Вести

Неофицијално сценарио на Макрон за подигнување на ветото

Бугарските политичари воздржани

Вообичаената слика во која македонската јавност e разбранувана поради наближувањето на некој самит на Европската Унија и можноста Македонија да добие датум за преговори е сменета.

Бугарската јавност сега е повеќе вознемирена. Главните вести за тоа што ќе се случува до втората половина на јуни, кога се одржува самитот, доаѓаат од Бугарија, која од 2020 година го блокира македонското зачленување во Европската Унија.

Не запираат реакциите, откако утринава бугарската агенција БГНЕС, повикувајќи се на свои неименувани извори што присуствувале на минатонеделниот состанок на владините коалициски партнери, објави план за подигнување на ветото.

Приватната агенција пишува дека наскоро претседателот и премиерот, Румен Радев и Кирил Петков, во Франција ќе се сретнат со претседателот Емануел Макрон, а во делегацијата ќе биде и претставник на бугарското Министерство за надворешни работи.

Во Париз, пишува агенцијата, тие би го одобриле предлогот на францускиот претседател за подигнување на ветото. Тој предлог би подразбирал дека француското претседателство ветило дека ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и нивното спроведување ќе го гарантира самиот Макрон.

Бугарските барања, како што повторуваат тамошните политичари, се содржани во рамковната позиција, која парламентот ја усвои во 2019 година.

Во неа, меѓу другото, како услови за напредокот на Македонија во Унијата се споменува препишувањето и присвојувањето на бугарската историја,  искривување на историските настани, документи и артефакти, а за јазикот се бара да биде именуван како јазик според Уставот на Република Северна Македонија.

На овие точки, од лани, претседателот Радев го додаде и влегувањето на Бугарите во македонскиот Устав, на кое инсистираат сите бугарски политичари. Сега, сепак, останува не докрај јасно што конкретно Софија би инсистирала да влезе во преговарачката рамка со ЕУ на која гарант, како што се пишува, би бил Макрон.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која е од партијата „Има таков народ“, која, пак, стои на ставот дека Софија не треба да го тргне ветото, денеска децидно кажа дека не преговараат, туку се подготвуваат за официјална средба на стручните тимови на министерствата за надворешни работи на двете земји.

„Нека имаат доверба во министерството за политиката што ја водиме кон РСМ“, рече Генчовска.

Петков: нема ништо скриено од бугарскиот народ

Изјавата во која министерката бара да се има доверба кон министерството следува откако со недели во бугарската јавност се создава атмосфера дека владата е под притисок на западни земји да попушти и да ја деблокира македонската европска интеграција.

Во тамошната јавност како најподложен на притисокот се портретира премиерот Кирил Петков, кој има поумерен став кон Македонија.

Тој денеска од Брисел рече дека „пред дипломатите да дојдат до заедничка идеја за тоа каде да одат понатаму, не можеме да потврдиме вистински чекори“.

На конкретното прашање на бугарските новинари во Брисел дали може да се очекува развој под француското претседавање до крајот на јуни, тој објасни дека тоа зависи и од Европа – колку тие би прифатиле услови што се многу важни за Бугарија.

Петков нагласи дека собранието ќе го има последниот збор за решавање на прашањето, додавајќи дека „нема да има ништо скриено од бугарскиот народ“.

Каков е распоредот во бугарското собрание?

Бугарското собрание има 240 пратеници. Од нив 67 се од партијата на Петков „Продолжуваме со промената“ и 16 од Демократска Бугарија. Овие две партии кои се дел од владината коалиција имаат помек став во однос на деблокадата на македонските европски интеграции.

Другите две партии, кои се дел од коалицијата, БСП и Има таков народ имаат идентичен став како претседателот Радев, дека не смее да се крене ветото додека Македонија не ги исполни условите. БСП има 26 пратеници, а „Има таков народ“ 25 пратеници.

Опозициската партија „Движење за права и слободи“ често е во конфликт со владата на Петков најмногу поради владината антикорупциска политика, но за македонското прашање имаат сличен став. Од таа партија сметаат дека Македонија треба да се пушти да напредува оти како што велат дигањето на ветото не значи дека земјава веднаш ќе стане членка на ЕУ. ДПС има 34 пратеници.

Во бугарското собрание 13 пратеници има и партијата „Обнова“, која се смета за проруска, а во самиот партиски статус има наведено дека „Македонија е втората бугарска држава на Балканскиот Полуостров“ и дека тие ќе работат на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава.

Најголемата опозициска група, пак, е ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, чија влада го воспостави ветото и ја усвои рамковната бугарска позиција. Тие сега се потивки во критиките кон Петков од самите владини коалициски партнери БСП и Има таков народ. Сепак, месецов ГЕРБ усвои декларација на пратеничката група во која споменува дека се подготвува предавство на националниот интерес на Бугарија за Македонија. Партијата на Борисов има 59 пратеници.

Ако се соберат пратениците од партиите што имаат поумерен став, односно Продолжуваме со промената, ДПС и Демократична Бугарија нивниот број е 117. Тоа значи дека за малку оваа групација не би имала мнозинство.

Според изворите на БГНЕС, по враќањето на Петков и Радев од Париз ќе се одржи седница на Националниот совет за безбедност по која  БСП ќе ги свика партиските тела, кои ќе ѝ дадат мандат на лидерката Корнелија Нинова да го поддржи предложениот текст.

Агенцијата пишува дека другите партии што се дел од владината коалиција ќе ги повикаат своите пратеници „да гласаат според сопствената совест или  да ги повикаат да го поддржат единственото можно решение“.

„На овој начин ќе се смени сегашната позиција на нашата држава, а премиерот Кирил Петков ќе го исполни ветувањето „дека сѐ ќе биде одобрено од Народното собрание“, пишува бугарската агенција.