Регион

Станишиќ и Симатовиќ поднесоа жалба на осудителната пресуда

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг

Адвокатите на поранешните функционери на српската Служба за државна безбедност (СДБ), Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, поднесоа жалба на пресудата со која во јуни беа осудени на по 12 години затвор, за помагање и поддржување на злосторствата во Босна и Херцеговина, во 1992 година.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, ги осуди за помагање и поддржување на злосторствата извршени од специјалната единица на СДБ, во областа на Босански Шамац, но ги ослободи од обвиненијата за други злосторства извршени од српски единици на други места во БиХ и во Хрватска, за време на војните во раните 90 –ти години.

Ова беше прва пресуда изречена на високи српски воени функционери за воени злосторства извршени во војните што избија за време на распадот на Југославија. Пресудата, исто така, потврди неколку детали кои утврдуваат дека Србија била вклучена во конфликтите во БиХ и Хрватска, и покрај фактот што таа тоа го негира.

Во својата жалба, Станишиќ и Симатовиќ побараа од судот да ја укине пресудата и да донесе одлука оти тие не се виновни или да ја намали нивната казна затвор.

Одбраната на Станишиќ наведе дека Судскиот совет погрешил кога утврдил дека со организирањето на обука за припадниците на единицата на СДБ и на локалните српски сили во кампот Пајзош во Хрватска и со нивното распоредување при преземањето на Босански Шамац,тие „ обезбедиле практична помош, што имало значително влијание врз извршувањето на злосторствата прогон, убиства и насилно раселување од страна на припадниците на единицата и локалните српски сили “.

Одбраната, исто така, истакнува дека судскиот совет не воспоставил врска помеѓу нивната наводна помош и сторените злосторства, меѓу кои е и масакрот во Црквина, извршен во мај 1992 година.

Одбраната на Станишиќ посочи дека, бидејќи судот утврдил оти тој не ги контролирал сторителите, ниту ги насочувал за време на извршувањето на злосторствата, „судскиот совет погреши што не процени или не даде образложено мислење за тоа колку практичната помош значително влијаела на сторените злосторства во целина.“

Станишиќ и Симатовиќ беа обвинети како наводни членови на заеднички злосторнички потфат, извршен за време на војните во БиХ и Хрватска, заедно со Слободан Милошевиќ и други српски политички, воени и полициски функционери и српски водачи од Хрватска и БиХ.

Но, во жалбата на Станишиќ се наведува дека судот „не им дал соодветна тежина на доказите кои покажаа дека Станишиќ не бил дел од ЗЗП (заедничкиот злосторнички потфат)“.

Во жалбата на Симатовиќ се наведува дека судот направил голем број грешки, наведувајќи дека погрешно е утврдено дека тој ја формирал Единицата за специјални операции (ЕСО) на СДБ, од борци кои биле обучени во Хрватска во 1991 година.

Се додава дека судот погрешно утврдил дека Симатовиќ имал овластување над ЕСО и дека тој се согласил за „аранжманите за обука на лицата испратени во Босански Шамац (со цел да се борат)“.

„Судскиот совет погреши и фактички и законски, кога утврди дека Симатовиќ бил свесен дека со тоа што ќе им дозволи на лицата да користат објекти и ќе бидат обучени во Босански Шамац, тој ќе ги поддржи воените акции и, во контекст на конфликтот во тоа време, извршувањето на злосторствата од овие сили“, се вели во жалбата.

Milica Stojanovic