Анализи

Недоизградениот барок од „Скопје 2014“

И по една деценија, Скопје 2014 сѐ уште се гради

  • 12
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Единаесет и пол години поминаа откако во февруари 2010 за првпат се појави идејата на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ да направи интензивна и офанзивна „градска градежна хирургија“ во срцето на Скопје. Изгледаше неостварливо за реализација. Многумина и не веруваа дека ќе се реализира.

Плашт за хотелот | Фото: БИРН (2019)

Но, се фрлија првите лопати, багерите влегуваа и излегуваа длабоко под градското јадро. Проектот, кој наиде на серија критики, го доби името по годината кога се очекуваше да заврши – 2014.

Но, по повеќе од една деценија, сѐ уште „зјаат“ недовршени неколку карабини во строгиот центар на Скопје, кои се платени со државни пари.

Повремено, кога се одржуваат одредени настани, неизградените згради, мораа да се прекриваат со огромни бела платна, небаре старата пракса да се ставаат милјенциња за да се разубави просторот. Ова беше случај пред посетата на папата на Скопје.

По повеќе од една декада од проектот „Скопје 2014“, по кој западните медиуми ја прогласија македонската метропола за европска престолнина на кичот, проектот уште се гради.

Нова НБРСМ в година во барок

Дополнителни 227 илјади евра за идната барокна Народна банка | Фото: БИРН

Вработените во Министерството за надворешни работи догодина може да добијат нови соседи – банкари, ако биде целосно завршен и пуштен во употреба новиот објект на Народната банка.

Таа ја доби локацијата до МНР откако претходно ја врати доделената парцела пред зградата на „Лумикс“ на плоштадот Македонија.

Однадвор веќе може да се видат контурите на објектот. Таблата што стои до самиот објект потсетува дека поминале шест години од почетокот на градба што го гради скопски „Бетон“.

Еден поглед во објектот, кој е ограден со тараби, открива дека во дворот има натрупано градежен материјали и отпад.

Оваа зграда не е ништо поразлична од соседните објекти на МНР, Обвинителството и Агенцијата за електронски комуникации. Изведена е во стилот на објектите карактеристични за „Скопје 2014“, со столбови, скулптури и псевдокласичен архитектонски израз.

Ликот на барокната зграда му го дадоа архитектите Никола Стакинов и Лазар Димов. Тоа се авторите што ги потпишаа идејните решенија на повеќе фасади во централното градско подрачје, измената на изгледот на Министерството за правда, фасадата на објектот „Пелагонија“ и деловната зграда на ЕСМ.

Со ова ново барокно „катче“, кое е спроти зградата на Финансиската полиција, се заокружува изгледот на проектот „Скопје 2014“ во овој дел од градот.

Таблата потсетува дека банката се гради шест години | Фото: БИРН

Објектот се гради речиси шест години, но, во меѓувреме, електронската база на јавни набавки покажа дека објектот поскапел за 227 илјади евра за два тендери: за заштита на градежната јама и за топловод.

Од банката очекуваат да се вселат во зградата најдоцна во 2022 година, кога барокното здание треба да добие решение за технички прием и да се опреми.

„Изградбата на новиот објект на Народна банка е во поодмината/напредна фаза на градба/изведба, односно во овој период се изведуваат занаетчиските работи и се работи на фасадата на објектот“.

Признаваат дека во текот на изведбата на објектот се појавиле „неколку непредвидени и дополнителни работи, кои се произлезени од тековното усогласување на фазите во текот на изведбата“.

Објектот според базата на БИРН треба да чини вкупно 24 милиони евра.

Евиденцијата на Народна банка, според последните потпишани градежни книги и времената ситуација за мај 2021 година, покажа дека заклучно со први јуни 2021 се инвестирани 647.812.482 денари, без вклучен ДДВ, што е близу половина од вредноста на договорот за градба, односно приближно 12 милиони евра.

Дополнителен милион евра за двата факултета кај УКИМ

Министерството не знае кога точно ќе бидат готови објектите | Фото: БИРН

Две неизградени згради во строгиот центар на Скопје редовно ги пречекуваат студентите што студираат на УКИМ. Зградите на ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура. Двата заедно чинат над 20 милиони евра.

Изведувачот на објектите, штипски „Бетон“ не ги испочитува роковите во кои требаше да бидат изградени зградите.

Една од причините е крахот на градежниот гигант, кој градеше некои од клучните објекти на Скопје 2014. Стечајот го вклучи алармот кај Министерството за образование и наука.

Офицерски и Мериот 2 „на чекање“

Објектите на плоштадот Македонија, кои треба да ги изгради рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, односно Офицерскиот дом и хотелот „Мериот кортијард“ (Мериот два) се статус кво. Самсоненко обвини дека нотари, извршители и судии, во спрега се обидуваат да му го одземат деловно-хотелскиот објект на скопскиот плоштад. Рокот за изградба истекува во 2022, односно во 2023 година.

„Банкарските гаранции на „Бетон“ Штип се веќе активирани поради непочитување на рокот за изведба на двата објекта“, ни одговорија од МОН.

Долж црната ограда со години стојат тараби. Внатре, пак, ништо не навестува дека градбите ќе завршат во догледно време.

Во ресорното министерство сѐ уште анализираат и не знаат точно кога би завршиле со објектите.

„Во моментот се прави анализа на проектната документација со цел да се утврди точен пресек на изведените работи и градежните работи со цел целосно завршување на објектот“.

Потоа очекуваат да направат пресек на изведените и планираните работи за да видат во која временска динамика ќе го завршат објектот.

Истовремено, со исклучок на корона-годината, 2020, Министерството за образование во 2018 и во 2019 исплаќало пари за градење, речиси милион евра за градежни работи, поточно над 830 илјади евра. Годинава повторно проектирале уште 325 илјади евра.

Aвтори на ФИНКИ се Жарко Чаушевски и „Архитектоника“. Чаушевски се потпишува како автор заедно со „Идеја Плус“ и „Татјана ДООЕЛ увоз-извоз“.