Анализи

Напуштањето кучиња сѐ повеќе ги загрозува дивите предели

Поради немањето контрола, животните се оставаат во рурални средини

За да најдат рис, истражувачите на оваа голема балканска мачка мора да одат во најдлабоките шуми на највисоките планини во западните делови на Македонија. Последното нешто што би очекувале да видат таму е напуштено домашно куче.

Сепак, податоците на Македонското еколошко друштво, кое веќе две децении го истражува балканскиот рис, покажуваат дека во местата што досега се сметале за недопрена природна средина, сѐ почесто може да се видат кучиња. До пет проценти од фотографиите со цицачи што ги направиле нивните фотозамки во Националниот парк Маврово (камери со сензор што сликаат кога нешто ќе помине пред нив) биле од кучиња. Навидум мала бројка, но, сепак, значителна промена, што може да предизвика непредвидливи последици врз кревките планински екосистеми.

Кучињата, секако, се најмалку виновни за тоа, додаваат од МЕД. Поради неконтролираното размножување на домашните миленици, многу сопственици се ослободуваат од „вишокот“ рожби во руралните средини, или од животни што поради други причини веќе не сакаат или не можат да ги чуваат. Таму нема никакви системи за заловување и згрижување на бездомните животни, па така дел од нив, тие што ќе преживеат, завршуваат во планините и ја разнишуваат природната рамнотежа.

Голем стрес за кучето и нарушен природен баланс

Бездомно куче во Националниот парк Маврово | Фото: Фотозамка на МЕД

Тоа, пред сѐ, е голем шок за кучето и нехуман третман, вели Диме Меловски од МЕД, истражувач на рисовите и на други големи диви цицачи.

„Од чувано куче, за кое некој се грижел, тоа одеднаш е оставено само во природа. Постојано е под стрес бидејќи се наоѓа во непозната средина. Може да загине, да се разболи или да го нападнат други животни“, вели Меловски.

Тој додава дека оставени кучиња може да се видат на Ѓавато, Буково, Маврово, Попова Шапка… Тоа се планински превои или други места до кои може да се стигне по пат, а, сепак, нема доволно сообраќај, па сопственикот може да го остави животното без да биде виден.

Поради стресот и стравот, кучињата го менуваат однесувањето и стануваат поагресивни, објаснува Меловски. Гладни и оставени самите на себе, нивниот прв инстинкт е да најдат некое ѓубриште на кое ќе можат да се прехранат. Потоа доаѓа нивното мешање во природниот екосистем.

Кучиња дојадуваат плен од диво животно | Фото: Фотозамка на МЕД

Дел научуваат да го наоѓаат и да го докрајчуваат пленот на дивите животни, кои поради нив остануваат без оброк. Со многу фотозамки е утврдено дека јадат, на пример, срни уловени од рисови.

Критично загрозениот рис, како животно од 20 до 30 килограми, ниту може да го изеде целиот плен одеднаш, ниту да го одвлече на безбедно место, па најчесто го остава на местото на уловот и му се враќа секој ден, додека од него не останат само коските и внатрешните органи. Знае дури да ги покрива мршите со лисја и со мов, за да не се гледаат и да не шират мирис што би привлекол други животни. Тоа, сепак, не е секогаш ефикасно.

Опстанокот на овој вид, од кој има само десетици возрасни единки во Македонија и во Албанија, директно зависи од тоа колку плен има на располагање. Срната му е главна на менито, но таа е омилен оброк и на други традиционални жители на дивината, а сега и на новите доселеници – кучињата. Веќе има голема борба за пленот, вели Меловски, која сега станува уште пожестока. Кога рисот ќе остане без уловот, мора да улови ново животно, со што се загрозува и популацијата на срните.

Тој додава дека кога напуштените кучиња ќе докрајчат плен на мажјак рис, тоа можеби не е толку ризично. Но, мршојадењето често се случува во подрачја на размножување, како Националниот парк Маврово.

Рисот Марко го наоѓа својот плен изеден | Фото: Фотозамка на МЕД

„Штетата е огромна кога им ја земаат храната на женките. Тие се многу послаби и поранливи кога ги хранат младите и многу потешко може да уловат. Дури и кога ќе успеат, остануваат без пленот и не можат да ги прехранат рисчињата. Неухранетоста е главната причина поради која младите не достигнуваат полова зрелост“, објаснува Меловски.

Некои кучиња научуваат и да ловат, па така уште повеќе се вмешуваат во борбата за пленот.

„Сум видел како едно селско куче, кое немаше сопственик, удави срна. Нѐ следеше на едно теренско патување и кога ја здогледа, ја фати и ја улови“, раскажува Меловски.

Присуството на кучето како неавтохтон вид не ги загрозува другите само со тоа што зема дел од колачот (поточно од месото), туку и затоа што се меша со нив, поконкретно со волците, како еден од најважните видови за зачувување на природната рамнотежа.

„Тие се парат со волците и прават хибридизација. Може да предизвика промена на изгледот и на морфологијата на волкот, а со тоа и да го загрози видот. Официјално, во Македонија има од 400 до 1.100 волци, но има многу помалку според мојата проценка. Ова генетско загрозување е штетно за нив“, истакнува Меловски.

Се чека законот за задолжителна стерилизација

Кучиња и волци во иста глутница | Фото: Фотозамка на МЕД

Неколку причини се посочуваат како клучни за зголемувањето на популацијата на кучиња во природните средини, и сите се поврзани со луѓето. Домашните миленици треба да бидат чипирани, за службите за заловување да може да го најдат сопственикот чие животно се загубило или кој намерно се ослободил од него на јавен простор (во вториот случај следува и казна). Но, такви служби нема доволно.

Според податоците што ги добивме од Агенцијата за храна и ветеринарство, која ја има законската надлежност да води евиденција во оваа област, во Македонија се регистрирани вкупно 18 прифатилишта за бездомни кучиња во 14 населени места, пред сѐ, урбани средини. Од нив, едно не функционира поради привремено повлекување на дозволата за работа.

Вкупниот капацитет за згрижување им е речиси 400 кучиња. Најголемо е прифатилиштето на скопското јавно претпријатие „Лајка“, кое може да згрижи 140 кучиња.

Само половината од вкупно 80 општини имаат воспоставено системи за заловување и прифаќање на бездомните животни – Скопје со своите 10 општини и триесетина други. Со оглед дека прифатилиштата се главно во градовите, урбаните средини се претежно покриени, а во руралните нема никаква контрола за грижата кон животните, па на неодговорните сопственици што го кршат законот им е најлесно таму да ги остават за да избегнат да бидат видени и казнети.

Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува дека сите општини треба да имаат системи за собирање на бездомните кучиња, но и на други кучиња што ќе ги затекнат пуштени на јавни површини, а ако немаат, треба да платат глоба од 1.500 евра. Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема изречено ниту една ваква казна.

Хибрид од куче и волк | Фото: Фотозамка на МЕД

Еколозите и активистите за правата на животните, со години аргументираат дека дури и да се направат најголеми прифатилишта и да се ангажираат најефикасни служби за собирање и хуман третман, тоа нема да го реши проблемот со бездомните животни сѐ додека не се воведе клучната мерка – задолжителна стерилизација и забрана за размножување.

„За нас е важно тоа да се направи и во руралните средини, да се воведе поригорозна кастрација, а да се направат и прифатилишта за животните“, вели Меловски.

Од Агенцијата, за БИРН, велат дека законските измени што се бараат со години веќе се подготвени, а измените на Законот за благосостојба на животните е во процедура за донесување. Со нив ќе се воведе обврска, секој што чува репродуктивно способно куче, задолжително да го стерилизира, а размножувањето ќе им биде дозволено само на одгледувачниците и на регистрираните сопственици. Тие, пак, треба да го пријават секое легло.

Текстот на законот е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) уште во март годинава, времето за доставување забелешки и коментари е завршено и се чека да биде усвоен од владата, па од собранието.