Вести

Бугарското собрание единствено надлежно за ветото

Владата во Софија го овласти собранието да одлучува за ветото за Македонија

Бугарската влада денеска на седница усвои одлука со која се предвидува сите предлози од француското претседателство со Европската Унија или од некоја земја-членка, а поврзани со Македонија и со преговорите за зачленување во ЕУ да бидат разгледани во Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание.

„Ниту еден политичар отсега не може да каже дека владата може да дејствува еднострано. Одлуката е на парламентот“, рече бугарскиот премиер Кирил Петков.

Ова е официјалниот дел што го соопшти Петков, кој се толкува како одговор на неофицијални верзии дека тој на своја рака ќе го тргне ветото за македонските европски интеграции.

Утрово, во тамошното собрание ваквите дебати ги отвори министерката за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска.

Доколку има негативна одлука од собранието, автоматски ќе се даде негативен одговор“, појасни Петков.

Генчовска, која е кадар на партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, соопшти дека Петков подготвувал подигнување на ветото без да ги консултира другите политички чинители.

Министерката во оставка кажа дека Петков му ветил на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, дека ветото ќе падне до крајот на француското претседателство, кое завршува на 30 јуни.

Генчовска тврдеше и дека пред два месеца, советникот за надворешна политика на премиерот испратил нацрт за ажурирање на бугарската рамковна позиција, кој, според неа, значел „ревизија на националната позиција на Бугарија“.

„Нацртот на оваа нова Рамковна позиција не ја вклучува бугарската позиција за таканаречениот македонски јазик“, рече Генчовска.

Таа откри уште еден детаљ. Рече дека во преговарачката рамка на Македонија со унијата ќе има механизам за заштита на правата на Бугарите што живеат тука.

Петков – не паѓајте во замката „Македонија“

Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска | Фото: МНР

Според Петков, темата Македонија се користи за да се одвлече вниманието од огромните скандали поврзани со незаконското трошење државни пари.

„Не паѓајте во замката со која се прават обиди да се одвлече вниманието на јавноста“, рече тој, упатувајќи на владината одлука промената на позицијата за ветото да помине во бугарскиот парламент пред да биде реализирана.

Во таа владина одлука, како што објавуваат бугарските медиуми, се цитира и рамковната позиција на бугарската влада, која подоцна во 2019 година ја усвои и бугарското собрание.

„Секој предлог што се разликува од рамковната позиција треба веднаш да се испрати до собранието и да не се дава согласност додека се разговара. Доколку има негативна одлука од собранието, автоматски да се даде негативен одговор“, појасни Петков.

Бугарската приватна информативна агенција БГНЕС, ваквиот предлог на Петков го објави вчера, пред официјално да биде донесен, со коментар дека со него всушност ќе се заобиколи Министерството за надворешни работи.

Пребројувања во парламентот

Тоа што според оваа владина одлука, крајниот збор ќе го има бугарското собрание, отвора уште повеќе нејаснотии земајќи предвид дека Петков минатата недела го изгуби парламентарното мнозинство. Лидерот на „Има таков народ“, Трифонов, за напуштањето на владината коалиција наведе две причини – Македонија и буџетот, со што навести засилени случувања во пресрет на состаноците на ЕУ, кои треба да се одржат во следниве две недели.

Петков засега смета на петте пратеници од „Има таков народ“ што одлучија да ја напуштат партијата на Трифонов, на 67-те од неговата партија „Продолжуваме со промената“, на 16-те од Демократска Бугаријa и на 26-те пратеници од Бугарската социјалистичка партија. Тоа се вкупно 114 пратеници, а за да може да има мнозинство, на Петков му се потребни 121 пратеник од 240 колку што има во бугарскиот парламент.

Од „Продолжуваме со промената“ постојано повторуваат дека очекуваат да се зголеми бројот на пратениците што ќе ја поддржат владата.

Во ваква комплицирана ситуација за бугарската влада, која ги пребројува сопствените редови, опозицијата предводена од ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов денеска во Собранието поднесе иницијатива за гласање доверба на владата. И опозицискиот блок почна со пребројување.

Слави Трифонов, претседател на „Има таков народ“ | Фото: Јутјуб

Некои пратеници од „Има таков народ“ изјавија дека ќе гласаат за недоверба, иако сè уште не е донесена одлука на ниво на партијата. ГЕРБ соопшти дека веќе разговарале и ја имаат поддршката од опозициските „Движење за права и слободи“ и Обнова. 

ГЕРБ имаат 59 пратеници, „Движење за права и слободи“ 34 пратеници, а партијата Обнова има 13 пратеници, што е вкупно 106 пратеници. На Трифонов, пак, му останаа 20 пратеници откако петте ја напуштија „Има таков народ“.

„Тие што сакаат да се гласа недоверба – немаат 121“, рече Георги Свиленски од владејачката Бугарска социјалистичка партија.

Дали Петков ќе ја добие довербата, би требало да се знае следната недела, бидејќи гласањето се очекува да биде за најмногу осум работни дена. Ако се изгласа недоверба на оваа влада што ја раководи Бугарија околу половина година, тогаш претседателот Румен Радев ќе именува службена влада, која би ја водела земјата до следните избори.

Но, позиционирањето на владина или опозициска страна не е сосема поврзано со гласањето за подигнувањето на ветото за Македонија. Во тамошниот состав има партии што се дел од владата, а кои имаат поцврст став и обратно опозициски партии што се залагаат соседот да почне со преговори за зачленување во ЕУ.

Владејачката БСП има поригиден став, па смета дека сè додека Македонија не ги исполни бугарските барања, треба да опстои и нивното вето, а опозициската Движење за права и слободи, пак, дека преговорите со соседот треба да почнат, а проблемите да се решаваат додека течат.