Регион

Невладина организација од Косово поднесе 150 кривични пријави против Срби

Блерта Ибердемај, Дие Морина, Приштина

Мевлиде Сараќи, Група за граѓанско општество | Фото: БИРН

Невладина организација, која собира докази за воени злосторства во Косово, извршени од страна на Србите, во периодот 1998-1999 година, до Специјалното обвинителство во Приштина поднесе 150 кривични пријави.

Претставници на организацијата Група за граѓанско општество, кои работат на собирање на докази и подготовка на правни наводи за воени злосторства извршени од страна на Србите за време на конфликтот во Косово, во средата, во Специјалното обвинителство, поднесоа 150 кривични пријави.

Пријавите содржат обвиненија против именувани лица од српска националност, за кои се вели дека за време на војната извршиле злосторства во општина Ѓаковица.

Претставникот на организацијата, Мевлиде Сараќи, вели дека овие 150 кривични пријави се петта транша обвинувања за злосторствата извршени во Ѓаковица, што оваа организација ги поднела до обвинителството.

„Ги повикувам и другите општини (да поднесат слични пријави), по примерот на Ѓаковица, бидејќи информациите од само една општина не се доволни … Злосторниците поминаа низ цело Косово и протераа милион Албанци, и тие (Србите) се одговорни за злосторствата што ги извршија“, изјави таа за медиумите.

„Не можеме да уживаме во слободата, додека злосторниците не бидат осудени“, додаде Сараќи.

Таа истакна дека има доволно докази за судско покренување на случаите.

„Ние поднесовме кривични пријави, разговаравме со правниот службеник кој се занимава со ова прашање, како и со пријавите што ги доставивме претходно, и ни беше кажано дека тие се проследени понатаму“, информира таа.

„Се надевам дека наскоро ќе ги видиме злосторниците на суд“, додаде Сараќи.

За време на војната во Косово, повеќе од 10.000 албански цивили беа убиени, додека стотици илјади беа протерани.

Некои од жртвите по војната беа пронајдени во скриени масовни гробници во Србија, вклучувајќи и една во предградието на Белград.

Како исчезнати, во Косово и денес се водат 1.600 лица, претежно Албанци, но има и Срби.