Методологијата на мониторингот беше утврдена во 2013 година кога беше спроведен и првиот мониторинг на начинот на кој избран примерок од медиуми известува за десет теми од поширок општествен интерес, а кои беа заеднички утврдени од новинари и од претставници на невладини организации.
Изборот на медиумите чиишто написи1 на зададените теми се анализираа беше направен имајќи ги предвид состојбата во медиумите, целите на мониторингот, потребите за анализа на резултатите од мониторингот, проектните постулати и поставеноста, како и претходното искуство во оваа област. Притоа, се водеше сметка избраните медиуми во примерокот да бидат релевантни, гледани/ читани и соодветни за мониторинг, да бидат застапени електронски и печатени медиуми, медиуми коишто се гледаат/читаат на национално и на локално ниво, на македонски и албански јазик и медиуми од различна сопственичка припадност и уредувачка политика.
Оттука, изборот беше направен на следниве медиуми:
- МТВ1 – национална телевизија, јавен сервис, на македонски јазик;
- Алсат М – национална телевизија, на албански јазик;
- Тера ТВ – локална (регионална) телевизија од Битола, на македонски јазик;
- Дневник – национален дневен весник, на македонски јазик и
- Вест2 – национален дневен весник, на македонски јазик.
Предмет на директен мониторинг беа написите во избран примерок на изданија на овие медиуми објавени во месеците јуни, септември и октомври 2016 година. Претходниот мониторинг беше спроведен врз изданијата на овие медиуми од април, мај и јуни 2013 година.
Станува збор за комбинација од квантитативен и квалитативен мониторинг кој како резултат, покрај нумерички податоци, дава и сознанија за квалитетот на анализираните написи, во смисла на зачувување на професионалните новинарски стандарди.
Објавените написи и нивната содржина, меѓу другото, се анализираа од следниве аспекти:
- Област/тема на која се однесуваат написите;
- Страница/дел од вестите каде што е објавен написот;
- Рубрика во која е објавен написот;
- Должина на написот;
- Најава на написот на насловната страница/форшпанот;
- Илустрации на написот;
- Автор на написот;
- Жанровска припадност на написот;
- Број, статус и локација на изворите;
- Фер и балансиран пристап;
- Повод за написот;
Консултирање на засегнатата страна и начинот на кој е таа пренесена во написот и др.
Мониторингот се спроведуваше преку пополнување (кодирано и описно) на претходно изработени, структурирани прашални листови (обрасци) за мониторинг и тоа за секој пронајден текст на некоја од опфатените теми.
Откако беа пополнети, прашалните листови/обрасците се обработија, процесираа и сумираа во специјално изработена матрица во која се добија збирните резултати од мониторингот како основа за изработка на анализата.
Предмет на анализа беа збирните резултати од мониторингот, а не одделните резултати од кој било од вклучените медиуми.