Регион

Војникoт од фотографијата: Во знак на сеќавање на Ричард Холбрук

Случајна фотографија направена во 1998 година на починат американски дипломат означува пресвртница во војната во Косово

По олеснувањето на мерките наметнати поради пандемијата на корона вирусот во Австралија, во јуни оваа година, се сретнав со тогашниот амбасадор на Косово, Хајдин Абази, во ресторан во Канбера, за да разговараме за тековниот дијалог меѓу Србија и Косово.

Бев возбуден кога открив дека Абази е личноста што западните медиуми сѐ уште ја нарекуваа „неидентификуваниот“ припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), од помалку таинствената фотографија со починатиот амбасадор, Ричард Дик Холбрук.

Оние што се запознаени со ситуацијата од војните во 90-тите години на територијата на поранешна Југославија, ќе препознаат на која историска фотографија мислам. Тоа е онаа на која Холбрук, без чевли и во бела кошула со пруги, седи на под, рамо до рамо со човек облечен во воена униформа, со зелена беретка со знакот на ОВК, со калливи чизми и АК-47 во неговите раце. И двајцата носат очила и изгледаат доста опуштено – на Холбрук дури му е олабавена и вратоврската. Како што се испостави, она што наизглед беше мирен момент, ќе има огромни дипломатски ефекти.

Сакав да слушнам за впечатокот на Абази за Холбрук и да дознаам за контекстот на фотографијата. А на кого не му се допаѓа приказната за Холбрук?

Американскиот дипломат живееше живот исполнет со драма. Театрално, каков што и самиот беше, тој почина пред нешто повеќе од една деценија, недолго откако се струполи среде состанок со тогашната државна секретарка, Хилари Клинтон. Последните зборови на Холбрук беа: „Мора да ја прекинете оваа војна во Авганистан“, оставајќи збунетост кај западните експерти за точното значење на неговата последна желба.

Холбрук беше малку налик на Вегемит, темно кафеав австралиски крем од пивски квасец и зеленчук: или го сакате или го мразите. Овој државник имаше долг список на достигнувања и беше познат како некој што решава проблеми. Французите му дадоа прекар „Булдожер“ и не е тајна дека неговото однесување понекогаш иритираше одредени поединци – од негови непосредни колеги, до високи странски функционери. Но, што му значеше Холбрук на Абази? И какво влијание имаше тој на Косово?

Писателот станува војник

Во времето на Југославија, во составот на Србија се наоѓаа и две автономни покраини: Косово и Војводина. Косовските Албанци беа доминантната идентитетска група во Косово и беа соочени со тешка систематска дискриминација.

Во своите рани дваесетти години, од 1979 до 1983 година, Абази, заедно со други албански активисти, се нашол в затвор поради неговиот политички активизам. Кое било неговото злосторство? Тој се залагал Косово да стане република во рамките на Југославија. До 1989 година, Слободан Милошевиќ стана претседател на Србија и го промовираше етничкиот српски национализам, додека Абази станал бегалец и завршил во Шведска. Овој Албанец од Косово, брзо се вклопил во шведската култура, тој дури и пишувал поезија за својот нов дом, цело време внимателно следејќи го распадот на поранешна Југославија.

До 1993 година, остатокот од Југославија го чинеа Србија и Црна Гора – сите други републики станаа независни држави. И покрај неговата новооткриена љубов кон Шведска, Абази почувствувал желба да се врати во Косово, за да се бори за негова независност. Војната во Косово изби во февруари 1998 година, а еден месец подоцна, писателот пристигнал во својата татковина, за да даде придонес во воените напори.

За време на војната во Косово, 1998-1999 година, Абази го добил прекарот – Лум Хаџиу, што му го дал командантот на регионот Дукаѓини, Рамуш Харадинај. Се зборува дека Харадинај, откако Србин го застрелал во раката и колкот, ставил сирење на раните, за да го запре крварењето и да ја продолжи борбата. Години подоцна, Харадинај стана премиер на Косово.

Абази се сретнал со Холбрук во среда, на 24 јуни 1998 година, на пладне, во Јуник, мало градче во југозападниот дел на Косово, во близина на границата со Албанија. Во тоа време, Холбрук беше специјален пратеник на претседателот Бил Клинтон за Балканот. Средбата, која Абази проценува дека траела околу еден час и 40 минути, била значајна, затоа што тоа било првпат висок американски функционер, јавно да се сретне со ОВК. Всушност, во февруари истата година, претходникот на Холбрук, Роберт Гелбард, ја нарече ОВК „терористичка“ организација.

Пред состанокот во Јуник, САД главно се занимаваа со Ибрахим Ругова, еден од основачите на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК). Тој беше научник препознатлив по марамата што секогаш ја носеше и по името „Балкански Ганди“. Разочарани што системската дискриминација врз косовските Албанци беше исклучена од Дејтонскиот мировен процес на Холбрук, некои Албанци на Косово почнаа да го отфрлаат пацифизмот на Ругова и да го прифаќаат повикот на ОВК за земање на оружје в раце.

Во првите месеци од 1997 година, ОВК беше неорганизирана организација со помалку од 100 парчиња оружје. Потоа се случи чудо: Албанија доживеа големи политички и економски превирања по распадот на Понзиевите шеми. За време на побуната, складиштата за оружје во оваа земја останаа без обезбедување, што им овозможи на разбојниците да го испразнат целиот нејзин арсенал, вклучувајќи и околу половина милион АК-47, од кои голем дел стигнаа преку границата и завршија во рацете на ОВК. До мај 1998 година, ОВК веќе имаше контрола над околу 40 проценти од територијата на Косово.

Јуник беше местото каде што ОВК прво го објави своето формирање, а подоцна стана медиумски центар за меѓународните новинари, кои известуваа за војната во Косово. Како и во случајот со босанските муслимани, за време на војната во Босна и Херцеговина 1992-1995 година, српската пропаганда ги прикажуваше косовските Албанци како радикални исламисти што водат света војна. Во Јуник, Абази – офицер за морал, политика и информирање во седиштето на подзоните Јуник и Река е Кеќе – заедно со младиот Албанец од Косово, Гани Шеху – командант на штабот на ОВК за Јуник – беа одговорни за односи со јавноста на ОВК. Двоецот Абази-Шеху, формираше силно партнерство и често комуницираше со медиумите како Ројтерс, Си-Ен-Ен, Вашингтон Пост, Асошиејтед Прес и Њујорк Тајмс, за прашања поврзани со ослободителната борба на ОВК, против оние што останаа во составот на Југославија.

Пристигнува славниот дипломат

На судбоносниот ден во јуни, задишан припадник на ОВК, му пренел порака на Абази: Шеху бара да биде присутен во една блиска селска куќа. Абази вели дека скокнал на мотор и полека почнал да се приближува кон куќата. По пристигнувањето, забележал двајца мажи кои изгледале како припадници на безбедносни служби: облечени во темни одела, со очила за сонце и радиостаници во рацете, како стојат покрај граничниот пункт. Во тој момент Абази сфатил дека ќе биде домаќин на странец, можеби ВИП лице. Сепак, вели тој, бил целосно шокиран кога Шеху го известил дека ќе се сретне со специјалниот пратеник на Клинтон за Балканот, Холбрук. Војната се надвила над Јуник. Пред доаѓањето на Холбрук, немало дипломатски аранжмани, а во Јуник електричната енергија била во прекин, што ја оставило ОВК со малку информации за тоа што се случува надвор од оваа област.

Двајцата мажи ги известиле Абази и Шеху дека припадниците на српската безбедносна служба инсистираат да го спроведат Холбрук до територијата на ОВК „со цел да го заштитат“. Абази, кој сакал да ја избегне медиумската реакција, а не сакал на сребрена чинија да им даде на Србите можност да соберат информации, одговорил: „Господине, кажете му на амбасадорот Холбрук дека ќе бидеме среќни да го примиме. Многу е важно тој да дојде во Јуник затоа што имаме важни работи да разговараме, но не можеме да им дозволиме на нашите непријатели – Србите – да влезат на територијата на ОВК … ќе ја гарантираме безбедноста на амбасадорот Холбрук“. Абази потоа го погледнал младиот Шеху, кој кимнал со главата во знак на согласност.

Двајцата припадници на ОВК нервозно гледале во мажите кои преку радиостаница му ги пренесувале условите на Абази на тимот на Холбрук. Тие не го сакале српскиот непријател на своја територија, но во исто време, не сакале да бидат одговорни за пропуштањето на можноста да се сретнат со Холбрук. Специјалниот пратеник на Клинтон, беше познат на Балканот по својата улога во ставањето крај на војната во БиХ. Покрај тоа, неколку дена пред да пристигне во Јуник, Холбрук ги објави своите мемоари за Дејтонскиот процес „Ставање крај на војната“ и беше назначен за американски амбасадор во Обединетите нации. Доколку тимот на Холбрук ги одбие условите за влез, тоа ќе биде голема срамота за ОВК, а двајцата припадници на ОВК ќе бидат повикани на одговорност заради тоа.

По разговорот, кој им се чинел бесконечен и на Абази и на Шеху, еден од двајцата мажи им соопштил дека: „Амбасадорот Холбрук доаѓа!“. Абази и Шеху биле воодушевени, но почнале да се грижат за безбедноста на Холбрук и за содржината на разговорот со него. Српските воени сили, движејќи се директно кон нив, биле на само 300 до 400 метри оддалеченост од Јуник.

Првичната еуфорија заради претстојното доаѓање на Холбрук набргу стивнала, кога Абази сфатил дека состанокот ќе биде различен од неговите медиумски ангажмани. Абази очекувал дека состанокот нема да биде само информативна дискусија, туку дека ќе има „политичко значење“. Тој на ова гледал како на форма на „дипломатски преговори“ што можат да влијаат на текот на иднината на Косово. Абази почувствувал грчеви во стомакот, поради што дел од него посакал со него да има некој од повисокото ниво на воениот синџир на ОВК, со оглед на тоа што во тој момент на плеќите му тежела иднината на Косово. Се разбира, фактот дека имало многу „непознаници“ не помогнал – ОВК немала ниту формална политичка структура, а целите на движењето сѐ уште биле рудиментарни. Абази дишел длабоко и размислувал за неговиот активизам во изминатите две и пол децении во земјите како Шведска, Данска, Австрија, Швајцарија, Германија и Норвешка. Тој заклучил дека тоа го подготвувало за овој клучен ангажман со Холбрук.

Половина час по најавата на изненадувачката посета на Холбрук, долга колона бели џипови се појавила низ правот во далечината. Американското знаме се веело на антената на првото возило на поворката. Кога возилата запреле, Абази веднаш го препознал Холбрук, во моментот кога маж висок 185 сантиметри, излегол од едно од возилата. Холбрук беше познат во Србија по тоа што лобираше за НАТО-интервенција, со цел да се стави крај на војната во БиХ, но на Косово го славеа.

Холбрук бил придружуван од неколку колеги, вклучувајќи го и Кристофер Хил (тогашен американски амбасадор во Македонија и новоназначен специјален пратеник на САД во Косово) и Тина Кејданау (специјална помошничка на Хил и иден амбасадор во Косово), и голем број новинари – вклучувајќи го и починатиот воен известувач, Курт Шорк, и претставници на ЛДК, меѓу кои бил и првиот човек на Ругова, Фехми Агани, кој беше убиен од југословенските безбедносни сили речиси една година по состанокот во Јуник.

Абази ги знаел повеќето од оние што пристигнале, најмногу Шорк, кој го интервјуирал неколку дена претходно. Овој воен дописник беше познат по документарниот филм кој го имаше снимено во Сараево, „Ромео и Јулија од Сараево“. На Абази многу му значело да ја раскаже својата приказна за војната во Косово на еден толку познат новинар. Тој дури напишал и песна за Шорк, откако тој бил убиен во заседа во 2000 година во Сиера Леоне, додека известуваше за Ројтерс.

Што се однесува до Холбрук, тој секогаш имаше посебна врска со медиумите. Тој внимателно ги слушаше новинарите и нивното толкување на настаните, бидејќи тие често имаа подобар увид од дипломатите, и честопати ги користеше медиумите, давајќи им неофицијални информации, да ја оствари својата цел. Тој не само што ги избра Шорк и другите новинари за да добие информации за ОВК, вклучително и за минатото на Абази, туку, како што ќе се види подоцна, кога Холбрук ја заврши својата средба во Јуник, да застана пред камерите и да испрати стратешка порака до цел свет.

Средбата во Јуник

Абази се сеќава дека кога Холбрук влегол во куѓата на Мета Шала, тој ги соблекол чевлите. Потоа, на половина пат по скалите, Холбрук опоменал дел од своите американски колеги, бидејќи обуени влегле во куќата, објаснувајќи им дека тоа е израз на непочитување на нивните домаќини. Неговите колеги го послушале и ги собуле чевлите на влезот (освен еден или двајца, вклучувајќи го и амбасадорот Хил).

Што се однесува до Абази, тој доцнел зад групата. Морал да се осигура дека ситуацијата е безбедна, бидејќи се плашел дека српските безбедносни сили ќе ја нападнат делегацијата на Холбрук, а потоа за тоа ќе ја обвинат ОВК. Кога се уверил дека сѐ е безбедно, тој ѝ се придружил на делегацијата.

Кога влегол, Абази сакал да ги соблече воените чизми, но за момент застанал и размислил малку. Поради безбедносната ситуација во Јуник, тој неколку ноќи по ред, спиел во чизми, па ако сега ги соблече можеби ќе се почувствува непријатен мирис, што можеби може да предизвика и дипломатски инцидент. На негова среќа, неговиот домаќин, Мете Шала, инсистирал Абази да влезе обуен, со образложение дека мора да биде „подготвен за борба“ во секое време – непријателот можел да ги нападне во секој момент. Од истата причина, Шала инсистирал Абази да го задржи и својот калашников, иако, од почит, требало да му го предаде на својот домаќин. Мете Шала бил глава на куќата и Абази морал да го испочитува.

Откако Абази влегол во куќата, околу Холбрук, кој седел на подот, веќе седеле Хил од десната, и младиот, Гани Шеху, од левата страна. Потоа, Мете Шала, интервенирал по трет и последен пат: тој инсистирал Шеху да направи простор за да може Абази, највисокиот присутен офицер на ОВК, да седне до Холбрук. Како вистински дипломат, домаќинот ја започнал комуникацијата помеѓу двете најважни личности од делегациите. Сликата на избричениот американски дипломат, што седи на под во чорапи и брадестиот припадник на ОВК, со АК-47 во рацете и калливи чизми, не можеше да помине незабележително. За медиумите беше „уживање“ да ги сликаат Холбрук и Абази со своите камери и фотоапарати. Некои од овие фотографии станаа вирални за само неколку денови.

По фотографирањето, Холбрук љубезно ги замолил новинарите да излезат „за да разговараме“. Со турско кафе и вода од извор, љубопитниот Холбрук ги бомбардирал своите нови пријатели на ОВК со разни прашања. Во еден момент, тој се свртел кон Абази и го прашал: „Дали сте вие писателот со оружје?“. Абази бил изненаден што Холбрук знае нешто за неговото минато. Тој вели дека Холбрук „позајмил“ ред од напис за него, веројатно напишан од Шорк, објавен во западните медиуми непосредно пред нивниот разговор.

Уште од 1973 година, долго пред да стане познат како Лум Хаџи, Абази се борел со молив и хартија против репресијата врз косовските Албанци. Но, бидејќи ненасилните мерки не вродиле со плод, „како последно средство“, како што му објаснил Абази за Холбрук, „тој зел оружје, за да ја брани оваа земја, за моите деца да не останат без своите домови“. За да ја разјасни поентата, тој додал: „Претпочитам да земам пенкало и да пишувам, отколку да го користам ова оружје“. Абази навистина ја мразел војната. Всушност, околу една година по средбата со Холбрук, тој ја напишал песната „Засолнети во планините“, во која зборува за тешкотиите на војната:

Овде сѐ недостасува, дури и вода.

Кристали од отров и чад од гранати го загадуваат воздухот.

Стомакот, мелејќи го сеќавањето на оброците, нѐ претвора во глодари.

Овде е апсолутна само несигурноста.

За да избегате од студот на ужасот, запалете го огнот на надежта.

Како што напредувал дијалогот, што во јуни 1998 година се водеше меѓу американската делегација и претставниците на ОВК, Холбрук го прашал Абази за целите на ОВК, кои сѐ уште не им беа јасни на САД. Абази претходно одговарал на слични прашања што му ги поставувале бројни новинари, но бил свесен за фактот дека овој пат неговиот одговор ќе добие важност, со оглед на тоа што примателот на неговата порака е голема дипломатска личност. Тој одговорил: „Искрено, сакаме да се ослободиме од окупацискиот режим на Србија во Косово. Сакаме да се разделиме со Србија засекогаш“.

Абази потоа ѝ дал на делегацијата на Холбрук повеќе детали за страдањата на косовските Албанци под српска власт. Прашање е дали на Холбрук му беа потребни дополнителни лекции со оглед на тоа дека тој ја знаеше ситуацијата врз основа на неговите претходни искуства на Балканот. Холбрук знаеше како започна распадот на Југославија, го знаеше Милошевиќ и знаеше за неговата желба за Голема Србија, а ги виде и резултатите од етничкото чистење – еуфемизам што стана познат во 90 -тите години, по тешките злосторства врз група луѓе, извршени поради нивниот идентитет. Многу од овие прашања се истакнати во неговата книга „Ставање крај на војната“. Но, слушањето е клучен дел од дипломатијата, па Холбрук го слушал. Абази го завршил својот одговор на Холбрук, додавајќи дека тие сакаат Косово да биде слободно, не само за Албанците, туку и за сите малцинства што живеат во неговите граници.

Холбрук му рекол на Абази дека една од неговите клучни цели е да промовира примирје меѓу ОВК и остатокот од Југославија, и го прашал дали бунтовничката група ќе им дозволи на српските сили, пристап до одреден дел од територијата под контрола на ОВК во Јуник. Одговорот на Абази бил: „ОВК сака мир, но тој мир мора да дојде со слобода“. Со други зборови, нема да има прекин на огнот без гаранции за независност. Покрај тоа, додал Абази, прекинот на огнот е нешто што мора да се дискутира на повисоко ниво, во синџирот на ОВК.

Иако, во времето на одржувањето на состанокот, САД и другите членки на НАТО не ја признаваа независноста на Косово, Холбрук, вели Абази, му пренел важна порака: Косово еден ден ќе биде независно, но ако сака поддршка од Запад, ОВК мора да се ослободи од муџахедините – радикални исламски странски борци. Очигледно, САД имале информации дека муџахедините ја поддржуваат ОВК и Холбрук сакал да знае дали е тоа вистина.

Абази на Холбрук му рекол оти слушнал само гласини за странски исламски борци кои влегле на Косово. Косовските Албанци, додал Абази, се обединети со нивниот национален идентитет и иако повеќето од нив се муслимани, тие се борат за демократска, секуларна држава. „Ова не е света војна, ова е војна за слобода“, му рекол Абази на Холбрук. Што е уште поважно, тој истакнал дека „интересите на косовските Албанци отсекогаш биле и ќе продолжат да бидат усогласени со оние на Западот, особено со оние на Соединетите Американски Држави“.

Холбрук тогаш го повикал Абази да ја убеди ОВК да соработува со ДСК, заради заедничката цел. Сепак, познатиот дипломат веројатно знаел дека фактите на терен се променети: ДСК на Руговина брзо ја губеше поддршката, бидејќи сѐ повеќе Албанци од Косово ѝ се приклучуваа на ОВК. Впрочем, тоа беше една од причините зошто Холбрук одлучи да стапи во контакт со бунтовниците. Како и да е, Абази му објаснил на Холбрук дека многу поранешни членови на ДСК, вклучително и Шеху, кој бил претседател на ДСК во Јуник пред војната, станале членови на ОВК, нагласувајќи дека нивните цели се поклопуваат. ОВК, сепак, сметаше дека пацифизмот не им помага на косовските Албанци да добијат слобода. Според тоа, војната на Косово, вели Абази, беше разликата помеѓу „животот и смртта“.

Се чинеше дека и Холбрук дошол до истиот заклучок, пред да ја напушти куќата. Тој го допрел стариот АК-47 и на Абази му рекол: „Подобро држи се до ова, затоа што единствениот јазик што го разбира Милошевиќ е моќта на оружјето“. Дотогаш, Милошевиќ веќе го беше исчистил Косово од околу 80.000 косовски Албанци и уби повеќе од 300 луѓе, главно цивили. Американските власти беа загрижени дека Милошевиќ ќе изврши етничко чистење на Косово, како што тоа веќе се случи во Србија, Хрватска и во Босна. Всушност, по состанокот во Јуник, Холбрук јавно повлече паралели. Откако виде дел од штетата и масакрите на Косово, тој рече: „Ова не е резултат на борбите … југословенските безбедносни сили беа тие кои влегоа и протераа луѓе“.

Холбрук, со својот јасен и без емоции тон, дополнително нагласи: „Единствената алтернатива на борбата … се мирните преговори … Тоа е толку едноставно, а комплицирано“. Од Јуник тој замина без ветување за прекин на огнот, но не пред да го окарактеризира овој настан како неофицијален. Холбрук изјави: „Ова не е официјален состанок на американски претставници и припадници на ОВК“.

Меѓутоа, овој остроумен дипломат, сигурно знаел дека неговата фотографија на која се гледа како тој седи со Абази, кој во рацете држи АК-47, ќе биде објавена во бројни медиуми ширум светот и дека тоа сигурно ќе му смета на Милошевиќ. Меѓутоа, тој мораше да ги држи отворени дипломатските канали, па утредента го испрати Хил во Белград, за да го убеди српскиот лидер, дека „припадникот на ОВК што личи на Че Гевара“ (како што Хил го опишува Абази во своите мемоари „Outpost: A Diplomat at Work“), „неочекувано “влегол во собата во куќата каде што седеле.

Сепак, Милошевиќ бил лут. Според Хил, тој рекол: „Ми се допаѓа Дик (како што го нарекуваше Холбрук). Но, за својата кариера, тој би јадел и мали деца за појадок “.

После сѐ

Во својата нова книга, „Нашиот човек“, Џорџ Пакер тврди дека тогашната државна секретарка, Медлин Олбрајт, не била среќна што Холбрук е избран за американски амбасадор во ООН. Наводно, таа го отфрлила неговиот ангажман во Косово и рекла: „Тој таму ја зезна работата. Тој не е гениј“. Меѓутоа, од перспективата на Абази, ненајавената посета на Холбрук ја  охрабрила ОВК и им дала надеж дека Косово еден ден може да постигне независност.

Денешната светска сила, во минатото, исто така, водеше војна за независност, а во јуни 1998 година испрати моќна дипломатска фигура во Косово, за да ја утврди каузата на ОВК. На крајот на краиштата, секогаш постои тенка линија помеѓу тоа да се биде терорист и ослободител. Кога Холбрук седна рамо до рамо со Абази пред медиумите, кои тие ги овековечија, тоа означи пресвртница во војната во Косово, бидејќи САД ја прифатија ОВК, не како „терористичка“ организација, туку како играч со праведна причина, со кого Вашингтон беше подготвен да работи.

Абази сигурно ја пренел пораката за загриженоста на САД во врска со муџахедините, бидејќи околу 115 исламски борци, познати како групата Абу Бакр Сидик, кои дејствуваа на Косово од мај до јуни 1998 година, беа распуштени кратко по состанокот во Јуник.

На крајот, како што предвиде Холбрук, Милошевиќ продолжи да врши големи злосторства над косовските Албанци, раселувајќи меѓу 1,2 и 1,45 милиони луѓе, речиси 90 проценти од населението и уби повеќе од 10.000 луѓе, пред НАТО да интервенира и да го запре геноцидот. И Олбрајт одигра важна улога заложувајќи се за интервенција на НАТО, со цел запирање на српските злосторства во Косово. На крајот на минатата година, таа забележа дека тоа бил еден од најгордите моменти во нејзината кариера и се пошегува дека споменикот што во нејзина чест е изграден во Косово, „ја прави повисока“.

На 17 февруари 2008 година, Косово прогласи независност. Соединетите Американски Држави го признаа суверенитетот на Косово и беа следени од над 100 држави. Иако технички, во Косово владее мир, конфликтот и натаму тлее, бидејќи Србија, заедно со, што е најважно, Русија, Кина и пет земји членки на ЕУ, не ја признаваат неговата независност. Дијалогот меѓу Србија и Косово ќе биде клучен приоритет за администрацијата на Бајден.

Што се однесува до Абази, по војната тој го напушти прекарот Лум Хаџи и ја замени униформата и оружјето со цивилна облека и молив. Во меѓувреме, тој стана доктор по филозофија, а покрај тоа што пишувал поезија, поминал и неколку години во политиката, пред да стане амбасадор на Косово во Австралија, гордо претставувајќи ја својата земја до јули оваа година. За Абази, Холбрук засекогаш ќе остане херој.

Др Леон Хартвел е вршител на должноста директор на Трансатлантската програма за лидерство во Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА)

Leon Hartwell