Регион

Наводниот убиец на Ќурувија „за малку ќе бил уапсен во 2001 година“

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Поранешниот функционер на Државната безбедност, ДБ, Зоран Стијовиќ, пред Специјалниот суд во Белград во средата изјави дека во јули 2001 година, добила наредба да го приведе обвинетиот, Милан Радоњиќ, и да му се поднесе пријава „како организатор на убиството“ на новинарот Славко Ќурувија.

Радоњиќ, поранешен шеф на белградскиот центар на ДБ, еден е од четворицата обвинети на кои им се суди за убиството на Ќурувија, извршено на 11 април 1999 година.

Тој беше убиен пред својот стан во Белград, наводно, бидејќи бил противник на режимот на Слободан Милошевиќ.

Стијовиќ додаде дека испратил оперативци да го уапсат Радоњиќ, но оти тие му рекле дека не можат да го уапсат, бидејќи не можат да го најдат.

Радоњиќ подоцна доброволно дошол во ДБ, но кога бил префрлен во суд, тој, всушност, бил обвинет за учество во обидот за убиство на лидерот на Српското движење за обнова, Вук Драшковиќ, во 1999 година.

Од ова обвинение тој беше ослободен во октомври 2016 година.

Стијовиќ истакна дека во 2000 година документацијата на оваа служба за Ќурувија била делумно уништена.

„Многу лесно се гледаше дека досието беше ’исчистено’“, рече Стијовиќ.

Документи кои се однесуваа на одреден период, исчезнаа од досието, додаде тој.

Оваа негова изјава е во согласност со исказите на некои претходни сведоци на судењето.

Имено, во јануари минатата година, Ратко Љубојевиќ, поранешен оперативец во тимот за следење на ДБ, пред судот изјави дека наредбата за уништување на извештаите, кои тој и неговата единица ги поднеле за Ќурувија, дошла на 5 октомври 2000 година, на денот кога беше соборен Слободан Милошевиќ.

Според обвинението, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ минатиот септември беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија, во 2000 година.

Во средата со своето сведочење продолжи Душан Михајловиќ, кој од 2000 до 2004 беше министер за внатрешни работи на Србија. Тој нагласи дека добил информации оти тајната служба го организирала убиството на Ќурувија.

Михајловиќ рече дека информацијата ја добил од поранешниот шеф на ДБ, Горан Петровиќ и поранешниот полициски генерал, Сретен Лукиќ.

Сепак, Михајловиќ додаде дека тој не се сеќава добро што точно се случило и оти себеси не се смета за веродостоен сведок.

Во вторникот Михајловиќ изјави дека сопругата на Ќурувија, Бранка Прпа, му го открила идентитетот на убиецот – Лука Пејовиќ, член на Единицата за специјални операции на Министерството за внатрешни работи на Србија.

Пејовиќ беше убиен во декември 2000 година.