Вести

Новинарски протест: „Судот не смее да одредува кој е новинар“

Повод за протестот беше судската одлука против ИРЛ

Новинари, медиумски работници и претставници од граѓански организации протестираа денеска пред Граѓанскиот суд во Скопје поради неодамнешната судска пресуда против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и Сашка Цветковска, во која, освен што беа осудени за навреда и клевета на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, се оспорува нивниот статус како новинари.

Застанати пред главниот влез на судот, говорниците потенцираа дека ваквата одлука претставува опасен преседан и закана за слободата на говор, не само на медиумите, туку и на граѓаните. Новинарските организации не смеат да молчат во ваков момент, потенцираа организаторите, Здружението на новинарите (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

На судијката Јованка Спировска Панева, која ја донесе пресудата, тие протестно ѝ доделија „Признание за цензор на годината“ и испратија барање до судиите за поголемо разбирање и сериозност, внимателност во постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници во државата.