Владата и партиите помалку, локалните институции и судовите повеќе: Другите јавни институции наместо Владата водат како организатори на псевдонастаните коишто биле повод за пишување на написите од поширок општествен интерес. Во 2016 година имало повеќе настани креирани од локалните институции и судовите, а помалку од политичките партии отколку во 2013 година.
Другите јавни институции различни од владините водат на списокот на организатори на псевдонастаните кои биле повод за известување за темите од поширок општествен интерес. Овие институции биле организатори на псевдо настаните во 18% од случаите. Следни на списокот со 16% се владините институции, по што следат невладините организации и судовите со по 9% од настаните. Локалната власт била организатор на настаните во 8% од случаите, политичките партии во 4% и бизнис-секторот во 2%.
Споредено со претходниот мониторинг во 2013 кога владините институции водеа убедливо како организатори на псевдонастаните (27%), коишто биле повод за новинарските написи, во 2016 година најмногу вакви настани организирале другите јавни институции (18%), додека владините се јавиле како организатори на настаните во 16% од случаите. Повеќе написи биле напишани во 2016 година врз основа на настани организирани од локалните институции (8% наместо 4% во 2013 год.), судските институции (9% наместо 2% во 2013 год.), додека невладините организации се јавуваат како организатори на настани во 9% од случаите, еден процентен поен помалку отколку во 2013 година, кога се јавиле како организатори на 10% од настаните. Соодветно на тоа, нема промена и во процентот на застапеност на изворите од невладиниот сектор како извори во написите во 2016 и во 2013 година, што беше споменато понапред во овој извештај.