Истражувањa

Отровот метомил забранет во аптеките, дозволен по улиците

Истражувањето на БИРН потврди дека метомил е супстанцијата со која се трујат животните и во опасност го носат здравјето на луѓето

БИРН во соработка со емисијата „360 степени“ ги помина сите процедури за да се види кој е отровот што се расфрла по улиците за да се трујат уличните животни – токсиколошката анализа покажа дека станува збор за метомил, опасен отров по здравјето на луѓето, забранет за продажба во земјава.

Само чиничето со остатоци од храна и празната куќарка со играчки сведочат дека во домот на Васко Здравевски некогаш живеел Бак – кучето кое на 10 април годинава беше отруено во населбата Ново Лисиче. Средбата со Васко по труењето на неговиот миленик со кој речиси 3 години го делел животот, говори колку загубата на едно куче може да остави огромна празнина.

„На 4 јули 2014 ни дојде пред куќа, го нахранивме и си остана да лежи пред врата. Не знаевме ниту која раса е, ниту колкаво ќе расте, не ни беше ни важно. Мајка ми имаше страв од кучиња, па не знаевме ниту дали ќе го задржиме, но со тек на време, ни влезе под кожа. Мајка ми со него стекна сигурност, престана да се плаши“, раскажува Васко, листајќи ги фотографиите на компјутерот од неговиот миленик.

Стотиците фотографии говорат за промената што може да настане кај човекот, кога милениче ќе влезе во неговиот живот.

Компјутерот на Васко преполн со спомени од својот миленик

Во компјутерот на Васко беше складирана секоја негова меморија за Бак – првото доаѓање пред вратата, првиот лаеж, комотното спиење на перница, бањањето, шетањето, кучињата со кои играл по тревниците низ населбата, начинот на кој молел за храна додека се служел домашниот ручек.

„Секој ден ме чекаше пред врата. Само што ќе ми го чуеше гласот, почнуваше да скока од радост, се лепеше на оградата со муцката и чекаше да влезам“, објаснува Васко, долувувајќи ги сите карактеристики на неговиот миленик, кој како што растел, сѐ повеќе наликувал на вучјаче, но со мал раст. 

Бак – сакано и среќно куче, пред да настрада од отровот во Ново Лисиче

Бак понекогаш знаел да ја прескокне оградата, но тоа не се случувало често. За жал, се случило на 10 април, околу 18 часот, кога семејството не било дома и кога се вратиле, забележале дека го нема. Околу 23 часот, на социјалните мрежи беше објавена снимка од куче како умира од отров кој најверојатно бил оставен на тревникот. БИРН присуствуваше на тој чин, кога десетици жители од соседната зграда се обидуваа да му помогнат на кучето кое еден час испушташе душа, гушејќи се во сопствената плунка. Беше повикана и полиција која само состави записник и рече дека ќе биде поднесена пријава против непознат сторител. Истата вечер, во радиус од 100 метри, мртви беа најдени уште три мачки.

Бак беше отруен на педесетина метри од неговиот дом

„Утредента требаше да учам за испит. Го баравме насекаде, го немаше. Станав во 4 утрината, видов дека сѐ уште го нема, го разбудив брат ми и почнавме да бараме. Ја свртевме цела населба, го викавме, но не најдовме ништо. Одејќи по улицата, забележав мртви мачки, но одбивав да верувам дека тоа му се случило на Бак. Се вратив дома, се вклучив на Фејсбук и ја видов снимката. Брат ми ме убедуваше дека можеби не е тој, дека тоа е куче што само личи на него, но немаше куче што личи на Бак…. Ја исконтактирав девојката која ја имаше постирано снимката. Само сакав да знам какво ременче носело кучето кое било отруено. Се молев да не ми каже дека е сино, но го добив токму тој одговор… И толку беше. Бак си замина.“

Нервен отров кој предизвикува кома и смрт

Васко не успеа да го погреба своето куче, кое умре на педесетина метри од неговиот дом. Телото на БАК го однесовме во Ветеринарниот институт и Институтот за судска медицина за да утврдиме од што угинал.

Во истиот период, во речиси секоја населба во Скопје, во речиси секој град во земјава, граѓаните апелираа за стотици труења, сите со речиси истите симптоми – пена од устата и грчење на мускулите. Изумреа многу домашни миленици, но и улични кучиња. За среќа, од отровната супстанција досега нема настрадано човек.

Граѓаните преку социјалните мрежи се збогуваат од милениците и предупредуваат за отровите

БИРН, во соработка со емисијата „360 степени“, реши да ги помине сите процедури за да се утврди која е супстанцијата од која загинал Бак, а со тоа да потврдиме кој е отровот што се расфрла на јавните површини. Телото на мртвото животинче го однесовме на обдукција во Ветеринарниот инстутит, а потоа, дел од органите беа однесени и на Институтот за судска медицина за да се направи токсиколошка анализа.

Кога го најдовме отруен, освен ременчето со сини шепи, ништо друго не оддаваше впечаток дека кучето имало сопственик. Дури утредента дознавме дека има име, има сопственик, дека живеело среќен живот. Дознавме колку било сакано. Но, неговото тело не можевме да му го вратиме на сопственикот, бидејќи тоа веќе се наоѓаше во две институции кои вршеа две напоредни испитувања, нешто што досега требаше да го направат надлежните институции за да видат кој вид отров е распространет на јавните површини.

Ланате – отров од прва категорија

„Сакав да си го погребам. Сакав да биде во наша близина, таму каде што си го помина животот. Но, ми кажаа дека телото е однесено на обдукција и дека не можам да си го земам. Колку и да ми е тешко што не се разделив со него како што треба и како што тој заслужуваше, се надевам дека ако се најде со кој отров се трујат животните, ќе се најде и оној што ги труе и ќе одговара за тоа. Можеби Бак ќе биде тој што ќе спаси многу животи“, вели Васко.  

Институтот за Судска медицина без колебање прифати да направи токсиколошка анализа. Претходно, ги погледнаа и снимките од многуте кучиња кои во изминатиов период умираа низ речиси сите градови од земјава. Кај сите ги имаше истите симптоми – гушење, нервни контракции налик на епилептични напади, пена од устата и смрт за помалку од еден час. Речиси ниту едно куче не успеа да се спаси од отровната супстанција која беше расфрлана на јавни површини – по паркови, во детски игралишта, па дури и во близина на детски градинки.

За само неколку дена, ги добивме резултатите од анализата – во желудникот на Бак беше најден метомил, супстанција која ја има во добро познатиот отров „ланате“. За првпат, со оваа анализа и официјално се утврди од што умираат дел домашни миленици и улични животни во земјава, но во опасност го доведуваат и човечкиот живот со оглед на тоа што станува збор за еден од најјаките отрови, забранет за продажба во земјоделските аптеки.

Наодот од Институтот за судска медицина

„Обдукциониот наод укажуваше на возможно труење, а мирисот на содржината исто така укажуваше на некоја од возможните супстанции кои и досега сме ги сретнувале. Се утврди присуство на супстанцијата метомил. Метомилот е доста отровен, сме го наоѓале и при самоубиства и при случајни труења кај луѓе при обдукциите што сме ги правеле на Институтот“, вели Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.

Тој го објаснува и начинот на кој метомилот влијае врз човечкиот и животинскиот организам, кога ќе се испие или ќе се внесе во организмот на кој било начин.

„Тој карбаматен инсектицид е нервен отров и го оневозможува пренесувањето на нервните импулси. Тоа е изразено во вид на грчеви во мускулатурата, огромно лачење на плунка, оток во белите дробови, секреција во бронхиите што се манифестира како пена во устата и на крај доаѓа до депресија на центарот за дишење, кома и смрт“.

За случајот со труењето на Бак, кучето кое го однесовме на Институтот за судска медицина за токсиколошка анализа, Станков тврди дека станува збор за „школски пример за завршен случај од почеток до крај“, без сомнеж дека смртта настапила како последица на силниот инсектицид.

Еден грам метомил убива човек од 70 килограми

Метомилот во Македонија во последниве две години е забранет за употреба, во производи со висока концентрација на оваа супстанција, како на пример „ланате 90“. Ако во 2011 година се наоѓаше на листата на одобрени производи и активни супстанции, во 2015 година повеќе го нема. Забраната доаѓа според регулативите на ЕУ, токму поради неговата токсичност и можности за злоупотреба, како што тоа се случува во земјава.

„Метомилот е добар инсектицид, нема канцерогени ниту мутагени дејства, но проблемот е во можноста од неговата злоупотреба која го става во група која го исфрла од употреба“, вели Слободан Банџо, професор на Земјоделскиот институт во Скопје.

Тој тврди дека 14-27 милиграми на килограм е доволно за да усмрти топлокрвен организам.

На пример, за куче од 20 килограми доволни се 0,3 грама, за мачка или глушец уште помалку,  а за да се усмрти човек со просечна тежина од 70 килограми, доволен е вкупно  1 грам од отровната супстанција.

„Тогаш се јавуваат проблеми со дишење, тремор на мускулната маса, проблеми со чукањето на срцето и зависно од количината зависи за колку време ќе настапи смртта. Доколку количината е голема, веднаш настапува смрт, ако е помала подоцна доаѓа до појавата на симптомите и смртта е помачна и подолга“, вели Банџо и додава дека дури и ако рокот на употреба на оваа супстанција е поминат, ако тој се чува во добри услови, може да има дејство (намалено, но сепак да дејствува) дури и до 10 години.

Во земјоделските аптеки креваат раменици – отровот не го продаваме

Количината метомил што е потребна за да се усмрти човек од 70 килограми

Сите наши обиди да најдеме како и од каде се набавува отровот кој е забранет за продажба токму поради опасноста по човековото здравје беа неуспешни. Во акцијата на БИРН се вклучија и голем број граѓани од повеќе градови од земјава кои влегуваа од аптека во аптека во потрага по метомил, но одговорот секаде беше ист – „такво нешто не смееме да продаваме“. Дел од продавачите во земјоделските аптеки со кои разговаравме, сепак, не негираа дека метомилот, односно „ланате“ можат да се набават во земјава преку различни канали.

„Вам никој нема да ви го продаде под тезга, ама ако дојде некој земјоделец, ќе го добие. Има многу што доаѓаат и го бараат, ќе им кажеме дека нема и ќе им понудиме нешто послабо, ќе речат „ај ќе видам, ако не го најдам, ќе се вратам“, но никогаш не се враќаат. Тоа значи дека некако го добиваат. Откако се забрани за употреба, многу количини останаа кај дистрибутерите и сега тој се набавува на црно, ти го нудат, не плаќаш со фактура туку во кеш и работата е завршена. Се употребува за прскање на овошките и доста е ефикасен, но останува можноста за злоупотреби. Освен тоа, го носат и од соседните држави, кој ќе го забележи! Ако набавите 1 килограм може да иструете пола држава“, ни рече сопственик на земјоделска аптека.

Професорот Банџо, пак, отвори две дилеми за тоа како е можно оваа отровна супстанција да ја нема во земјоделските аптеки, а сепак да ја има по улиците.

„Пред да се забрани, во земјава веќе имало набавени количини. Што се случило со нив? Што се случило со оние количини кои веќе биле продадени? Што е со количините кои биле во складишта на дистрибутерите, дали на некој начин би биле достапни за некој купувач? Законската процедура предвидува тие пестициди да се вратат за да се уништат. Дали тоа се случило или не, не знам, тоа е веќе работа на инспекцијата, на МВР и на други надлежни институции. Друг извор може да биде ако не е забранет во околните земји.“

БИРН се обиде да го најде отровот во Косово, но кога нашите колеги од соседството посетија три земјоделски аптеки, во секоја од нив им беше кажано дека метомилот е забранет за продажба со одлука на Министерството за земјоделство. Но, ова, не беше случај со Србија, каде што на веб – страниците на дистрибутерите на пестициди, во каталози се нуди метомил, односно „ланате“.

Се јавивме кај еден од дистрибутерите во Србија, и според разговорот што го презентираме подолу во текстот, може да се чуе дека „ланате“ не е забрането за продажба во Србија, но дека на дистрибутерите не им е дозволено да продаваат на физички лица туку само на правни. Сепак, физичките лица можат да го купат во секоја земјоделска аптека. Оттаму, се потврдува дека еден од каналите преку кој овој отров може да влегува во Македонија и потоа незаконски да се шири меѓу лицата кои го употребуваат како инсектицид за овошките, но и го злоупотребуваат, е токму набавката преку соседна Србија.

 

Членот 232 од македонскиот Кривичен законик предвидува дека „тој што спротивно на прописите произведува, преработува, ракува, користи, одржува, чува, пакува, препакува, употребува, превезува , увезува, извезува или отстранува отровни или други опасни материи или нивни отпадоци, или генетски модифицирани или штетни организми опасни за животот или здравјето на луѓето, или за животинскиот или растителниот свет, ќе се казни со затвор од една до пет години“, а службено лице или одговорно лице во правно лице што ќе го овозможи извршувањето на делото се казнува со затвор од една до десет години. 

Членот 233, пак, предвидува дека тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.

(Продолжува: Што прават институциите додека на улиците се истураат отрови)

Сторијата на „360 степени“ на истата тема можете да ја погледнете во прилог: