Анализи

Не фалеа албански гласови,толку се

Арачиново е една од трите општини што го надмина цензусот од 50 отсто | Фото: БИРН

Уште додека траеше гласањето и од час во час се ажурираа податоците за излезноста на референдумот, се поставуваше прашањето каде се очекуваните албански гласови. Откако се затворија гласачките места, поддржувачите на референдумот изразуваа разочараност, а од дел од оние што повикуваа на бојкот пристигнаа пофалби до албанското гласачко тело, дека се солидаризирало со сограѓаните Македонци што не сакале промена на името на државата.

Сепак, крајните резултати покажаа дека бројките се слични, а тоа го потврди и вицепремиерот Бујар Османи на прес-конференција.

„НАТО и Европската унија се единствениот феномен што на некој начин ги хомогенизира граѓаните во однос на целта. Вчера граѓаните не гласаа како Албанци и Македонци, туку како граѓани што сакаат да ја видат Македонија во НАТО и во ЕУ. Меѓутоа сакам и да ги демантирам шпекулациите дека Албанците не гласале во доволен број. Тие гласаа во максимално можен број, колку што во моментов ги има во Македонија“, рече Османи.

Тој додаде дека најдобра споредба се локалните избори, кога граѓаните излегувале во најголем број бидејќи процесот е поблиску до нив. Според неговите пресметки, бројката на излезени гласачи била слична како лани.

Очекувањата беа преголеми

Лани во 15 општини излегле 261.240 гласачи, а годинава 232.784, или 28.456 помалку

Според пресметките, триесетина илјади гласачи помалку имало на референдумот во општините каде што мнозинството жители се Албанци, во споредба со локалните избори од пред една година. Во 15 од овие општини сега гласале нешто помалку од 233 илјади гласачи, а лани имало над 261 илјада гласови.

Податоците на Државната изборна комисија укажуваат дека локалните средини каде што Албанците се доминантно мнозинство, бројот на гласачи дури бил поголем во однос на локалните. Во Арачиново имало околу 500 гласачи повеќе, 700 во Боговиње, речиси 1.500 во Желино, па сѐ до четири илјади во Липково и пет илјади во Сарај. Од друга страна, во етнички мешаните општини каде што Албанците се мнозинство, има намалување. Тетово имало околу пет илјади гласа помалку, во Гостивар минусот е речиси осум илјади, а во Кичево десет илјади.

Можеби имаше преголеми очекувања за тоа колку Албанци ќе излезат да гласаат на референдумот, но се покажа дека тие придонесоа само онолку колку што можат. Ова се коментарите на политичките аналитичари со кои разговараше БИРН.

Тахири: Пресудија иселувањето, аполитичноста и разочараноста

Излезноста во општините со мнозинство Албанци во проценти

Политичкиот аналитичар Сефер Тахири наоѓа три главни причини зошто одѕивот на Албанците беше во рамките на просекот за изборите, нешто помалку отколку што излегуваат на локални избори, но повеќе отколку што гласаат на парламентарни. Според него, тоа е производ на општата апатија и разочараност од политичарите, иселувањето во странство и на делот од населението што е секогаш аполитичен, дури и за вакви прашања.

Сефер Тахири: Околу 100 илјади Албанци не излегуваат на ниедни избори

„Голем број Албанци работат надвор од земјата, мојата проценка е дека тоа се 200-300 илјади лица, и тоа се покажа клучно на референдумот. И јас мислев дека ќе има многу поголема излезност од обично, поради каузата за ЕУ и НАТО. Но, се покажа дека квантумот е тој. Тие што обично гласаат, го кажаа својот став, но има околу 100 илјади гласачи Албанци што се аполитични на сите избори, а тоа се покажа и на референдумот“, вели Тахири.

Иселувањето е главната причина за овие бројки и според аналитичарот Алберт Муслиу.

„Кај Албанците, од 100 гласаа 90. Еве го примерот со Гостивар, 34 илјади на локалните избори, 26 илјади на референдумот. Тие што фалат се од ВМРО-ДПМНЕ и други. Најголемата излезност е во Сарај и во Липково. Проблемот е што луѓето не се тука. Тоа е факт. Гледаме како се празнат градовите и селата“, смета Муслиу.

Како што додава тој, можеби имало преголеми очекувања за тоа колку Албанци ќе излезат, но тие не се создавале само од таборот „за“, туку и од спротивната страна.

„Тоа дека поради Албанците пропаднал референдумот е антитеза на тезата на ВМРО дека Албанците ќе го решат името на штета на Македонците. Ете, не го решија. Поголемиот број од тие што гласаа се Македонци“, вели Муслиу.

Нашите соговорници додаваат дека негласањето, вклучително и тоа кај Албанците, не треба да се смета како порака против интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ, туку против политичките партии. Според Тахири, се покажало дека формулите на албанските партии не се успешни и затоа тие треба да размислуваат за нови понуди на личности и на програми.