабрат Србија, во нивната сфера на влијание.
Ова значеше дека преференциите на Србија беа ставени како приоритет и дека западните земји во суштина ги затворија очите пред сѐ поавторитарната природа на српската влада.
Овој заеднички напор да се смири Белград, беше на сметка на Косово; Косово беше под притисок да прифати компромиси што го поткопаа неговиот суверенитет.
Тука спаѓаат договорот за основање на Заедницата на српски општини од 2013 година, формирањето на Специјализираните совети на Косово во 2015 и Вашингтонскиот договор од септември 2020. Особено – и од најголема важност за темата на нашиот труд – по инструкција на Србија, прашањето за решавање на злосторствата извршени од српските сили на Косово во 90-тите, во суштина беше отстрането од дипломатската агенда.
ЕУ и САД беа домаќини на десетина самити меѓу Србија и Косово од 2008 година па наваму, но фокусот значително се префрли од решавањето на злоделата на Србија во минатото, на „нормализација“ и идна соработка.
Ова се случи и покрај фактот што илјадници луѓе од Косово сѐ уште се водат како исчезнати, а Србија не се искупи за илјадниците силувања, убиства и тортури извршени од нејзините сили, за време на систематската кампања за етничко чистење на Косово, како што е забележано и во многу поглавја во нашата нова збирка на анализи, „Косово и транзициската правда“.
Навистина, во последните години, претседателот и премиерката на Србија, јавно негираа дека се случиле одредени масакри, а претседателот, Александар Вучиќ, во 2018 година дури и изјави дека Слободан Милошевиќ бил „голем српски лидер и неговите намери секако биле најдобри“.
Како што забележуваат многу наши соработници, оние што ја преживеале бруталноста на Србија во 90 -тите, не можеа, а да не бидат лути и разочарани, кога ги видоа своите западни сојузници како молчат пред српските водачи, кои не го признаваат нивното страдање.
Токму во ваков преовладувачки општествен контекст, сега функционираат Специјализираните совети на Косово; затоа, не треба да изненадува што албанската заедница во Косово, не ги пречека со раширени раце.
Во времето на формирањето на Специјализираните совети на Косово, во заедничката изјава на САД и ЕУ беше речено: „Со справувањето со сопственото минатото и обезбедувањето правда за жртвите, Косово може да постигне помирување и изградбата на подобра иднина“.
Останува да видиме дали Специјализираните совети навистина ќе послужат како панацеја; иако сите соработници на нашата книга сугерираат поинаку.
Потребна е согласност на домашен терен
Зградата на Владата на Косово. Фото: Милица Радовановиќ
Конфликтот во Косово беше под јурисдикција на многу институции и механизми, кои се вклопуваат во пошироката рамка на транзициската правда.
Тука спаѓаат меѓународните судови како што се Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, меѓународните организации со судски мандати на Косово, како што се УНМИК и ЕУЛЕКС, квазихибридни трибунали како што се Специјализираните совети на Косово и механизмите за пронаоѓање на вистината, како што се РЕКОМ и Комисијата за вистина и помирување.
Генерално, овие настани го прават Косово исклучително важна студија на случај; сепак, и покрај важноста на Косово, немаше детална збирка пишани трудови, што би го анализирале обемот на овие иницијативи во Косово и нивното меѓународно значење.
За да се справиме со овој јаз, нашиот труд „Косово и транзициската правда“, ја анализира природата и влијанието на различните механизми што досега се користеа, за да се одредат нивните ефекти на Косово, нивното пошироко меѓународно значење и дискутира за досега занемарените аспекти на транзициската правда, како што се репарациите.
Како што е наведено во нашата книга, наметнувањето на модели на транзициската правда, осмислени од странци во постконфликтните општества, може да ја загрози ефикасноста на целиот процес, како што беше тоа случај со Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.
Фактот дека Специјализираните совети на Косово се „хибриден суд“ – базиран на косовскиот устав, но сместен во странство и исклучиво со странски персонал – е очигледен обид „далечински“ да се поправат обвиненијата поднесени пред претходните судови; разни тела со мандат да ги решаваат минатите злосторства на Косово, се формирани на начин кој во суштина ги негира локалните претставници.
Начинот на кој беа формирани Специјализираните совети на Косово и природата на нивниот состав, сепак, претставуваат несреќно проширување на оваа диспозиција.
Судот не го формираа избрани претставници на Косово на доброволна основа; иако Собранието на Косово гласаше за формирање на судот, а владата и претседателот го поддржаа неговото формирање, туку тоа беше многу јасно направено само како одговор на надворешниот притисок. Ова е фундаментално спротивно на нормативните насоки на Европската унија во врска со потребата од локална согласност и сопственост на процесите на транзициската правда.
Прифаќањето на стратегијата за односите со јавноста на Специјализираните совети на Косово, беше ограничено; отсуството на доволно разбирање и поддршка од јавноста за Специјализираните совети, е потенцијално сериозен проблем со оглед на инволвираната чувствителност.
Како такво, иако застапниците на транзициската правда и меѓународните кривични судови секогаш го прикажуваат „справувањето со минатото“ како средство за постигнување помирување и овозможување напредок, начинот на формирање на Специјализираните совети, во контекст на раширена перцепција дека Србија ја избегнала правдата, значи дека овој процес може да има токму спротивен ефект.
Локалните иницијативи имаат поголем легитимитет
Во нашата книга, соработниците укажуваат на степенот до кој претходните иницијативи за транзициска правда не успеале да постигнат правда и/или помирување, негирајќи ги локалните претставници и игнорирајќи голем број од најлошите злосторства.
Не веруваме дека Специјализираните совети ќе ги корегираат овие трендови, и наместо да ги критикуваат минатите и сегашните напори, многу од соработниците дадоа напредни предлози како да се продолжи напред; тоа вклучува специфични законски регулативи, и иако најважната тема е дека транзициската правда има суштинско значење, работата на локалните актери, без разлика дали се локални експерти, политичари или граѓански активисти, мора да биде примарна.
Многу соработници ја нагласуваат ефективноста на иницијативите – од феминистичките театри, преку локалната работа на полето на човековите права, до групите за застапување на жените – кои се во суштина од локален карактер и затоа инхерентно се полегитимни од механизмите наметнати однадвор.
По завршувањето на книгата, Косово избра нова влада посветена на зајакнувањето на локалните актери за промени и напредок; во август, владата ја претстави почетната фаза на новата стратегија за транзициска правда, осмислена во насока на ефикасно спроведување на правдата, за оние што страдаа во текот на 90 -тите и со максимално учество на локалното население во тоа.
Ова е знак на надеж дека е започнат нов пристап кон транзициската правда на Косово.
Furtuna Sheremeti and Aidan Hehir
Ејдан Хехир е експерт за меѓународни односи на Универзитетот во Вестминстер во Лондон. Фурута Шеремети е доктор-истражувач на Институтот за криминологија КУ Левен во Белгија. Книгата „Косово и транзициската правда: Стремеж кон правда по големиот конфликт“, е објавена од страна на Раутлиџ.
Ставовите изразени во овој коментар се ставови на авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН