„На протестите видов и луѓе што ме познаваат и што ја знаат мојата ситуација, и сето тоа беше многу непријатно“. Ова се зборови на еден наш сограѓанин што користи метадонска терапија во својата борба против зависностите.
Има нешто повеќе од 40 години и верува дека е при крај со неговата борба. Терапија зема само еднаш неделно. Работи со други зависници, помагајќи им да ги пребродат тешките моменти во животот. А тие имаат многу такви моменти. Му пречи општествената стигма, но не може премногу да размислува за неа. Повеќе е преокупиран со главниот проблем, кој, како што вели, е неуспешниот систем за лекување на зависностите.
„Како може еден човек да биде десет години на истата доза метадон, да не се спушти ниту малку, а да зборуваме за борба против зависностите? Како? Не знам што се случува, дали се во прашање пари, или едноставно не им е грижа, но ова не може да се нарече борба“, вели тој.
Неефикасноста на системот не е само негов личен впечаток. Таа е забележана и во стручната анализа на невладината организација ХОПС, која со години работи на поддршката на зависниците и на заштитата на нивните права. Во анализата се нагласува дека лекувањето на овие пациенти претежно се сведува на шалтерско делење терапија, без потребните контроли и без неопходната психосоцијална поддршка.
Ние сме секогаш лошите
„Општеството очекува наркозависниците да бидат лоши и затоа некои од нив стануваат лоши“, вели нашиот соговорник. Енергично, но мошне прецизно ги детектира проблемите со кои тој и луѓето како него се соочуваат во животот.
„Ние сме наркоманите. Ние сме секогаш лошите. Така сакаат да нè гледаат. Јас знам дека има проблематични луѓе, дека некои прават и криминал, но тие се малку. И за мене тие се, пред сè, криминалци. Потоа се зависници. Но, кога на човек постојано му велиш – ти си ѓубре, ти си ѓубре – тој така ќе се доживува себеси“, вели.
Тој ја зема својата терапија во болницата „8 Септември“ во Карпош, каде што смета дека условите се подобри, но генерално смета дека пристапот системски треба да се менува бидејќи, наместо излекувани луѓе, државата создава метадонски зависници, а метадонот, вели е „супстанца до 30 пати посилна од хероинот“.
Ние сме наркоманите. Ние сме секогаш лошите. Така сакаат да нè гледаат. Јас знам дека има проблематични луѓе, дека некои прават и криминал, но тие се малку. И за мене тие се пред сè криминалци. Потоа се зависници. Но, кога на човек постојано му велиш – ти си ѓубре, ти си ѓубре – тој така ќе се доживува себеси
„Секоја супстанца си има своја намена. Исто како и секој алат. Постои чекан, нож, клешти, сите служат за нешто. Замисли дома да користиш чекан за сите потреби. Да, сите шајки ќе ти бидат заковани, но сè друго ќе ти биде искршено. Тогаш како може само метадонот да биде решение за нас“, сликовито ги објаснува проблемите во лекувањето.
Дополнителен проблем е злоупотребата на терапијата, нотирана и од државата и од невладините организации. Нешто на што укажуваат и луѓето што протестираат против центрите за лекување, барајќи да се преместат некаде далеку надвор од градовите. Соговорникот вели – што друго може да се очекува кога терапијата им се дава на рака, на пациенти со ограничена способност за расудување.
„Психички растроен човек не можеш да го оставиш сам, а ти им ја даваш терапијата за сами да си ја користат. Па, потоа велат – имало злоупотреби. Па, како да нема? Треба ли некој да седне со тие луѓе, да поразговара“, прашува тој.
Има малку кадар за психосоцијална поддршка, како психолози, социолози и психијатри, и обично со нив се седнувало кога некој ќе почне со терапија за да се регистрира посетата. Ретки се тие што се труделе повеќе да помогнат, вели, а тие малкумина се преоптоварени.
„Има еден психијатар, кој навистина е добар, се труди. Но, освен што треба да се погрижи за нас, го држи и целото психијатриско одделение во болницата. Колку луѓе може да види тој во денот? Тројца? И тоа е многу“, додава соговорникот.
Како се живее со зависност
Дел од проблемите со кои се соочуваат зависниците ги видовме уште пред да го почнеме интервјуто. Чекавме да го доврши телефонскиот разговор во кој објаснуваше дека наместо Брза помош, на пациентка што се бори со зависност ѝ дошла полиција.
За зависниците не е невообичаено да го повикаат бројот 194, но наместо болничко комбе, пред вратата прво да им дојде полициски автомобил. Дури и кога имаат здравствен проблем што не е директно поврзан со зависноста. Поради нивната состојба, здравјето им е покревко, но здравствената заштита многу понедостапна.
Во анализата на ХОПС е нагласено дека забележувањето на дијагностичката шифра за болести на зависност (Ф11), во здравствените книшки на пациентите сè уште претставува основа за дискриминација при обидите за пристап до други здравствени услуги.
„Штом те видат дека си зависник, не ги интересираш повеќе. Голема среќа е ако имаш добар матичен лекар, па барем кога си настинат да ти напише рецепт“, истакнува нашиот сограѓанин.
Дел од работите биле подобрени, на пример во моментов нема ниту еден ХИВ позитивен пациент што се лекува од зависности, но хепатитот Ц и натаму се шири.
Според нашиот соговорник, подобар бил и односот со полицијата, нема малтретирања, но останува проблемот што овие лица тешко наоѓаат работа и преокупација што ќе ги држи настрана од дрогите. Затоа е уште поголем проблем што толку многу пациенти се сконцентрирани во Кисела Вода.
„Таму, не само што се злоупотребува, таму се дила. Ти го пушташ човекот таму, и тој гледа дрога. Што очекуваш да направи?“, прашува тој, истакнувајќи колку е потребна сеопфатна грижа за да се надмине зависноста.
Дисперзијата ќе продолжи и покрај протестите
Плановите на владата да го подобри лекувањето на зависностите преку дисперзирање шест локации во Скопје наидува на отпор од локалните жители во повеќе средини. Прво во Кисела Вода протестираа да се дислоцира центарот за зависности од нивната општина, а по нив се организираа граѓани од Аеродром и од Ченто, кои се спротивставуваат на тоа дел од пациентите да примаат терапија во здравствените установи во нивните населби.
Владата, сепак, не го менува ставот дека пациентите треба да се префрлат на повеќе локации за да имаат достапна терапија поблиску до своето место на живеење и за да не се создава концентрација од над 500 пациенти во Кисела Вода. Министерот за здравство, Венко Филипче, на последниот брифинг рече дека со распределбата на пунктови се гарантира безбедна околина и подобри услови за сите.
„Едно од основните човекови и загарантирани права е секој граѓанин да добие здравствена заштита“, рече Филипче.
Нашиот соговорник, но и од невладината ХОПС очекуваат државата да опстои во своите намери, но и да ги подобри условите.
„Штом те видат дека си зависник, не ги интересираш повеќе. Голема среќа е ако имаш добар матичен лекар, па барем кога си настинат да ти напише рецепт“
„Се надеваме дека ќе се вложи и во дополнителен кадар за психосоцијална поддршка, зашто тоа е најмногу потребно и најмногу недостасува“, вели за БИРН, извршниот директор Ивица Цековски.
Според Светскиот извештај за дроги, околу една десетина од луѓето што пробале дрога, станале зависници. Како што објаснува пациентот со кого разговаравме, со зависност се соочуваат луѓето што имаат длабок психолошки проблем. Затоа им треба поддршка, а не „казнување“.
„Велат, самите сме си го барале. Не си го бараме сами. Јас сум бил привилегиран. Сум имал поддршка, сум имал кој да ми помогне, па пак сум се соочил со еден куп проблеми. А како им е на тие што ги немале моите услови“.
Преку социјалните мрежи и натаму се најавуваат и се организираат протести за да не им се дозволи на зависниците да земаат терапија во повеќе здравствени установи низ Скопје. Група граѓани денеска излезе пред поликлниката во Ченто. Дури и кога по многу убедувања ја одоброволија државата да им ги подобри условите, зависниците како нашиот соговорник повторно ќе ги гледаат нивните сограѓани како излегуваат на улица против зголемената достапност за нивното лекување.