Регион

Во Косово беа уапсени седум лица кои протестираа против претседателката на ССК

Полицијата ги апси демонстрантите на СДП во Приштина. Фото: БИРН/Урим Красниќи

Косовската полиција уапси седум членови на Социјалдемократската партија (СДП) на Косово, откако демонстрантите се обидоа да го спречат настанот во Приштина организиран од ССК, кои ги обвинуваат за деградирање на борбата на ОВК против српските сили.

Кога Екатерина Трендафилова, претседателката на ССК, го започна својот говор пред активистите на граѓанското општество и новинарите, двајца демонстранти ја прекинаа свирејќи со свирчиња. Тие ја нарекоа Трендафилова претставник на неправеден суд, за кој тврдат дека се обидува да ја „промени историјата на Косово“.

Останатите притворени протестираа пред зградата, меѓу кои беше и Дардан Малиќи, лидеот на СДП, мала партија без пратеници во парламентот.

„Специјалниот суд е неправеден, тој не може да донесе правда“, се вели во соопштението на партијата, во кое се додава дека полицијата при апсењето на нејзините членови, употребила прекумерна сила.

Поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, и неколку други поранешни високи команданти на ОВК, кои се обвинети за воени злосторства, чекаат судење пред Специјализираните совети во Хаг.

СДП, како и другите критичари на ССК, тврди дека судот ги цели само  Албанците од Косово и оти ги игнорира посериозните злосторства извршени од српските сили за време на војната 1998-1999 година.

Специјализираните совети се дел од судскиот систем на Косово, но се наоѓаат во Холандија и во нив е вработен меѓународен персонал.

Тие беа формирани со одлука на пратениците во август 2015 година, под притисок на западните сојузници, кои сметаат дека судскиот систем на Косово не е доволно силен за да ги суди случаите на ОВК и да ги заштити сведоците, поради претходните случаи пред Хашкиот трибунал, кои беа придружени со заплашување на сведоците.

Тачи и кообвинетите, се товарат дека, за време на војната, биле дел од „заеднички злосторнички потфат“. Овој термин честопати на Косово се толкува како напад на ОВК и можно сугерирање дека ОВК била злосторничка организација.

За време на денешниот настан, Трендафилова објасни дека заеднички злосторнички потфат е правен концепт што се користи за да „се повикаат на одговорност не само оние што извршиле злосторства на терен, туку и организаторите“ што стојат зад нив.

Трендафилова побара да им се дозволи на двајцата демонстранти кои влегоа во просторијата во која се одржуваше настанот, да се вратат, да ги изнесат своите наводи и да добијат одговори.

Таа изјави дека ССК воспоставиле добар систем за заштита на сведоците и на сите жртви на воените злосторства, кои ќе решат да учествуваат во судењата,  преку шемата на овој суд за учество на жртвите.

„Вложуваме големи напори да ги заштитиме луѓето“, нагласи таа.

Секретарот на ССК, Фиделма Донлон, нагласи дека „постапката за аплицирање (за учество на жртвите) е доверлива“ и дека апликациите ќе бидат решени „на доверлив и безбеден начин“.

Xhorxhina Bami