Градот Скопје, три години по ред, и во времето на Петре Шилегов и сега во мандатот на Данела Арсовска, одвојувал и ќе одвои илјадници евра за кампањи, чија цел е да ги запознаат граѓаните со активностите на локалната власт и за зголемување на свеста за теми од јавен интерес.
Шилегов како градоначалник ги спровел информативните кампањи во втората половина од мандатот, за првата кампања платил околу 40.000 евра, а за втората, која одела во изборна година, 130.000. Арсовска, годинава ја продолжува традицијата, и за информативна кампања ќе одвои нешто повеќе од 90.000 евра.
Иако градските информативни кампањи веќе станале традиција, духовите се разбрануваа дури по веста од минатата недела за кампањата на Арсовска
„Поради широкиот спектар на надлежности, Градот има потреба од објавување јавни повици и други активности, со цел обезбедување транспарентност на постапките “, велат за БИРН од Градот.
Од увидот во договорите што ги склучувал Град Скопје со пиар-агенциите, се гледа дека меѓу третина и 40 проценти од буџетот бил, и сè уште е наменет за реклами на информативните портали, а остатокот е за билборди, реклами на автобуси и на постојки и нормално за самата изработка на маркетиншките пораки.
Во 2020 градот платил приближно 14.700 евра на сајтовите, за 2021 нема податок, додека оваа година нешто повеќе од 33.000 евра се наменети за порталите и за сајтовите на неколку телевизии.
Иако градските информативни кампањи веќе станале традиција, духовите се разбрануваа дури по веста од минатата недела за кампањата на Арсовска. Се вратија коментари и паралели со времето во кое власта предводена од експремиерот Никола Груевски прикриено, преку кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните, на теми од јавен интерес, ја купуваше наклонетоста на медиумите.
Посредништвото на агенциите ѝ помагаше на владата на Груевски да ги потсокрие трагите во кои медиуми и колку пари одат.
Со бајпас до пари за телевизиите
Шилегов, кампањите ги спровел со агенцијата „Њу момент“, додека Арсовска со „Елемент ПР“. И двете агенции градот ги одбрал на тендери, на кои се јавил само по еден понудувач.
По веста за кампањата на Арсовска, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираше дека оваа пракса повторно може да се претвори во обид за корумпирање на медиумите и за промоција на политичко-партиски агенди.
И навистина, искуството низ годиниве покажа дека зависните медиуми повеќе им служат на властите за ширење пропаганда, отколку што ги информираат граѓаните.
Власта на Груевски, во периодот од 2010 до 2017, потроши дури 26 милиони евра во петте најголеми национални телевизии, а најголем дел од нив ѝ возвраќаа со црна кампања кон опозицијата и сите оние што размислуваат поинаку од владејачката партија.
„Ваквиот начин на финансирање отвора простор за директно нарушување на независноста и уредувачката самостојност на медиумите, и може да доведе до коруптивни практики“, се вели во соопштението на АВМУ.
Јавајќи на бранот на незадоволството, во голема мера и поради платеничкото информирање, СДСМ ги доби изборите и формално ја прекина праксата на владино рекламирање со менување на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Државните и јавни институции, како и општините, од 2019 година не смеат да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата.
Меѓутоа, забраната не важи за сајтовите, и тоа сега општините и градоначалниците го користат за промоција барем на интернет.
Она што ја разликува најновата кампања на Арсовска, за разлика од првата на Шилегов (за втората немаме податоци), е што сега пари ќе одат и на сајтовите на националните и на една кабелска телевизија.
Канал 5 и Сител ќе добијат по 2.400 евра, ТВ 24 – 1.800 и Алсат 1.200.
Ова на некој начин претставува заобиколување на законското ограничување зашто Градот парите не ги дава на телевизиите, што е децидно забрането, туку ги дава на порталите на овие радиодифузери.
Во таа насока оди и реакцијата на Агенцијата за аудио и визуелни медиумски услуги (АВМУ.)
„Средствата на даночните обврзници не смеат да се користат за рекламирање на власта, на кое било ниво, преку приватни радиодифузери.“
„Ваквиот начин на финансирање отвора простор за директно нарушување на независноста и уредувачката самостојност на медиумите, и може да доведе до коруптивни практики“, се вели во соопштението на АВМУ.
БИРН пред три години пишуваше дека и други општини, како на пример Општина Охрид, на ист начин ја заобиколувале забраната.
Чекори назад
Паралелно со овие заобиколувања, најмоќните телевизии неколку години ја притискаат власта да се укине забраната сместена во фамозниот член 102 во Законот за медиуми.
Иако СДСМ дојде на власт со јасен став за нула државни денари во медиумите, сепак владата предводена од истата партија летово изработи предлог-закон, кој, не само што целосно ја укинува забраната за државно финансирање на приватните радија и телевизии, туку им гарантираат на медиумите и годишни суми од 0,1 процент од буџетските приходи на државата (околу 3,5 милиони евра) и половина процент од буџетите на 81 општина.
Слични идеи има и за законско решение за владините субвенции за весниците, кои, по сѐ изгледа, ја отворија „Пандорината кутија“ на медиумските апетити за државно финансирање.