Вести

Новото бугарско мнозинство побрзо од францускиот предлог

Реакциите во Скопје се воздржани во очекување на содржината на францускиот предлог

„Во овој парламент има ново мнозинство“, вака бугарскиот премиер Кирил Петков ја најави можноста од нови избори по денешното гласање во парламентот, со кое беше разрешен досегашниот претседател Никола Минчев. Тој е од партијата на Петков „Продолжуваме со промената“.

Петков, сепак, остави отворена врата за борба за задржување на оваа владејачка гарнитура што тој ја предводи.

„Верувам дека има попристојни луѓе во парламентот“, рече Петков, додавајќи дека тоа се луѓе што избираат меѓу стравот и совеста дали Бугарија треба да влезе во политичка криза со нови избори.

„За“ разрешување на Минчев гласаа 125 пратеници, „против“ беа 113 пратеници, а самиот досегашен парламентарен спикер беше воздржан.

Тоа се вкупно 239 пратеници од 240, колку што има бугарското собрание. Новото мнозинство, составено од партиите Обнова, Движење за права и слободи, ГЕРБ и Има таков народ, го разреши Минчев.

Единствениот што не присуствуваше е Делјан Пеевски, пратеник од опозициската партија Движење за права и слободи и медиумски магнат за кого Соединетите Американски Држави имаат воведено економски санкции поради неговата улога во корупцијата кај источниот сосед.  

Инаку, Пеевски во Бугарија се споменува како симбол на корумпираните елити.

„Ако мислите дека ќе го намалиме бројот на сигнали до европското обвинителство и дека ќе престанеме да повторуваме дека Пеевски е еден од најкорумпираните според американските власти, тоа нема да се случи“, рече Петков.

Од минатата недела, кога лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов соопшти дека ја напушта владината коалиција поради Македонија, од владејачкиот корпус тврдат дека тоа е лага, а дека вистинската причина е обидот за борба против корумпираните политичари во земјата.

Нарушувањето на процедурите во вчерашното сведочење во парламентот  на министерката за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска за Македонија, беше директниот повод зошто нејзината партија поднесе барање за гласање доверба на Минчев.

Тоа се случува и во период во кој бугарските медиуми шпекулираат дека е прашање на часови кога ќе биде презентиран предлогот на шестмесечниот претседавач со Европската Унија, Франција, со кој се предвидува Бугарија да го тргне ветото за Македонија.

Во обид да ја затвори темата дека Петков е „предавникот“, вчера владата одлучи за секоја промена на бугарската позиција да решава собранието.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска изјави „ние во Скопје немаме видено француски предлог“.

Тој коментираше дека постои политичка волја за внесување на Бугарите во Уставот, но предупреди дека е долг процес и дека ќе бидат потребни гаранции дека „ако влеземе во уставни промени, тоа ќе биде последното барање од бугарската влада – сегашната или некоја следна“.

За шпекулациите за францускиот предлог, воздржано одговори и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Треба да видиме предлог усогласен од сите земји-членки и да дадеме одговор на нашата позиција на таквите предлози“, рече Османи.

Поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која го воспостави првото вето за Македонија во 2019 година, денеска за агенцијата БГНЕС рече дека „и Бугарија и граѓаните на Македонија ќе загубат од избрзаното укинување на ветото“ зашто во интерес на македонските граѓани било да се реформира земјата.

„Во нивен интерес е историјата да ја знаат таква каква што е, а не измислената историја што е создадена за да ги оддалечи од Бугарија и бугарштината“, рече Захариева.