Истражувањa

Пазарот на реклами во доверливи раце

БИРН истражуваше како досега се делеа буџетските пари и кои агенции предничат во нивното добивање

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Владата, преку Генералниот секретаријат, само со шест маркетинг агенции склучила договори вредни околу 14 милиони евра во период од седум години. Тоа е сумата што во периодот од 2008 до 2015 им е доделена на агенциите „Маркет висион“, „Омега комуникејшн“, како и на „Република“, „Њу момент“, „Аквариус дизајн“ и на „Ин маркетинг“.

Во потрага по прашањето постои ли врска меѓу агенциите и владејачката елита, односно дали е точна јавната тајна за „омилени“ и „помалку омилени“ агенции, БИРН ги анализира податоците за склучени договори достапни преку Бирото за јавни набавки.

И додека менаџерите на најуспешните агенции своето работење го аргументираат со искуство, со сериозност на компанијата и со категоријата „квалитет“ – секогаш подложна на различни интерпретации, останува фактот дека првиот човек на условно кажано најуспешната агенција, според сумите во договорите, е некогашен близок соработник на премиерот Груевски.

Од 16 милиони евра, 14 за шест агенции

Соработка проткаена низ две децении
Цветиновски, во февруари 1999 станал потсекретар во тогашното Министерство за трговија кое до декември истата година го управуваше токму Груевски. Тој на оваа должност останал до мај 2000, а веќе наредната година ја основал маркетинг агенцијата „Маркет висион“. Откако ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт по јуни 2006, Цветиновски во следните неколку месеци станал дел од дури три државни управни одбори. Во септември 2006 влегол во Надзорниот, а по еден месец бил префрлен во Управниот одбор на ЈП „Македонски железници“. Во истиот период влегол и во Управниот одбор на Агенцијата за странски инвестиции, додека во јануари 2007 станал дел од Управниот одбор на Универзитетскиот клинички центар. Антикорупциската комисија при крајот на 2008 побара Цветиновски и уште неколку други лица да се повлечат од двојните функции

Маркетинг агенцијата што добила најголем дел од владиниот рекламен колач преку Генералниот секретаријат – „Маркет висион“ е во сопственост на Владимир Цветиновски, близок соработник на македонскиот премиер кога Груевски беше министер за трговија во кабинетот на Љубчо Георгиевски. Нивната соработка продолжила и откако Груевски стана премиер. Цветиновски се зачленил во неколку управни одбори, додека паралелно работел на владините кампањи преку „Маркет висион“.

Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека владините договори со оваа агенција од 2008 година до денес вредат нешто повеќе од три милиони евра.

„Извесен дел од договорите што се склучени со Генералниот секретаријат не се реализирани, па со тоа и сумата е малку поразлична, но генерално е во висината на таа што ја спомнувате. Отприлика десетина до петнаесет проценти помалку“, вели Владимир Цветиновски за БИРН.

Цветиновски се поврзува со газдата на уште една маркетинг агенција која често учествува во изработка на владините реклами и е втора според вредноста на склучените договори со Генералниот секретаријат. Тоа е неговиот врсник Душан Митев, сопственик на „Омега комуникејшн“.

Мост меѓу нив се сосема други две компании. Едната од областа на земјоделието, за која велат дека се покажала како неуспешна и ќе биде ликвидирана, а втората е маркетинг агенција та „Супермедиа интерактив“, каде што како ко-сопственик се јавува и Весна Л. Цветиновска, која, според податоците од Централниот регистар, живее на иста адреса со Владимир Цветиновски, а била дел и од неговата „Маркет висион“.

„Омега комуникејшн“ на Митев во периодот од 2008 до денес со Генералниот секретаријат склучила договори на сума од 2,8 милиони евра. И тој, како и другите менаџери на маркетинг агенциите, ни кажа дека сумата наведена во договорите во реалноста е нешто помала.

„Сумата што ја наведувате е за 20 проценти помала. Дел од тендерите сѐ уште не се реализирани, поради добро познатата политичка ситуација“, ни кажа Митев.

Околу 2,8 милиони евра е и вредноста на склучените договори и со агенцијата „Република“, која последната година престана да склучува договори со Владата, иако сѐ уште е активна.

Агенцијата „Република“ на јавноста ѝ стана позната преку Миле Јанакиески, кој како директор на претпријатието „Водовод“ од Скопје во 2005-та година со нив склучи договор за промотивни активности за сума од 320.000 евра. Уште тогаш тој договор на Јанакиески со „Република“ беше коментиран како противуслуга за кампањата што агенцијата ја сработила за ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2005-тата година.

Соработката со агенцијата „Република“ продолжува веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, и оваа агенција склучува вредни договори со голем број државни институции.

Меѓу последните склучени договори е договорот склучен со државната компанија ЕЛЕМ на сума од 800.000 евра, тука е и договорот од околу еден милион евра со државната Агенција за електронски комуникации. Ако се земат предвид договорите што агенцијата „Република“ ги има склучено со сите институции во државата, а не само со Генералниот секретаријат на Владата, тогаш, веројатно е дека таа агенција ќе биде на врвот на листата на агенции кои имаат највредни договори со државните институции.

Ако се земат предвид договорите што агенцијата „Република“ ги има склучено со сите институции во државата, а не само со Генералниот секретаријат на Владата тогаш, веројатно е дека таа агенција ќе биде на врвот на листата на агенции кои имаат највредни договори со државните институции

Но, сепак, последнава година оваа агенција престана да склучува договори со државните институции, иако сѐ уште постои.

Покрај „Маркет висион“ и „Омега комуникејшн“ на врвот на агенциите што соработувале со Владата е и „Њу момент“. Со оваа агенција владиниот Генерален секретаријат склучил договори во вредност од 2,6 милиони евра од 2008 до денес.

„Сумата што ја спомнувате е многу пониска, поради фактот што се однесува на добиени проекти, но не сите се реализирани, некои од нив се стопирани од различни причини, а исто така во сумите има ДДВ кое државата, секако, си го зема назад. Добиените тендери од Генералниот секретаријат, во период од осум години, претставуваат едноцифрен процент во годишниот обрт на нашата корпорација“, вели Ели Пешева од „Њу момент“.

Според добиените суми кои фигурираат на договорите достапни од Бирото за јавни набавки, четврта по ред е агенцијата „Ин маркетинг“, со која во првите години од доаѓањето на власт, Владата на Никола Груевски склучила договори вредни 1,7 милиони евра. За разлика од претходните агенции, „Ин маркетинг“ склучува само 4 договори за рекламни кампањи.

„Ин маркетинг“ е основана во 2007, а првиот договор со Владата, преку Генералниот секретаријат, го склучила наредната година на сума од 275.000 евра за кампањата за зголемување на почитта и толеранцијата меѓу луѓето. Потоа, во март 2009 склучила уште три договори и тоа еден на сума од 527.000 евра за кампања за јавна чистота, вториот на сума од 400.000 евра за промоција на етиката и етичкото однесување и третиот во вредност од близу 590.000 евра за кампања за оптимизам и почитување на добрите вредности.

„Ин маркетинг“ нема други договори со Владата, а годинава е ликвидирана. Нејзини сопственици биле Огнен Антов и Радослава Лазевска. БИРН го исконтактира Антов, но тој одби да зборува за сега веќе ликвидираната агенција.

Во периодот од 2008 до денес, Владата склучила договори со агенцијата „Аквариус дизајн“ вредни 1,3 милиони евра. Сопственици на оваа агенција чија официјална интернeт-страницае преполна со владините кампањи на кои работеле Александар и Ира Чоланчевски.

Од оваа агенција не сакаа да одговорат на прашањата на БИРН, за тоа колкава сума пари имаат добиено од владините кампањи на кои работеле, ниту на прашањето колку политичките и бизнис релациите се одлучувачки при добивањето на тендерите.

grafikon-dogovori-2008-do-2015

Милионски профити, а помалку од десет вработени

Во рамките на ова истражување БИРН ги анализираше и официјално пријавените добивки на агенциите, како и бројот на вработени со кои тие работат.

„Маркет висион“, со просечно осум вработени, за последните две години има вкупна добивка од 526.000 евра. Сепак, 2013 година за „Маркет висион“ била далеку подобра во однос на остварената добивка, која изнесувала 433.000 евра, додека 2014 година добивката има драстичен пад и изнесувала 93.000.

Слична е и финансиската состојба на „Омега комуникејшн“, која во 2014 година имала просечен број на девет вработени. Агенцијата во 2013 година имала добивка од 243.000 илјади евра, а во 2014 година добивката е 251.000, што ја дава вкупната сума од 494.000 евра добивка за две години.

Додека пак, агенцијата „Аквариус дизајн“ во 2013 и 2014 година имала заработка од околу 170 илјади евра, но целата добивка е направена во 2013 година, а во 2014 година добивката изнесувала само околу 1.000 евра. Во оваа агенција според финансиските податоци од минатата година работат тројца.

Исклучок е агенцијата „Њу момент“ која има просечен број од 39 вработени и добивка за 2013 и 2014 година од околу 60 илјади евра.

grafikon-market-vision

grafikon-omega-komunikejsn

Само два милиона евра за останатите 16 маркетинг агенции

Анализата на владините договори со агенциите, покажува дека ако една кампања чини повеќе стотини илјади евра, тогаш сумата најчесто ја делат неколку агенции.

Таков е случајот и со една од последните владини кампањи, онаа за рационална употреба на лекови. Кампањата чини 470.000 евра, а сумата ја делат три агенции – „Маркет висион, „Омега комуникејшн“ и „Аквариус дизајн“. Еден месец подоцна, „Маркет висион“ и „Омега комуникејшн“, овојпат во друштво на „Њу момент“, склучија нови договори за кампања чија вкупна вреност е 545.000 евра, а со која Владата ќе ги учи граѓаните дека треба да имаат физичка активност заради заштита од хронични заболувања.

И додека со шесте агенции со Генералниот секретаријат склучиле договори вредни 14 милиони евра, останатите 16 агенции со кои Владата соработувала заедно добиле нешто повеќе од два милиона евра.

Во првите години откако владата на Никола Груевски дојде на власт, пари за кампањи добиле и агенциите на Милчо Манчевски. Односно со „Сенка – Милчо Манчевски“ има договори од 291.000 евра, а со „Банана филм“ од 382.000 евра.

Некогашната агенција „Пристоп“ има два договора во износ од 270.850 евра, а „Актива интерконс“ добила 263.300 евра поделени во пет договори. „Актива АБГ“ има еден договор од 165.200 евра, „Т-Рекс“ има два договора од 140.890 евра, „Квазар филм“ еден договор оод 108.900 евра и „Поинтер“ еден договор од 100.420 евра.

„Буготикомерц“ има еден договор од 25.900 евра, „Креатиф маркетинг“ два договора од 27.400 евра, „Томато“ еден договор од 24.800 евра и „ Репринт“ ДОЕЛ еден договор од 11.200 евра.

Со „Трето уво“ на Иво Јанковски има договори од 269.000 евра. Со „Генезис комуникации“ на Предраг Арсовски, кој важи за близок на опозицијата, Владата има склучено договори вредни 30.000 евра.

За лековите пресудна е цената, а за рекламите квалитетот

Во изборот на маркетинг агенциите кои ги добиваат тендерите пресудна улога нема цената туку квалитетот на идејата. Привилегијата во набавките да се цени квалитетот ја немаат ниту лековите, ниту храната за доенчињата во болниците, ниту градежните зафати туку само – рекламните кампањи.

Сабина Факиќ: Нема јасно дефинирани критериуми за избор на агенциите

Сабина Факиќ: Нема јасно дефинирани критериуми за избор на агенциите

Па така во кампањата за рационална употреба на лекови, цената носи 35 поени, а квалитетна идеја 65 поени, притоа ако идејата не е доволно квалитетна, комисијата ќе ѝ додели помалку поени.

За експертите кои ги следат јавните набавки, дискутабилно е тоа што не се точно утврдени критериумите како ќе се одлучи која идеја не е доволно квалитетна и со тоа ќе добие помалку поени.

„Во отсуство на јасно дефинирани критериуми постои зголемен ризик од субјективно бодување на понудите“ вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Коментирајќи го тендерот токму за кампањата за лековите, таа забележува „за оваа јавна набавка согласно законските исклучоци не е спроведена ниту е-аукција, со што дополнително се потврдува принципот дека во тендерите за рекламни кампањи акцентот не се става на цената“.

Факиќ објаснува дека во конкретна набавка за користење на критериумот „економски најповолна понуда“ добиена е согласноста од Советот, но останува дилемата зошто квалитетот е важен само за рекламните кампањи.

„Критериум за избор на најдобрата понуда во тендерите во земјата согласно Законот за јавни набавки е најниската цена, со тоа што користењето на т.н. критериум ‘економски најповолна понуда’ е дозволено само за интелектуални услуги и со добивање согласност од Советот за јавни набавки“, вели Факиќ.

„Ако ме прашувате дали Владата има омилени агенции за работа, тоа нема потреба јас да го одговарам. За тоа најдобар и наједноставен одговор е статистиката, односно да се види дали и со кои агенции најчесто со склучуваат договорите. И тука е јасен податокот. А, нормално е и јас да учествувам на тендерите, зашто живеам од тој бизнис“, вели Предраг Арсовски, од „Генезис комуникации“.

Цветиновски, од „Маркет висион“ е дециден во тврдењето на спротивното – во изборот на маркетинг агенциите кои ги добиваат тендерите, нема нити политичко, ниту бизнис влијание.

„Беспредметно е да се зборува за политичко влијание и блиски релации со Владата при доделување на овие конкретни тендери, а за критериумите и за процесот и за тоа дали има субјективност (која во одредена доза во оваа индустрија и не може да се избегне, бидејќи ‘за вкусовите не се разговара’) најдобро е да се обратите до Комисијата за јавни набавки.“

Со сличен став е и Душан Митев од „Омега комуникејшн“.

„На тие тендери одредени ставки добиваат повеќе агенции во зависност од квалитетот на понудените решенија, а изборот се врши врз база на строги критериуми и услови. На дел од тендерите каде што сме учествувале не сме добиле ништо“ вели Митев и категорично тврди „jас немам никакво политичко влијание или блиски релации со Владата“.

„Ако креативниот квалитет е критериум, во секој тендер, не само за владини туку и за кампањи на приватни компании, веројатно постои одредено ниво на субјективност. Или нешто ви се допаѓа, ве допира или не!“ ни кажа Ели Пешава од агенцијата „Њу момент“, објаснувајќи дека станува збор за професионална агенција која работи врз професионални стандарди, независно од политичката коњуктура.

Таа потенцира дека „Њу момент“ е сериозна агенција која е сопственик на двете најголеми светски награди во индустријата на адвертајзингот.

Според податоците за маркетинг агенциите кои најчесто добивале договори за владини реклами, се чини дека успешноста и професионалноста на некои агенции е повеќе исклучок кој го потврдува правилото, отколку аргумент кој би негирал дека пазарот на реклами во Македонија е во рацете на приватни маркетинг агенции од кои голем дел од најуспешните имаат блиски релации со владејачката елита.