Балканската истражувачка репортерска мрежа, БИРН подолг период работи на база на податоци за македонските медиуми, која од денеска ѝ е достапна на публиката.
„Медиуми под лупа“е замислена како долгорочен потфат што има за цел да собира, филтрира и да претстави податоци, кои, кога станува збор за медиумската сцена, иако не се тајни, најчесто се надвор од секојдневната перцепција, и како такви, лесно се забораваат или се премолчуваат.
Во нејзината подготовка, екипата на БИРН тргна од фактот дека за јавноста е важно да знае на каква медиумска сцена се потпира за своето информирање во врска со актуелните настани и состојби во земјава и во светот. Од квалитетот на информираноста на граѓаните зависат нивните демократски одлуки, нивната поддршка или спротивставување на политиките што ги водат институциите, како и нивниот придонес кон остварувањето на општото добро.
Секој медиум си има свој карактер и идентитет, кој е определен од сопственичката структура, уредувачката политика, тимот што работи во него и од неговата историја. Токму тоа беа и критериумите врз основа на кои се потпира оваа база на податоци што треба и сега и во иднина да биде место од кое ќе се црпат информации, но и да сочува и претстави сведоштва за клучните играчи во овој бизнис.
Секој медиум си има свој карактер и идентитет, кој е определен од сопственичката структура, уредувачката политика, тимот што работи во него и од неговата историја
Во првата фаза се избрани 30-тина медиуми, оние кои и според рангирањата и според перцепцијата во јавноста се меѓу најгледаните/читаните/посетуваните. Поделени се во категории според тип и секој бил подложен на истражување на основни податоци: основање, сопствеништво, историја, како и некои клучни карактеристики што го прават специфичен.
Кај некои медиуми тоа е уредувачката политика, односот кон професионалната етика, доминантниот формат на информациите или некои случувања во минатото, кои трајно остануваат врежани во имиџот на медиумот за кој станува збор. Токму врз ова се базира замислата за своевидна „лична карта“ на медиумот, која е содржана во базата.
Со тоа се прави чекор во инаку исклучително важниот процес на напуштање на редовната пракса на давање генерални квалификации за „медиумите“или за „новинарите“.
Таквата генерализација „сите се исти“,освен што е неправедна кон тие што избираат да не прават компромиси и распродажба на интегритетот е и непродуктивна и ретроградна, затоа што обесхрабрува секаква амбиција воопшто да се истражува или расправа за одговорноста на оние кои имаат моќ да влијаат и да го креираат јавното мислење, а тоа не е мала привилегија.
Сепак, потребно е да се нагласи дека генерализациите се одржуваат најмногу поради тоа што медиумската сфера не покажува доволно интерес за да го чува својот двор чист. На тој начин, пофалбите се индивидуални, но одговорноста е – колективна и паѓа врз сите.
Прашањата за директните или прикриени влијанија, за интегритетот и независноста на уредувачката политика и за финансирањето се исклучително важни теми за кои речиси без исклучок се расправа надвор од редакциите, со клише – а и однапред антагонизирани учесници.
Оттаму нелагода и стравување кај секој што се обидел макар малку да го потргне параванот зад кој се крие медиумскиот „пашалак“. Таквиот обид речиси без исклучок наидува на здружен отпор и осуда. Така беше и при подготвувањето на оваа база. Елементарните прашања за основање, сопствеништво, наидуваа, во најдобар случај, на сомничавост, зајадливост или игнорирање.
Станува збор за една специфична „омерта“, која нема никаква логична аргументација. Медиумите се јавни и нивната работа е јавна. Оттаму е необјасниво зошто прашањата за работата на медиумите од самите медиуми се третира како провокација и повик на отворена војна.
Секој обид макар малку да се потргне параванот зад кој се крие медиумскиот „пашалак“, речиси без исклучок наидува на здружен отпор и осуда
Сосема легитимен обид да се проверат инаку јавно достапните податоци за основање и слично беа доволна причина директор на национална телевизија да нѐ обвини за скриена агенда против сопственикот, па, наместо одговори, да ни го цитираа законот, според кој, „нашиот портал не е медиум“, следствено на тоа сме немале право да прашуваме. Во друг случај добивме и совет дека во „во време на корона има многу побитни теми за пишување од онаа за медиумите“.
И, нормално, не нè удостоија со одговор на нашите прашања.
Впрочем, на прсти од една рака може да се избројат медиумите што редовно се занимаваат со медиумската сцена како тема од јавен интерес. Дури и кога тоа се прави повремено, најчесто се сведува на известувања за вонредни состојби во некои медиумски куќи, затворање медиуми, отпуштање новинари, штрајкови, или за нови закони и политики на државата во врска со медиумската сфера, меѓународни извештаи за медиумските слободи итн.
Секојдневието во медиумската индустрија најчесто останува под радарот, како неинтересна тема, или, пак, како простор што е подобро да не се пипка поради „колегијалност“ или поради еснафскиот принцип „врана на врана очи не вади“. Да, има малициозни и отровни коментари од една медиумска клика кон друга, но тие се ретки исклучоци и само врв на огромната санта мраз, која со својата површина и големина одамна го исфрли јавниот интерес од равенката за медиумски слободи.
Повеќето доминантни медиуми во земјава низ годините покажале интерес да ја информираат јавноста на начин што им одговара на интересните групи околу нив. Некои го прават тоа и денес, а некои повеќепати ја смениле „страната“, односно интересната група што (се преправале дека не) ја застапуваат. Сето тоа стои забележано во нивната историја.
Фактот дека во земјава постојат медиумски могули со повеќедецениска комотна позиција, на која секој политичар би можел да им завидува, е релативно познат, но во рамките на оваа база веднаш е видлив и податокот, кој можеби не е таен, но некако за него ретко или воопшто не се зборува – во Македонија имаме медиуми со проблематични сопствеништва, како и медиуми зад кои стојат офшор-компании, медиуми чии сопственици влегувале, па излегувале од политика, биле назначувани за директори на јавни претпријатија и медиуми во кои се влевале јавни пари.
Сите овие податоци ќе ги најдете и во нашата база.
„Медиуми под лупа“ е замислена како своевиден хибрид меѓу класична база на податоци и новинарски истражувања, кои ќе го компензираат недостигот од транспарентност и прецизност на податоците за медиумите.
Базата ќе се проширува со нови медиуми (и локални и регионални) и со нови сознанија. Со првата група од 30-тина медиуми, БИРН ги поставува темелите врз кои ќе се градат нови профили, но и нови новинарски истражувања за скриените сопственици и за невидливите влијанија.