Анализи

Нема „план Б“ за македонските ученици

Пандемијата го исфрли од колосек образовниот процес

  • 16
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пандемијата го изненади македонското образование, како што поледицата го изненадува автобусот што не е редовно сервисиран. Во најголем дел од случаите, и автобусот што не се сервисира редовно ќе ја заврши работата како и тој што редовно се проверува.

На прав и сув коловоз, и двете возила ќе ги превезат патниците безбедно.

Но, доволно е еднаш во десет години, временските услови да изненадат и автобусот со лоши сопирачки и со летни гуми да изгуби контрола над замрзнатиот асфалт.

Оваа пролет токму тоа му се случи на нашето образование, кое со децении не е редовно и правилно „сервисирано“. Метафорички кажано, учениците се надвор од „коловозот“ дури седум месеци, чекајќи друг и посоодветен „превоз“ прилагоден за новите услови.

Долго преспано лето

Впечатокот дека летото е преспано се потврдува и со одложениот старт на учебната година ФОТО: В.А

„Номинирајќи Ве за министерка, бев убеден дека можам да сметам на Вашата целосна одговорност и посветеност во извршувањето на должностите. Токму затоа, очекувам резултати веднаш“, ова премиерот Зоран Заев ѝ го напиша на новата министерка за образование, Мила Царовска, во мандатното писмо.

Премиерот и дел од јавноста полагаат силна надеж во Царовска како нова министерка за образование, најмногу поради нејзиниот успех во Труд и социјала.

Впечатокот е дека токму во ова очекувања e спакувана „благата“ паника на Илинденска“ бр. 2 дека овој ресор летото го преспал – малку направил за навреме и во полн капацитет да почне учебната година, и покрај стопати повтореното предупредување оти наесен нè чека уште посилен бран на вирусот.

Старо-новата влада веќе на првата седница, на 1 септември, одлучи сите училишта да користат унифицирана платформа за учење од далечина.

Тоа практично потврди дека од јуни, кога стана јасно дека вирусот нема така лесно и бргу да замине, во трите месеци, сè до септември не биле направени основните подготовки за учебна година во новата реалност.

Следствено на оваа задоцнета одлука, доцна се презентираше и платформата за учење од далечина, на само 12 дена пред стартот на учебната година. Децата ги добија лозинките нецела седмица пред 1 октомври, а во меѓувреме наврат-нанос интензивно се обучуваа наставниците да го користат новиот софтвер.

Според информациите на БИРН, за време на техничката влада, на седниците на Илинденска бр.2, летово, воопшто не станало збор за какво било софтверско решение за учење од далечина

Според информациите на БИРН, за време на техничката влада на седниците на Илинденска бр. 2, летово, воопшто не станало збор за какво било софтверско решение за учење од далечина зашто во Министерството за образование преовладувало уверувањето дека децата, сепак, ќе одат на училиште.

Впечатокот дека летото е преспано се потврдува и со одложениот старт на учебната година, како и со податокот дека во текот на летото не е купен ниту еден компјутер за учење од далечина. Поради задоцнетиот сигнал од централната власт, и општините во „5 до 12“ сфатија дека треба да набавуваат компјутери за наставниците под своја јурисдикција.

На пример, Општина Кисела Вода, дури во последната недела од септември донесе одлука за купување компјутери. Голема дилема е колку другите, меѓу кои и многу посиромашни општини, можат да помогнат во оваа ситуација.

Затоа не се малку примерите од целата држава што говорат дека некои наставници сега се ставени пред свршен чин да носат лаптоп-компјутер од дома.

„Тоа е како работниците од текстилната индустрија од дома да ги носат шивачките машини“, споредува за БИРН првиот човек на синдикатот на просветарите – СОНК, Јаким Неделков.

Министерката Царовска, на само две недели пред стартот на учебната година изјави дека Министерството со години набавувало интернет за училиштата, меѓутоа до сега сите училишта и училниците не биле обезбедени со интернет.

Затоа прашање е и колку во овој период сите училишта успеаја да набават интернет-пакети со солидна брзина и капацитет за да може повеќе наставници одеднаш да држат онлајн-часови.

Како илустрација дека дури сега се размислува за сите предизвици што ги носи избраниот модел на учење е тоа што дури сега се увиде проблемот оти за наставниците од прво до трето одделение, кои ќе им држат настава на децата в училиште, работата речиси се удвојува со тоа што паралелките ќе бидат поделени.

Ним сега неделно само предавањата ќе им одземат 40 часа, што со другите обврски в училиштата може да го надмине предвиденото работно време од 48 часа во една седмица.

Празен училишен двор во март 2020 | Фото: Роберт Атанасовски

Уште на самиот старт, пандемијата покажа дека македонскиот образовен систем, ниту има план Б, ниту, пак, може бргу да се прилагоди на вонредна ситуација.

Во разговор со БИРН, директори на училишта ни објаснија дека Министерството само им предложило начин како да се изведува наставата и платформи што може да се користат, но во најголемиот дел тие биле одговорни да ја организираат наставата.

Училиштата беа оставени сами на себе и тоа се отсликува во шареноликоста на платформите и на пристапот што го користеа.

Истражувачите на невладината ЛЕАД, преку анкета, се обиделе да дознаат како се одржувала наставата по 24 март во средните училишта, откако падна одлуката дека годината ќе се заврши со учење од далечина.

Еден процент од анкетираните средношколци рекле дека немале воопшто настава, 26 отсто ги користеле платформите како Гугл-класрум и Едмодо, 28 проценти имале онлајн-настава, додека најмногу – 44 отсто функционирале испраќајќи задачи и презентации.

„Ваквиот начин на пренесување на материјалот директно влијаел врз учењето, учениците наведуваат дека имале тешкотии во сфаќањето на лекциите и материјата“, стои во заклучоците од анкетата на ЛЕАД.

Платформата што ја промовираше Министерството за образование, ЕдуИно била користена само во еден процент од случаите.

Тоа не е изненадување зашто платформа до ден-денес има содржини само за основците и на неа комуникацијата е еднонасочна – обично десетина минути наставник само раскажува или чита лекција.

„Под водство на Атила, во петтиот век Хуните ќе создадат силна држава во Пајонија. Оттаму тие ги напаѓале териториите на римската држава и тие напади имале ограбувачки карактер“, ова е дел од десетминутното предавање на тема Распаѓање на римската држава за шестоодделенците.

Учителите назад во фокусот

Пандемијата овозможи родителите да увидат кои се учителите на нивните деца | Фото архива: Роберт Атанасовски 

Корона-кризата го врати фокусот врз учителите. На планетарно ниво, многу родители ја минаа пролетта работејќи од дома, паралелно играјќи ја улогата на заменски наставници. Им помагаа на наставниците во учењето од далечина, кое беше наметнато поради строгите мерки за заштита од новиот вирус.

Така беше и кај нас.

Не им беше лесно и на наставниците, многумина и самите се родители, па беа во двојна улога на учители од далечина и заменски наставници за своите деца.

Оваа уникатна ситуација овозможи родителите одблиску да видат кои се учителите на нивните деца. Се отворија прашањата за нивниот квалитет и посветеност и дали општеството доволно го вреднува и го признава нивниот труд.

„Наставникот по историја беше најдобар, неговите предавања преку Зум беа како да присуствуваш на вистински час. Сите деца го слушаа и учествуваа во наставата. Ама, тој е помлад и очигледно – ентузијаст.“

„За разлика од него, некои од наставниците ги немаше и по цел месец, а трети, пак, само трупаа материјали“, го раскажува своето искуство 42-годишната скопјанка Љубица, чија ќерка осмото одделение го заврши учејќи од дома.

Во корона-кризата дојде до израз квалитетот, посветеноста и вештините кај секој од наставниците

Неблагодарно е да се прави профил на македонскиот учител зашто веројатно неправедно ќе навредиме многумина, ако само механички редиме стереотипи за наставниците. А, стереотипи не недостасуваат.

Меѓу нив е и оној дека најквалитетните кадри не завршуваат во оваа професија.

„Наставничката професија е неатрактивна, а на наставничките факултети се запишуваат главно кандидати кои се со послаб успех во средното образование“, се вели во обемната анализа за „Образованието на наставниците во основното и средното образование“ објавена во 2018 година.

Дополнително, угледот на некои од образовните институции, како што е Педагошката академија беше нарушен со скандалот со фалсификување дипломи, а мал е интересот и на другите факултети од кои произлегува наставниот кадар.

Политиката е свесна дека најдобрите ученици не „горат“ од желба да станат учители.

Министерството за образование, во последниве четири години, преку мандатите на две различни влади се обидуваше да ги поттикне студените и средношколците да учат за наставници. Прво се воведе стипендија од 18.000 денари за додипломски студии по математика, физика и хемија зашто професорите по овие предмети беа дефицитарни, а потоа и стипендија од 100 евра за тие што ќе се запишат на програмата за наставен кадар во основното образование.

Ниту платите на просветните работници, особено оние во основните и во средните училишта, не ги привлекуваат младите да се насочат кон даскалската професија. Примањата на учителите во основните и во средните училишта се движи околу 400 евра, 24.000 денари во основното и 25.000 во средното, и тоа по покачувањето од 22 проценти во последните три години.

„Ако се земе дека просечната плата е некаде 27.300 денари, тогаш станува јасно дека наставниците се платени под просекот. Нашите учители заедно со албанските имаат најмали плати во регионот“, вели првиот синдикалец Јаким Неделков.

Учителите на основната плата немаат посебни додатоци, освен оној за класен раководител од околу 1.000 денари.

Впрочем кај нас, учителската професија важи за слабо платена, но работа со сигурни примања – што во општества како нашето, недоволно демократски развиено, претставува идеална комбинација за политичка манипулација.

Политиката не се воздржуваше и ги злоупотребуваше наставниците преку нивните посредни работодавачи – градоначалниците.

Масовноста на партиските собири се постигнуваше со притисок врз просветарите | Фото архива: Роберт Атанасовски

Зад нас е деценија, во која учителите најлесно се вработуваа преку партиската книшка, а потоа тие благодарноста требаше да ја искажат со составување списоци за гласање, партиско агитирање од врата на врата и со присуство на митинзи.

На такви партиски собири видовме и слушнавме наставничка од Штип, која не знаеше против која партија на власт протестира и учителка од Битола која носеше погребен крст со името на премиерот Зоран Заев.

Во ситуација кога образовниот систем беше изненаден од продолжената корона-криза, кога многу поорганизирани општества имаа проблем бргу да најдат квалитетна замена за физичкото присуство во училиштата, децата беа оставени на учителите, и тогаш дојде до израз квалитетот, посветеноста и вештините кај секој од наставниците.

Триесет и осумгодишната Оливера од Скопје вели дека, според неа, најголемиот проблем е што наставниците не успеаја да ги прилагодат содржините што треба да им ги пренесат на децата преку компјутер.

Нејзиното дете пролетва го заврши првото одделение.

„Со ќерка ми се обидовме да ги гледаме видеата што волонтерски ги поставуваат некои наставници на иницијатива на Министерството за образование и тие не ѝ го задржуваа вниманието. Меѓутоа, нашата наставничка во една пригода ни прати јутјуб-видео на српски јазик, прилагодено и за возраста на децата и за медиумот и тоа веднаш ја зграпчи.“

Лекции добивале на пауер-поинт презентации, кои наставниците не се труделе да ги прилагодат на возраста на децата.

„Добивавме презентации со седум до осум слајда полни со текст што не е за деца, кои сè уште учат да читаат.

„За Велигден добивме презентација, која можеби би ја разбрале петто или шестоодделенци, кои отприлика го познаваат концептот на религија, меѓутоа тоа никако не можеше да му се објасни на дете од шест години.“

Најавите се дека во новата учебна година, лекциите и часовите ќе бидат скратени, меѓутоа останува секој од наставниците да најде начин како да го „украде“ вниманието на децата од разно-разните „инфлуенсери“,„тиктокери“ и „јутјубери“.

Учење од далечина во технолошко камено доба

„Компјутер за секое дете“ е пропуштена шанса за дигитализација на образованието | Фото архива: Роберт Атанасовски

Некаде на крајот од март и на почетокот од април, голем дел од родителите на учениците се префрлија да работат од дома следејќи ги препораките на здравствените власти да не се изложуваат непотребно на опасноста да го фатат вирусот.

Одеднаш дневната просторија стана канцеларија, а детските соби училници. Луѓето ги бараа заборавените пасворди на Скајп, ги извадија старите таблети од подрумите и се отвораа нови акаунти на Зум.

Внатре во домот, освен што опсесивно се миеја рацете, се бараше и тивко ќоше каде што ќе може да се одржи онлајн-состанок, додека на социјалните мрежи под хаштагот #седидома се споделуваа совети за тоа што е најважно во вонредната состојба – да не се изгуби разумот и да се воспостави нова рутина на работа и на учење.

Кај нас важи правилото дека ако нешто е лошо во средните училишта, во основните тоа е уште полошо

Слично било и за нашата соговорничка, скопјанката Љубица.

 „Работевме од дома и паралелно учевме со ќерката. Често не стигнувавме ручек да направиме и јадевме што ќе најдеме во фрижидер. Секоја вечер легнував уморна, одвај дочекав да заврши годината“, вели таа.

„Си игравме школо. Кoга се прошири шпекулацијата дека можеби децата ќе се враќаат в училиште на 15 мај, јас се исплашив. Моево ништо немаше да знае, тогаш да се отвореа училиштата, сите единици ќе добиеја.“

Несоодветното прилагодување на учењето од далечина влече корени од претходната состојба.

Истражувањето на невладината ЛЕАД, кое се сконцентрирало на состојбите во средните училишта, покажува дека дигиталните алатки претходно ретко се користеле во образованието. А, кај нас важи правилото дека ако нешто е лошо во средните училишта, во основните тоа е уште полошо.

Од анкетираните средношколци, дури 65 проценти кажале дека пред корона-кризата, или воопшто не користеле дигитални алатки, или ги користеле најмногу двапати во месецот. Оваа стартна позиција не можела да донесе некакви посериозни резултати.

60 % од средношколците до јуни ја следеле онлајн-наставата преку телефон | Фото архива: Роберт Атанасовски

Онлајн-предавањата засега се најдобрата алтернатива за физичкото присуство на учениците в училиште, бидејќи децата и наставникот се гледаат и може да комуницираат.

Меѓутоа, анкетата на ЛЕАД покажала оти дури 60 проценти од средношколците што ја следеле наставата онлајн, тоа го правеле преку мобилен телефон.

„Се отвора прашањето колку телефонот е соодветен уред за следење настава, имајќи предвид дека има свои ограничувања, посебно во делот на интеракција со наставникот и сработување на домашните задачи“, предупредува ЛЕАД.

Слично би требало да биде и во новата учебна година зашто државата нема да набави компјутери или таблети за учениците, а тие што немаат интернет и компјутер, ќе добиваат печатени материјали и ќе следат лекции на еден од каналите на Македонската телевизија.

Во новата реалност предизвикана од вирусот корона, компјутерот стана централна и неопходна алатка на наставниците, меѓутоа истражувањето на Фондацијата Метаморфозис покажа дека досега компјутерот бил далеку од вообичаена алатка на нашите наставниците.

Податоците што ги добила Метаморфозис, преку онлајн-прашалникот во периодот од 26 јуни до 15 јули 2020 година, покажуваат дека 15 проценти од наставниците на своето работно место не користеле компјутер, додека 44 проценти досега го користеле сопствениот лаптоп за службени потреби.

Во новата учебна година, најголемиот дел од наставниците ќе треба од работа да им предаваат на своите ученици со кои ќе контактираат преку интернет.

Царовска немаше време за адаптација во новиот ресор | Фото: Роберт Атанасовски

Многу од соговорниците на БИРН  велат дека, иако во поодделни училишта ќе се јават проблеми со интернетот и со недостигот од компјутери, сепак, најголемиот проблем се оние 40.000 деца што ќе немаат пристап до онлајн-предавањата.

Новата министерка за образование Мила Царовска, на едно од своите гостувања на телевизија призна дека доколку владата сега се обиде да ги набави уредите за овие деца, тие би пристигнале некаде дури во второто полугодие. Претходно, изборите биле пречка да се распише каква било јавна набавка од ваков обем, која не била планирана на почетокот од годината.

Валиден е аргументот дека никој не претпоставувал оти новиот вирус ќе нè принуди на учење од дома, меѓутоа нема алиби за политиката.

Новата реалност ќе ја дочекавме поподготвени ако барем се реализирал проектот „Таблет за секое дете“, кој досега трипати беше најавуван во периодот од 2012 до 2019, но никогаш не бил спроведен.

Идејата за таблети за околу 250.000 ученици, во прв план била за да се исфрлат печатените учебници и да се скратат високите трошоци за нивна изработка, кои државата ги плаќа секоја година, меѓутоа ниту една гарнитура во Министерството за образование не пресекла и замислата не се реализираше.

Контроверзниот проект „Компјутер за секое дете“, вреден неколку десетици милиони евра, беше пропуштена шанса да се дигитализира македонското образование. Во првиот мандат на Никола Груевски како премиер се купија илјадници компјутери, меѓутоа во тоа време, ниту имаше, ниту, пак, се направија сериозни дигитални содржини за тие компјутери, додека во многу училишта, компјутерите останаа неотпакувани затоа што немаше соодветни услови за тие да се користат.

Денес малку од тие компјутери се во употреба, повеќето се застарени, а и полициските билтени беа полни со случаи на нивна кражба.

Ефекти на короната                             

Најмногу погодени се децата што единственото позитивно влијание го добивале в школо | Фото архива: Роберт Атанасовски

„Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“, пропишува член 44 од македонскиот Устав.

Зад овие три куси и едноставни реченици стои просветителската идеја – едно општество да им овозможи на сите граѓани, без разлика на нивната економска и социјална ситуација, еднакви услови за образование и во суштина еднакви шанси за професионална и приватна реализација.

Оттаму важноста на образованието се гледа и во напорите на демократските општества, децата што подолго да поминуваат на училиште.

Некаде, како во Финска на пример, учениците се и по десет часа в училиште.

Според одредени истражувања, на кои постојано се повикува и министерката Царовска, македонските ученици в училиште поминуваат 900 часа помалку од своите врсници во развиените европски држави.

Суштината е сите деца што подолго да бидат изложени на позитивното влијание од учителите, педагозите и од психолозите, кои во основните училишта немаат само едукативна, туку и воспитна улога. Ова посебно важи за учениците што доаѓаат од социјално загрозените семејства, оние што се изложени на питачење или просто поминуваат многу време на улица и за децата што живеат во семејства каде што насилството е секојдневие.

Учебниците се стара „болка“

Учебниците редовно доцнат, нивното печатење е прескапо, Министерството за образование (МОН) нема точен увид колкав број од кои книги се потребни секоја година, а помал дел од учебниците сега не е возможно да се постават на националната платформа во електронска форма.

Учебниците често се тема во јавноста и поради несоодветните содржини и поради нивната обемност за возраста на учениците.

Пред корона-кризата, Македонија не можеше да се пофали со перфектен образовен систем, кој еднакво им дава шанса на сите деца, впрочем има сериозна разлика во квалитетот на училиштата во урбаните и оние во руралните средини.

Меѓутоа, од 24 март годинава, и сега веќе не знаеме до кога, најголемиот дел од оние 250.000 ученици во основните и во средните училишта се и ќе бидат дома, и тоа е предуслов за зголемување на нееднаквоста во образованието.

Од корона-кризата најмногу ќе бидат погодени децата што единственото позитивно влијание врз својот развој до сега го добивале в училиште. Тоа се децата кои од разно-разни причини семејството не им посветувало внимание во делот на воспитувањето и учењето.

Воопшто не е ист процесот на учење в училница и преку компјутер. Децата најмногу помнат од предавања, учат и кога ќе направат грешка или додека ги слушаат другарчињата како читаат или ги гледаат кога решаваат задачи на табла. Често и меѓусебно си помагаат и заедно се подготвуваат за тестови.

Во пандемијата, сево ова ќе им биде скратено и не може да се очекува дека ќе постигнат идентични резултати како во нормални услови.

А, како и колку децата научиле и го утврдиле знаењето учејќи од далечина до 10 јуни годинава, прилично сликовито доловува искуството на нашата соговорничка, скопјанката Љубица.

Таа и другите родители им помагале на децата околу тестовите и домашните.

„Се слушавме и се консултиравме со другите родители кога решававме тестови. Заедно ги решававме за десет минути и чекавме да помине цел час за да не се познае дека сме помагале.

„Исто и со домашните. Разменуваме кој што решил, напишал и потоа само менуваме нешто колку да не се познае дека соработуваме.“

Not great, not terrible

Корона-кризата е лекција дека треба правилно да се инвестира во училиштата | Фото архива: Роберт Атанасовски

Ако се суди според зборовите на новата министерка за образование, Мила Царовска, која одбира кризите да ги перципира и како нови шанси, општеството може и да извлече поуки и лекции од кризата што ја предизвика вирусот корона.

„Ние од ова многу ќе научиме зошто е важно да се грижиме за образованието, зошто е важно државата да инвестира, и кога таа ќе одвои пари за Министерството за образование, ние да се грижиме тие да бидат потрошени на начин што ќе го подобри квалитетот на образованието“, изјави Цароска во емисијата „Вин-вин“.

Училишта без тоалет

Анализата на Здружението на млади аналитичари и истражувачки, ЗМАИ, во 2008 година покажала дека во Македонија постојат две основни и 28 подрачни училишта без санитарни јазли.

Во ваквите училишта, доколку и има просторни услови за физичка дистанца меѓу учениците, нема да се држи физичка настава бидејќи нема основни услови за хигиена.

Според новата министерка за образование, Мила Царовска, дури една третина од македонските училишта треба итно да се реновираат.

Властите очекуваат и Националната платформа за учење од далечина да биде придобивка, со тоа што би се користела за сите дополнителни школски активности, од советувања со педагозите и со психолозите до разно-разни секции што во иднина децата би можеле да ги посетуваат од дома.

Според Царовска, идејата е овој процес да не претставува празен од.

Ако може да се бара позитивен ефект на корона-кризата, тоа е дека учебните програми во сите одделенија и класови може да се растоварат од непотребниот материјал што досега се учеше, велат педагози со кои БИРН разговараше.

Анализава ја почнавме со метафората на образованието како нередовно сервисиран автобус. Во предвечерието на учебната година, три дена пред 1 октомври, автобусот „прокува“, односно интернет-платформата преку која децата треба да се поврзуваат со наставниците не можеше да се стартува и никој не можеше да се „логира“ тој ден.

Министерството за образование, за дел од медиумите објасни дека „работат на надминување на проблемите“, образложение кое потсетува на она од серијата за Чернобил.

Вечерта пред да се случи експлозијата на нуклеарниот реактор, кој предизвика еколошка катастрофа од невидени размери, главниот инженер во централата ќе рече дека ситуацијата е „ниту сјајна, ниту страшна“ (not great, not terrible), реченица што покажува колку се промашува магнитудата на проблемот.