Утрово во 9.30 во парламентот заклетва пред собранискиот спикер, Талат Џафери, требаше да дадат новоизбраните членови на Судскиот совет, судиите Антоанета Димовска и Наќе Георгиев. Седницата беше најавена на собраниската веб-страница.
Нивниот избор се случи пред нецели две недели. Тогаш нивните колеги ги избраа за членови на Судскиот совет, откако претходно двајца судии поднесоа оставки.
Арно ама најавената заклетва не се случи.
Од собраниските служби стигна нова најава: Заклетвата се одлага за во 14 часот.
Судијката Димовска за БИРН рече дека морала да се враќа назад дома, зашто добила порака дека закажаната заклетва се одлага. Образложение за тоа немало.
Во меѓувреме, на стотина метри во соседната зграда во Судскиот совет за во 10 часот беше закажан изборот на судии од кандидатите за судии, меѓу кои, е и синот на членот на Судскиот совет, Наќе Георгиев, Кирил.
Новинарите и снимателите беа собрани пред зградата на Судскиот ссовет, но седницата доцнеше.
„Има една новонастана ситуација“, ни рече портпаролката Гордана Дувњак, без да појасни за што станува збор. Нѐ информира дека седницата ја презакажале за еден час.
Додека тоа го говореше во заднина можеше да се чујат високи тонови.
Новинарите се вратија во Советот по еден час. Во зградата го видоа врховниот судија, Наќе Георгиев, како излегува од задниот влез.
На безбедносните камери, пак, можеа да се видат стручните служби како со трчање влегуваат и излегуваат од салата за седници.
На сајтот на Собранието, подоцна осамна ново соопштение за закажаната заклетва. Таму го немаше името на Наќе Георгиев.
Не може и таткото член на Советот и синот судија
Седницата на Советот откри што стои зад нејзиното одлагање и необичното закажување и презакажување на свечената заклетва во Собранието. Всушност, главната причина е тоа што Судскиот совет, во кој, член е новоизбраниот судија, Наќе Георгиев, треба да го избере за судија неговиот син, Кирил.
Таквиот избор би бил во директна спротивност со Законот за судови, кој пропишува дека за судија „не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар“.
Според зборовите на експретседателката, Весна Дамева, имало членови на Советот кои сметале дека нема пречка додека заклетва да даде таткото, синот да биде избран за судија.
Идејата била да се помести заклетвата за доволен период од неколку часа, за синот да може да биде избран за судија, а таткото по давањето на заклетвата да биде полноправен член на Судскиот совет.
Меѓутоа на утринскиот колегиум, а и вчера, „копјата се кршеле“ околу толкувањето кога се станува член на Советот, со одлуката односно уверението дека некој е избран за член или со давањето заклетва.
Осуммина членови на Советот сметале дека Георгиев без да даде свечена заклетва формално не е член на Судскиот совет и дека нема правна пречка за избор на синот. Тројца членови меѓу кои и Дамева, пак, на тоа остро се спротиставиле.
Нивното образложение било дека заклетвата е свечен чин и дека избраните членови на Советот имаат добиено уверение дека се избрани, кое е објавено и на веб-страницата на ова тело.
Резултатот на таа жестока дебата е оставка на Наќе Георгиев непосредно пред да се одржи денешната седница.
„Мене ми е драго што категоричниот став дека нема законски основ за пристапување кон избор на член од семејството, тоа е неговиот син допре длабоко до судијата и поднесе оставка од функцијата член на Советот“ рече Дамева.
Случајно или не никој не го известил Врховен
Настаните од и по изборот на Георгиев укажуваат дека проблемот со кандидатурата на синот бил антиципиран и дека се барало решение тој да биде надминат преку одлагања и временски лупинзи.
Па така, Георгиев практично не го активира своето членство во Советот. Случајно или не, иако му е издадено уверение дека е избран и тоа е јавно објавено на веб-страницата на Советот, Врховниот суд формално не бил известен.
Ова за БИРН го потврдија од Врхиовниот суд, од каде што рекоа дека Георгиев е на одмор.
Вообичаено уверенијата за избор, како што велат оттаму, веднаш се испраќале до судот. Но, во овој случај, тоа не било направено.
Самиот факт дека судијата се кандидирал и е избран на 13 јули, пред нецели две недели, покажува дека или тој не знаел дека постои законска пречка да биде член на Советот, а син му да стане судија, или пак, се надевал дека ќе се најде решение.
Струмичанецот Наќе Георгиев, беше апелациски судија и претседател на штипска апелација. Во 2020 беше избран за врховен судија, а по три години од тој избор посака да стане член на Судскиот совет.
За неговиот избор од матичниот суд гласаа само 6 од 13 врховни судии. Останатите седум гласачки ливчиња беа пречкртани и оценети како неважечки.
Судскиот совет од 26 април е под критика на странските амбасади и граѓанските организации по незаконското разрешување на претходната претседателка, за кое, таа поднесе тужба до Управниот суд и кривична пријава до Обвинителството.
На крајот, денеска кога „правната пречка“ беше отстранета Советот немаше проблем да го избере синот на судијата Георгиев за судија во скопскиот Кривичен суд.