Анализи

Пресуда против здравиот разум

Судската одлука за ИРЛ ја враќа дебатата за лиценцирање на новинарството

Десетте текстови со кои се откриваaт случувањата во Седмата флота по серијата поморски несреќи во Тихи Океан, во 2019 година им ја донесоа Пулицеровата награда на тројца американски новинари – Кристијан Милер, Меган Рос и Роберт Фатуречи.

Истражувањата беа објавени на сајтот Пропублика. Од 2008 година, од кога работи, до сега оваа интернет-страница за истражувачко новинарство доби шест Пулицерови, пет Пибоди, пет Еми и дванаесет награди Џорџ Полк.

Пропублика е непрофитна организација, форма што во нашето законодавство се нарекува – невладина организација или здружение на граѓани. Американскиот закон прави разлика меѓу невладина и непрофитна организација, за разлика од македонскиот и од законите во многу други држави, кои невладините и непрофитните ги сметаат за иста форма на организација.

Оваа информација ќе беше сосема неважна за овдешната јавност, ако судијката Јованка Спировска-Панева, во минатонеделната пресуда против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) не навлезе во регулација на тоа кој сѐ може да биде медиум, па заклучи дека здруженијата, кои, според македонските закони, се и  непрофитни организации, тоа не можат да бидат.

ИРЛ, како здружение на граѓани, беше тужена за навреда и клевета од поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Но, судијката, покрај тоа што констатира клевета и навреда, повикувајќи се на Законот за медиуми, тврди и дека во него „изрично е наведено дека медиуми, меѓу другото, не претставуваат здруженијата“.

А таква формулација во законот нема. Во членот што го цитира судијката, еднаш се споменува зборот здруженија, и тоа во контекст дека билтените, каталозите и други форми на публикации на здруженијата (и други институции) не се медиуми.

Но, емисијата „Заговор против воздухот“, за која ИРЛ беше тужена за навреда и клевета, не е билтен и каталог, ниту, пак, публикација на здружение, туку медиумски продукт, кој е во согласност со нивните цели наведени во статутот, за промоција и јакнење на истражувачкото новинарство.

Реакциите на ваквата пресуда сѐ уште не стивнуваат.

Кој може да биде новинар?

Апелација не упатува првостепениот суд да утврдува кој е новинар | Фото: БИРН

Адвокатот Иван Брешковски, кој, меѓу другото, работи на предмети за клевета и навреда, децидно тврди дека Апелација, која го врати случајот на повторно судење, никаде не упатува дека некој треба да утврди „кој е новинар и дали може да работи како новинар“.

А пресудата донесена од Спировска-Панева го прави токму тоа. Па, така наведува таа, „членовите на ИРЛ кои немаат статус на новинари“, не може да прават „новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари, да се занимаваат со истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“.

Обидот некој надвор од фелата да  дефинира кој е новинар, а кој не, е прашање што беше подзаборавено сѐ до минатата недела. А беше многу актуелно пред десет години, кога во 2013 година, тогашната влада на Никола Груевски се обидуваше да го наметне во Законот за медиуми. Еснафските здруженија беа против оти препознаа обид да се регулира областа на начин на кој ѝ одговара на власта, па строгите законски одредби дека некој што не работи во медиум не е новинар можеа да доведат до исклучување од професијата на професионалци што во моментот немаат формален ангажман.

Навестување за таквата намера беа што и тогаш провладините медиуми, новинарите од затворената А1 телевизија, кои не беа ангажирани во медиум, ги нарекуваа поранешни новинари.

Но, заканата не е само за новинарите. Со пресудата, практично, од правото на информирање се исклучени сите здруженија на граѓани.

За ексминистерката за правда, Рената Дескоска се работи за преседан „што во иднина може да го загрози целиот цивилен сектор и да доведе до мрак во јавниот простор“

„Образложението на пресудата не е само против ИРЛ, тоа е и против слободата на здружување, против слободата на говор, но и против здравиот разум. Таа праќа опасна порака“, вели Дескоска за БИРН.

„Лично не познавам пропис или закон со кој се забранува кое било физичко или правно лице, да пренесува информации во јавноста/етерот во кој било облик или форма (освен тој говор што подлежи на граѓанско или кривично ограничување)“, ни кажа Брешковски.

Збунета пресуда

Пресудата Кочо Анѓушев против ИРЛ | Фото-колаж: БИРН

Пресудата долга десетина страници не е лесна за читање. Збиените редови, печатните, но и суштински грешки ве тераат да се навратите и по неколкупати за да бидете сигурни што сака судијката да каже. Од една страна цитиран е Законот за медиуми, на кој се повикува таа со тврдењето дека здруженија не можат да бидат медиуми, а од друга – фактичката состојба покажува сосема спротивна ситуација.

Законот за медиуми не забранува зад радиодифузерите да стојат здруженија, туку забранува сопственици да бидат политички партии, државни органи, органи на државна управа, јавни претпријатија, општини, функционери, нивните семејства…

Впрочем, кај нас постојат печатени (месечниците „Шења“ и „Лице в лице“), но и електронски  медиуми (како радија) зад кои стојат здруженија и на кои Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги им дава лиценца за работа. На пример, Радио Марија и неколку студентски радија, кои зрачат програма.

„Во светот веќе постојат и телевизии зад кои стојат непрофитни организации“, вели директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, за БИРН.

Непрофитно новинарство – светски тренд

Иако во Македонија, медиумската сцена доминантно се финансира од реклами, во светот веќе децении е тренд новинарите да се здружуваат во непрофитни или невладини организации.

Тоа, меѓу другото, овозможува овие организации да работат без економскиот притисок за нивната егзистенција од рекламерите и огласувачите.

Четиринаесет години во САД постои и Институтот за непрофитни вести, во кој се вмрежени повеќе од 400 новинарски невладини организации, кои продуцираат вести и друга содржина. Некои истражувања што поттикнуваат промени во тамошното општество, се продуцирани токму од новинарите во непрофитните организации.

Впрочем, големите коалиции, како Организацијата за истражување и известување на организиран криминал и корупција (чија членка е ИРЛ), потоа Глобалната истражувачка репортерска мрежа, па и организацијата што ја доделува најголемата новинарска награда Пулицер се – невладини организации.

За среќа, не работат во Македонија.