Препораки

Имајќи предвид дека, и покрај извесното подобрување на начинот на којшто медиумите ги `третирале` темите од поширок општествен интерес, сè уште постои голем простор за подобрување и тоа од сите аспекти опфатени со мониторингот и со анализата на резултатите, на новинарите, медиумите и невладините организации им се препорачува следново:

  1. Медиумите да го интензивираат информирањето на јавноста за темите што се од пошироко општествено значење, со што ќе им овозможат на граѓаните пристап до поширок спектар на информации кои се потребни за да учествуваат на вистински и ефикасен начин во процесите кои влијаат врз нивниот живот и работа.
  2. Новинарите да ги применуваат основните професионални стандарди кога известуваат за темите од пошироко општествено значење известувајќи точно, балансирано и фер и водејќи сметка за веродостојност, релевантност, доверба и кредибилитет на своите текстови, односно:Да објавуваат факти;
    Да ги проверуваат и потврдуваат добиените информации;
    Да ги прошируваат списоците на извори и да цитираат повеќе од еден извор;
    Да ги опфаќаат и да ги консултираат сите страни во приказните;
    Еднакво да ги третираат сите страни во приказната;
    Да обезбедуваат и да нудат докази за тврдењата во приказните;
    Да ги илустрираат своите текстови, секогаш кога е можно, со оригинални и автентични фотографии и снимки;
    Да ги потпишуваат своите текстови. 
  3. Новинарите да го практикуваат, сопствениците да го поддржуваат и уредниците да го охрабруваат истражувачкото новинарство за темите од поширок општествен интерес како начин медиумите да ја остваруваат својата општествена улога и да ги зголемат довербата и кредибилитетот кај јавноста, а со тоа и сопствените приходи.
  4. Медиумите да вложуваат (средства, време, техника и напори) во дополнително едуцирање на новинарите и уредниците не само за почитување на основните професионални стандарди на професијата туку и за техниките и методите на истражувачкото новинарство.
  5. Медиумите да им овозможуваат на своите новинари правна и друг вид заштита за професионално и објективно информирање на јавноста, а новинарите да ги користат и постојните законски одредби во оваа насока.
  6. Еснафските здруженија и организации треба да ги интензивираат своите напори за да обезбедуваат услови новинарите и другите медиумски професионалци да ги извршуваат своите работни обврски професионално и ослободени од стравови и притисоци.
  7. Невладините организации треба да негуваат односи на постојана, наместо ад-хок комуникација со медиумите, давајќи им ја потребната поддршка (експертска и во ресурси) во истражувањето и известувањето за темите од пошироко општествено значење.
  8. Невладините организации треба да вклучуваат активности за едукација на новинарите во сите проекти што ги спроведуваат во областите од поширок општествен интерес што е основа за поквалитетно информирање на граѓаните.
  9. Невладините организации и медиумите треба да ја засилат својата соработка во насока на остварување на својата општествена улога на клучни фактори на демократските процеси во земјата.
  10. Домашните и меѓународните донатори да продолжат со своите напори за поддршка на новинарите, медиумите и граѓанските организации во насока на професионално и објективно информирање на јавноста за процесите и темите од пошироко општествено значење во земјава.