Анализи

„Новата енергија“ на Ковачевски и Петков без батерии

Минимални се шансите за изненадување од самитот на ЕУ за Македонија

Од насмевки и прегратки проследени со ветувања за нов пристап и дијалог фокусиран на економијата наместо на историјата, до одделни чествувања на Свети Кирил и Методиј во Ватикан и воздржани изјави за напредокот и можниот исход.

За пет месеци, од јануари, и првата премиерска посета на Кирил Петков на Скопје на која го пречека македонскиот колега Димитар Ковачевски до сега, се смени односот на првите луѓе на владите на двете држави.

Насмевките на лицата изгледа како да се заменија со формални и воздржани изрази, онакви какви што се и нивните последни изјави по средбата што ја имаа во Рим, откако положија цвеќе во базиликата „Свети Климент“.

Пристапот на двајцата премиери, доживеани како помалку драматично емотивни од нивните претходници Бојко Борисов и Зоран Заев, го засили очекувањето дека тој начин растоварен од баластот на историските наративи на двете страни можеби ќе даде подобар резултат. Но, и покрај очекувањата, тоа не се случи.

Јавниот дискурс во двете земји не дава основа за оптимизам во пресрет на самитот на Европската Унија во јуни. Познавачите со кои разговараше БИРН го споделуваат истиот песимизам.

Битолската посета на Петков причина за пресврт

Бугарскиот професор Стефан Дечев | Фото: БИРН

Речиси истовремено со изјавите на премиерите во Рим, бугарскиот професор Стефан Дечев беше во Скопје, на отворање на изложбата на карикатури од македонски и бугарски автори, на кои на сатиричен начин се прави преглед на односите меѓу двете соседни земји.

Дечев, кој е историчар и  професор на Југозападниот универзитет во Благоевград и на Универзитетот во Софија, е еден од членовите на друштвото за македонско-бугарско пријателство. Во Младинскиот културен центар, каде што се одржува изложбата, во понеделникот вечерта беше во тесен круг- поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски и неколкумина други.

Дечев ја лоцира точката на пресврт меѓу двете страни во минатомесечната посета на бугарскиот премиер Петков на Битола, каде што се отвори центар што го носи името на Иван Михајлов, прв човек на ВМРО во минатиот век, а кој во македонското општество буди негативни емоции и се смета за негатор на македонската нација и соработник на фашистите.

„Во еден момент Петков тргна да прави компромис (во Бугарија н.з.) од кој не знам дали нешто доби“, вели Дечев.

Неговите претпоставки се дека бугарскиот премиер се обидел да ги стиши „најрадикалните гласови како оние на Владимир Перев и Петар Колев“, претставници на бугарското малцинство во Македонија, кои често го критикуваат, но тоа не се случи.

„Единственото што се случи е да се наруши довербата меѓу двете влади, а тие и натаму не замолчеа“, вели Дечев.

Бугарското општество не треба да дозволува „уште едно предавство на Бугарите во Македонија“, е една од последните изјави на Колев за бугарската телевизија Bulgaria On Air.

„Секој политичар што ќе се обиде да го разедини бугарскиот народ од неа, во моите очи, а и во очите на идните генерации, ќе биде сметан за национален предавник“, изјави Колев.

Што го однесе Петков во Битола?

Една од карикатурите која е дел од изложбата во МКЦ | Фото: БИРН

Севкупната атмосфера на политичката сцена во Бугарија може да се смета за  преттекст на посетата на Петков во Битола. Голем дел од бугарските политичари имаат тврд став во однос на Македонија и инсистираат да нема промена на бугарската позиција за блокада во ЕУ, која е донесена од владата и собранието во 2019 година, за време на владата на Бојко Борисов и Красимир Каракачанов.

На позицијата дека Македонија не смее да се пушти да напредува во Европската Унија сѐ додека не ги прифати бугарските барања опстануваат претседателот Румен Радев и сега вонпарламентарната опозициска ВМРО-БНД на Каракачанов.

Но, истата позиција ја имаат и две партии внатре во владината коалиција.  Бугарската социјалистичка партија е единствената од коалицијата што имаше пратеници во парламентарниот состав во 2019 година, кој ја изгласа таквата позиција и тие се едната страна што се заканува со напуштање на владата. Другата е „Има таков народ“ на Слави Трифонов, која се формираше откако е изградена позицијата што сега инсистираат да не се напушти.

Дечев смета дека заканата од растурање на коалицијата и нови избори не е многу реална зашто двете партии на нови избори „тешко дека би имале подобри резултати“.

Кој е Дечев?

Дечев во бугарското општество е мета на напади поради своите ставови околу спорот. Со тамошното сфаќање, подбивно го нарекуваат македонист, термин што произлегува од „македонизам“, кој, пак, на бугарски означува политичка доктрина и национална идеологија што го оправдува постоењето во минатото и денес на македонскиот идентитет и самостојна македонска нација, јазик и култура, различни од бугарската, грчката и од српската.

Друг проблем на Петков е што медиумскиот простор е контролиран од тие што се гласни противници на каков било поинаков став кон Македонија и кои во Бугарија го креираат непопустливото јавно мислење.

Ако се сублимираат ставовите изнесени во медиумите во последниве недели, главните пораки кажани од политичари, дипломати и академици се дека „тие крај Вардарот не прават ништо друго, освен што крадат бугарска историја“, дека Бугарија воопшто не треба да преговара со Македонија, туку да ѝ ги даде своите услови и да ѝ остави децении да размисли за да ги прифати.

„Грција не се грижеше за нив – им постави услови и ги остави да размислуваат. Мислам дека треба да им поставиме услови и да чекаме да ги прифатат или не“, рече Кирил Топалов, член на бугарскиот тим на заедничката комисија за историски и образовни прашања.

Петков, пак, нема медиумско влијание за да го презентира поинаквиот пристап. Тој е соочен со жестоки и силни критики, а во медиумите е портретиран и како предавник на бугарските национални интереси.

Безбедносни служби во надворешната политика

Професор Дечев, во разговор за БИРН, како една од причините за бугарското вето го гледа и влијанието на безбедносните служби, кои, како што рече „сѐ уште во заднина ја изработуваат политиката за Македонија“.

Тој не е единствениот што во ескалирањето на состојбите гледа вмешаност на безбедносните служби кои во Бугарија се поврзуваат со руските. Познавачите велат дека интересот на Москва е спорот меѓу Софија и Скопје да прерасне во некаков замрзнат конфликт со кој земјава би се држела надвор од Европската Унија.

Впрочем, само минатиот месец, двајца вработени во бугарската Државна агенција за национална безбедност добија отказ откако беа приведени за шпионажа во корист на Русија.

Позната е изјавата на Петков дека има откриени агенти, кои, како руски шпиони, работеле против добрососедските односи на двете земји.

Во почетокот на мандатот на неговата влада имаше и скандал за директна поврзаност на бугарските тајни служби и надворешната политика. Тогаш излезе аферата дека министерката за надворешни работи од партијата „Има таков народ“, Теодора Генчовска, и самата со безбедносен бекграунд, ангажирала најмалку четворица поранешни соработници на комунистичката тајна служба како свои советници.

Минимални надежи за напредок  

Иако првичната најава на новото македонско-бугарско премиерско дуо беше дека спорот ќе се одлепи од историјата и ќе се фокусира на иднината и на економската соработка, тоа не се случи. Како и во Бугарија, така се зацврстува непопустливоста и во македонското општество.

Тоа го покажува и испитувањето на јавното мислење објавено во февруари годинава од фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија, каде што околу 70 отсто од граѓаните се изјасниле против отстапки кон Бугарија.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој вообичаено е амбициозен и оптимист за разговорите со Бугарија и македонската европска иднина, неодамна вербално ја подзатвори вратата, велејќи дека јуни е последна шанса за договор.

А шансите, според Дечев, се минимални.

„До пред две недели мислев дека можноста е 30 отсто за тргање на ветото, сега мислам дека се помалку“, вели тој, додавајќи „премногу фактори во Бугарија поддржуваат тврда позиција кон Македонија“.

Поранешниот министер и вицепремиер Никола Димтров | фото: Влада на РСМ

Поранешниот македонски вицепремиер за европски интеграции и поранешен министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој во бугарската јавност беше претставуван како пречка за наоѓање решение, во разговор за БИРН вели дека има две сценарија за тоа што би можело да се случи. И двете опции се всушност – лоши.

Едната е да нема решение, односно ветото да остане, а другата – да има таканаречено „развлечено вето“.

Имено, ова Димитров го објаснува како одлука за формален почеток на пристапните преговори, но најавеното вето би се случило пред првиот кластер, чие отворање би било условено со измените на македонскиот Устав.

Според него, второто сценарио не го решава вистинскиот проблем, а цената што ќе се плати може да го искомпромитира целиот пристапен процес зашто на тој начин „ние, наместо со Брисел, ќе преговараме со Софија“.

„Наместо европеизирање, односно реформирање на македонското општество, процесот ќе се сведе на задоволување на бугарските барања, на рати“, вели Димитров и прашува: „ако Бугарија бара да го отвориме Уставот пред процесот воопшто да почне, тогаш што ли ќе бара за крај на преговорите!?“