Истражувањa

Нереализирани половина од ветените капитални проекти во општините

Базата на податоци „Општини под лупа“ покажува дека за четири години градоначалниците предвиделе 762,6 милиони евра за капитални објекти, но реализирале помалку од половина

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Градоначалниците на сите 80 општини и Град Скопје последните четири години не оствариле ниту половина од планираните капитални проекти, покажува истражувањето на БИРН на сите буџети и завршни сметки од 2013 до 2016 година. Базата на податоци „Општини под лупа“ покажува дека во овој период, локалните власти предвиделе изградба на капитални проекти во вредност од 762,6 милиони евра, меѓутоа, завршните сметки покажаа дека инвестирале вкупно 356,4 милиони евра, што е само 46,7% од планираното.

Останатите 53,3% од планираните инвестиции во градежни објекти, како што се улици, патишта, водоводи, канализации, училишта, болници, паркови и други капитални проекти, останаа погазени ветувања на политичарите испишани во изборните програми и годишните буџети.   

Базата на податоци „Општини под лупа“ е обид на БИРН да ја оцени вистинитоста на изборната реторика која изобилуваше со бомбастични најави за грандиозни проекти во најголемиот дел од македонските општини

Базата на податоци „Општини под лупа“ е обид на БИРН да ја оцени вистинитоста на изборната реторика која изобилуваше со бомбастични најави за грандиозни проекти во најголемиот дел од македонските општини. Нулта точка за преглед на целата антологија на ветувања на градоначалниците беше предизборната кампања што траеше во текот на март 2013 година, предизборните програми, но и предвидените капитални објекти во сите буџети во текот на целиот мандат.

Истражувањето покажа дека по одделни општини, најмногу пари за капитални инвестиции во инфраструктурата во буџетите за четири години планирале Град Скопје и тоа 127,6 милиони евра, Карпош 70,6 милиони евра, Центар 40,5 милиони евра, Чаир 30,2 милиони евра, Аеродром со 25,6 милиони евра.

Ако се анализира оствареното од завршните сметки, произлегува дека најмногу пари во инфраструктурата инвестирале Град Скопје со 73,5 милиони евра, Центар 22,6 милиони евра, Битола 14,2 милиони евра, Карпош 12,8 милиони евра и Струмица 12,1 милион евра.

Меѓутоа, логично е дека поголемите општини имаат поголеми буџети и според тоа повеќе пари инвестирани во изградба на капитални објекти, па така најрелевантен показател за продуктивноста на потрошените пари е сумата на капитални инвестиции по жител.

Најмногу капитални инвестиции по жител имале општините Новаци и тоа 1.170 евра по жител, Македонска Каменица со 673,4 евра, Петровец 564 евра, а најмалку во Арачиново со 24,7 евра по жител,  Врапчиште 39,2 евра, Сарај 39,6 евра.

 

Ако се гледа соодносот планирано – остварено, реализацијата на капиталните инвестиции во инфраструктурата е најдобра во општина Охрид и тоа 86,2%, Росоман 78,6%, Кочани 76,9%, Делчево 76,6%, Кратово 76%, а најмалку од планираните инвестиции се реализирале во Старо Нагоричане и тоа само 13,4%, Македонски Брод 17,7%, Карпош 18,1%, Пехчево 18,6% и Демир Капија 24,3%.

Само петтина од парите за капитални инвестиции  

Збирот на сите расходи од завршните сметки на буџетите на општините покажува дека за четири години, на локално ниво, локалните власти потрошиле вкупно 1,87 милијарди евра, но само 356,4 милиони евра за изградба на капитални објекти што е 19% од сите потрошени пари.

По одделни општини, уделот на капиталните инвестиции во вкупните буџети што покажува која општина колку продуктивно ги трошела парите на граѓаните, е најголем во Пласница и тоа, 47,8%, Петровец 45,7%, Новаци 43,6%, Центар 38,6%, Македонска Каменица 37,7%.

 

Најмалку продуктивно, пак, парите ги трошеле општините Арачиново со 5,5% удел на инвестициите во инфраструктурата, во вкупно потрошените пари, Струга со 6,7%, Тетово со 7,4%.

Предизборните програми – четири години подоцна

Не се штедело ниту на зборови ниту на хартија кога се во прашање предизборните програми за локалните избори пред четири години. Се водело мртва трка кој ќе вети повеќе, кој ќе отпечати подебела изборна програма.

БИРН ги анализираше сите програми на актуелните градоначалници и ја оценуваше реализацијата на најприоритетните проекти, водејќи се според критериумот на вистинитоста, што подразбира доследност на дадените ветувања и нивна реализација во зацртаните рокови.

БИРН ги анализираше сите програми на актуелните градоначалници и ја оценуваше реализацијата на најприоритетните проекти, водејќи се според критериумот на вистинитоста, што подразбира доследност на дадените ветувања и нивна реализација во зацртаните рокови

Приоритет во речиси сите програми на градоначалниците ѝ се давало на изградбата на инфраструктурата, односно на градењето улици и патишта, болници, водовод, канализација, гасификација, училишта и градинки, спортски игралишта, базени, но и плоштади, паркови, културни домови.

Во кулминацијата на кампањата, без да се води сметка дали тоа може тоа се оствари или не, ладнокрвно се ветувале и проекти како зоолошки градини, филмски градови, трамваи, големи деловно-трговски центри, луна паркови, па и фабрики и нови работни места, и со нив кандидатите за градоначалници ловеле гласови, сметајќи на краткото помнење на народот или теоријата дека сѐ што е кажано брзо се заборава.

Четири години подоцна, оценувајќи го реализираното наспроти ветеното, произлегува дека најкрупните проекти од предизборните програми на локалните власти ги нема во постизборната реалност. Нереализирани останаа најголем дел од објектите во здравството, како болници и поликлиники, гасификацијата којашто беше ветена во неколку поголеми градови, повеќе индустриски зони коишто до денес се полјани без никаква инфраструктура.

Она што е карактеристично е што кога кандидатите за градоначалници ветуваат проекти, секогаш наведуваат кратки рокови, за да ја нагласат својата ефикасност, но нашето истражување покажува дека кај повеќето ветени проекти доколку се реализирани, роковите се пробиени. Ретки исклучоци се ветувањата на градоначалниците кои во 2013 година се бореле за втор или трет мандат, па ветувале проекти за кои знаеле дека се веќе започнати.

Наидовме и на таканаречени „евергрин“ ветувања коишто ги има на сите политички избори во континуитет, заклучно со последните парламентарни избори. Така на пример, едно школо или градинка или пат се ветуваат на митинзите и во 2013 и во 2014 и во 2016 година, и сѐ уште не се изградени.

Во општините каде што градоначалниците се Албанци е карактеристичен мал број реализирани ветувања.

Карактеристична е и фасцинацијата од бројки и во ветувањата, а особено во отчетите. Колегите во Вистиномер пресметале дека според математичката операција на поделеност на бројот на проектите со деновите што ги имале на располагање од својот мандат, локалните самоуправи реализирале проекти на дневна основа, што е физички невозможно.

По одделни партии, на последните локални избори најмногу градоначалници и тоа дури 56 имаше партијата ВМРО ДПМНЕ, потоа ДУИ со 14, СДСМ со 4, ДПА 2 и уште неколку од помалите партии и независни градоначалници.

Оваа база на податоци им пркоси на политичарите што играат на картата на кратко помнење на народот и е алатка што ќе им послужи на граѓаните да ги детектираат лажните ветувања и соодветно да ги санкционираат

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, оценувајќи го сработеното на локалните власти последните четири години, истакна дека е задоволен од нивната работа и дека градоначалниците исполниле најголем дел од ветувањата дадени пред граѓаните.

Според него, направени биле крупни инвестиции, меѓу кои ја издвои реконструкцијата на 2.170 улици во вкупна должина од 1.750 километри и изградена 700 километри водоводна и канализациска мрежа.

„Овие проекти се резултат на многу посветена работа на градоначалниците од ВМРО ДПМНЕ, за да го остварат она што го ветиле на граѓаните“, истакна  Груевски.

Од партијата велат дека нивните градоначалници реализирале вкупно 10.359 проекти.

Базата на податоци „Општини под лупа“ дава целосен преглед на сите ветени приоритетни проекти и што се случило со нив во овој мандат од четири години.  Оваа база на податоци им пркоси на политичарите што играат на картата на кратко помнење на народот и е алатка што ќе им послужи на граѓаните да ги детектираат лажните ветувања и соодветно да ги санкционираат. 

Експертите сметаат дека токму недостатокот на критика од јавноста и гласачите е главната причина поради која партиите на власт ги добиваат изборите постојано со лажни ветувања, вршејќи популистички кампањи без вистинска желба за решавање на проблемите.

Одговорноста е делумно во политичарите, како од власта така и од опозицијата, кај граѓаните коишто како гласачи тоа не го санкционираат, и во медиумите коишто недоволно укажуваат на дадените ветувања пред изборите и не вршат притисок тие да се остварат.

Предизборните ветувања веројатно ќе се повторуваат сѐ додека не се формира зрела политичка јавност којашто кога ќе одлучува која партија ќе ја заокружи на изборниот лист, критички и рационално ќе согледа што ѝ се нуди и колку тоа е остварливо.