Анализи

Нереален оптимист во костец со реал-политиката

Kако на маса со чоја целата поддршка ја вложи во договорите со Бугарија и со Грција | Фото: Flickr Влада на РСМ

Зоран Заев од денеска веќе не е премиер, се симна од функцијата низ истите пржински скалила по кои и се качи. Отстапи убедувајќи нè со бројки, проценти и со нови работни места дека Македонија блеска по неговиот скусен мандат, и покрај грешките, „хибридните“ пренкови, гафовите и неисполнетите крупни ветувања.

Тој сака да се врати уште пред неговиот наследник Оливер Спасовски да ги пресели семејните фотографии од полицискиот кабинет во оној на Илинденска. Опозицијата, пак, има други планови и веќе му избира слика за темните страници од историските читанки.

Во трите години по изборите ги излечи раните од 27 април, го прати Никола Груевски во политичка пензија, откако ја збриша ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, како на маса со чоја целата поддршка ја вложи во Законот за јазиците и во договорите со Бугарија и со Грција, и на крајот цехот го плати во првиот круг од претседателските избори.

И со речиси изедначен рејтинг со опозицијата влегува во последните три месеци пред изборите на 12 април.

Големите идеи ги носи на реверот

Се добива впечаток дека големите наративи не се дел од неговиот внатрешен хабитус | Фото: Flickr Влада на РСМ

Тој не e од оние социјалдемократи што слетаа во високата политика директно од скутот на Бранко Црвенковски, меѓутоа и Заев поминал низ партискиот калап во сивите деведесетти. Таа негова партиско-војничка црта ја откриваат протечените снимки од моментите кога говорел во интимноста на штабот на Бихаќка.

„Живи луѓе ќе јадеме“ и „ако треба ќе се пука“, ги храбреше партиските другари.

Петно на политичката кариера му се аферите „Едно евро за Вицето“ и „Глобал“, кои оставија сомнеж што гнои, и покрај тоа што добија правни завршници во негова корист. Не е имун ниту на примамливите побратимства со луѓе од полициското милје од времето на Црвенковски, како и на пријателствата со дискутабилни ликови од неговата премиерска листа на надворешни соработници.

Иако пораснал во дворот на транзициската политичка школа, тој се чини, сепак, теориски подготвено ги дочека своите пет минути во постгруевистичка и граѓански разбудена Македонија.

Премиерската функција ја почна со научени лекции за транспарентност, отвореност, одговорност и со големата приказна за едно општество за сите. Овозможи да се избере независен состав на Антикорупциската комисија, прифати повеќе компромиси од што се очекуваше и не „упадна“ во МТВ и во Агенцијата за медиуми, иако многумина тоа му го земаат за кусур. Како никогаш претходно летаа оставки на луѓе од власта.

За разлика од микроменаџментот на Груевски, кој повеќе се однесуваше како директор отколку како претседател на Влада, Заев во оние две и пол години на власт, во преден план ги туркаше метаидеите, како што се ЕУ, НАТО, демократија и еднаквост.

Сепак, следејќи го Заев се добива впечаток дека овие големи наративи не се дел од неговиот внатрешен хабитус, туку се повеќе значки закачени на реверот од палтото.

Изворно тој не е човек што мрази, па оттаму вредностите на еднаквост и почитување на различностите направија тој како политичар реално да придонесе за ЛГБТ заедницата. Во неговиот мандат се одржа првата геј-парада, меѓутоа кога беше притиснат в ќош за аферата „Рекет“ избувна со квалификацијата „педер“. Разочара и неговото објаснување – стереотипно и хомофобно објаснување дека со кажаното мислел на карактерната особина на Бојан Јовановски, а не неговата сексуална ориентација.

Злобниците би го споредиле со „пиљар“, а тој не би се навредил | Фото: Flickr Влада на РСМ

Како градоначалник вадел од својот џеб за да помага, ама никогаш нема да го видите како ја става дланката на срцето кога зборува за својата претпоставена левичарска идеологија, иако тој маневар често го изведува кога сака да демонстрира искреност.

„Јас сум прв левичар во државата, барем според функцијата. Сигурно има идеолошки поголеми левичари од мене“, неубедливо аргументираше по повлекувањето на скалестиот персоналец.

Се чини дека демократијата ја разбира на начин што ги пронаоѓа нејзините вредности во лекциите од доброто домашно воспитување, но не и како заокружен политички систем со свои законитости и филозофија. Затоа не чуди што во говорнички занес и пред камера ги повика газдите на фабриките да ги честат работниците со покачувања доколку излезат на референдумот, оти нели тоа е за доброто на сите, не сфаќајќи дека прави нешто што крутите закони го асоцираат со кривичното дело изборен поткуп.

Иако планираше паралелно да биде и министер за финансии, тој не е калибар на економист што би се затворил зад тапацираните врати во Народната банка или во некоја друга канцеларија што се занимава со сувопарна макроекономија. Многу подобро плива во она што експертите го нарекуваат реална економија и таму е свој на своето.

Можеби не е во тек со трговскиот спор меѓу Доналд Трамп и Кина и никогаш нема да биде ѕвезда во Давос, ама до „гуртни“ знае зошто е подобро РЕК Битола да купи булдожер од „Кателпилер“ отколку од некој источен производител.

Злобниците би го споредиле со „пиљар“, а тој не би се навредил.

Кога зборува за економските мерки на неговиот кабинет раскажува на долго и на широко во детали и со примери. Ужива во долгите прес-конференции со вицепремиерот Кочо Анѓушев и со другите министри од економските сектори.

Хазардер без сокриена карта

Неговите реакции кон бугарските провокации беа до границата на сопствено понижување| Фото: Flickr Влада на РСМ

Заев е политичар што прави многу гафови. „До небото“ ќе се извини ако со грешката навредил некого, а ако гафот оди само на негова сметка, ќе се насмее и продолжува понатаму.

Првиот роман на македонски јазик „Село зад седумте јасени“ го смести под јасените, уверуваше дека Пендаровски како претседател ќе биде „сидро што ќе влече напред“, а при експозето ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Влатко Ѓорчев да ѝ помогнат на Владата, меѓу другото, и во зголемувањето на наталитетот, по што сите во собраниската сала „прснаа“ во смеа.

Твитер и Фејсбук постојано се занимаваат со неговиот скромен англиски јазик и со урнебесниот „есперанто-српски“.

Зад него не постои машинерија што се грижи за личниот рејтинг. Имено, Заев нема некој идеолошки мастер-план каков што туркаше Груевски за чие спроведување се потребни инсталирање култ кон лидерот и години-години власт. Тој не е политички архитект каков што неговиот претходник гротескно се обидуваше да биде, тој повеќе се однесува како хаус-мајстор што дошол да ја заврши работата – без разлика дали тоа е распродавање на државата, како што тврдат едните или изведување на земјата на прав пат, како што уверува самиот.

И луѓето што работеле одблиску со него го раскажуваат она што може да се забележи и однадвор, тој во политиката често одбира да игра хазардерски. Политиколозите би требало да ни откријат дали тоа е само личен модус операнди во недостиг од други квалитети и вештини или, сепак, многу влијаеле и надворешните услови. Реално често и немал маневар за да постапи поинаку, каков што беше случајот со „бомбите“.

Стави сѐ на една карта и во партијата „Преспа за ЕУ и НАТО“ | Фото: Flickr на Влада на РСМ

Правилно може да му се забележи дека стави сѐ на една карта и во партијата „Преспа за ЕУ и НАТО“, меѓутоа не чуваше карта во ракав за себе.

Договорот со Грција беше негова лична lose-lose ситуација. Тие што не го сакаа, сега го мразат за национално предавство, а дел од оние што го гласаа, не му ги простуваат амнестиите и очигледните пазарења при промена на Уставот со пратениците и со други структури на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сашо Мијалков зборуваше со пратеници заради тоа што верува во тоа решение. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал“, рече Заев апсолутно не верувајќи во тоа што го зборува.

До граница на сопствено понижување одговараше и на сите провокации од бугарска страна, само за да опстане договорот меѓу Скопје и Софија. Истото го правеше и за мир в куќи, кога тој, наместо Кочо Анѓушев, им се извинуваше на Слаѓана Тасева и подоцна на новинарите.

Теоретичарите на заговорот често Заев го компарираат со претседателот Борис Трајковски. Нивната линија на резонирање е едноставна, го земаат тоа дека и двајцата се родени во Струмица и оти во нивниот мандат под патронат на странците беа потпишани двата „езерски“ договори што го сменија политичкиот релјеф на државава, Охридскиот и Преспанскиот.

Но, по кроткоста, отсуството на цинизам, скромната ерудиција и посветеноста кон религијата, тој и навистина потсетува на Трајковски.

Во овој момент дилемата е дали Заев ќе ги „преживее“ изборите во април откако минатата година како на тинејџер петарди в дланка му пукнаа аферата „Рекет“ и блокадата од Макрон.

„Скршен, здробен бев“, се исповеда Заев за странските медиуми по француското „не“ за отпочнување на преговорите со Европската унија.

Меѓутоа, по секој страничен удар што го кутнуваше на јавна сцена, тој како дете што ќе падне и ќе си ги истресе панталоните стануваше и продолжуваше понатаму со количества нереален оптимизам кои може да се најдат само во книгите за самопомош што ги пишува неговиот нов потпретседател Коста Петров.