Регион

Новинари од БиХ формираат мрежа во чест на херој од војната

Младен Лакиќ, Сараево
 

Милкица Милојевиќ. Фотографија на Милкица Милојевиќ

Новинари од Босна и Херцеговина, добитници на наградата „Срѓан Алексиќ“, во обид во медиумите во оваа земја да ги вратат професионалните вредности, планираат да формираат новинарска мрежа, која ќе го носи неговото име, со што ќе му оддадат почит на Алексиќ.

„Поради сето она што се случува во нашите медиуми, решивме да направиме некаква група составена од новинарите добитници на наградата која го носи името на Срѓан, со цел да ги промовираме вредностите, што во денешно време, како што се чини, се заборавени“, изјави за БИРН, Милкица Милојевиќ, новинар од Бања Лука.

Според Милкица, во повоената БиХ е важно да се сеќаваат на оние што им се спротивставиле на омразата и на етничките поделби.

Срѓан Алексиќ го загуби животот спасувајќи го својот пријател Бошњак, Ален Главовиќ, во Требиње.

Тој почина на 21 јануари 1993 година, откако им се спротивстави на група српски војници кои брутално го нападнаа Главовиќ.

Милојевиќ, добитничка на наградата „Срѓан Алексиќ“ за 2012 година, е добро позната по својот граѓански активизам во промовирањето на родовата еднаквост во БиХ.

„Сведоци сме што се случува во оваа професија, колку новинари работат без достоинство, под различни притисоци и затоа сакаме, собрани засега во неформална група, ова да го смениме или барем да обезбедиме некаква алтернатива“, додава Милојевиќ.

Таа смета дека новинарите кои се добитници на наградата „Срѓан Алексиќ“, кои работат во различни медиуми во БиХ, можат да иницираат промени, во најмала рака, како за почеток, во своите редакции.

„Ќе се собереме во Приедор на 31 мај, по повод Денот на белата лента, за да изразиме почит кон сите жртви на злосторствата извршени во Приедор и во светот, и тогаш ќе имаме повеќе детали за нашата идна работа“, објаснува таа.

Милојевиќ потсетува дека новинарите мора да имаат општествена одговорност, која е суштинска во оваа професија, но која, како што изгледа, е занемарена во БиХ.

„Околу 20 новинари досега ја добиле оваа награда, но дел од нив решија да го напуштат новинарството и да започнат нова работа, што е, исто така, показател на проблемите во медиумите“, нагласува таа.

Неколку невладини организации во 2010 година ја востановија новинарската награда „Срѓан Алексиќ“, која стана дел од Мрежата за градење на мирот во БиХ, со цел промовирање на највисоките стандарди во новинарството, кога станува збор за известувањето за ранливите и маргинализирани групи.