Истражувањa

Заспаните институции ги отруја животните

Ниту една институција самостојно не предложила мерки за да запре расфрлањето на отрови по јавни површини, ниту пак дала известување како граѓаните треба да постапуваат доколку најдат затруена храна, доколку дете дојде во допир со отровите, или пак доколку видат затруен леш од животно на улица.

Додека граѓаните сами ги наоѓаат и закопуваат затруените трупови на животните по улиците и со заштитни ракавици во канализација ги фрлаат парчињата храна попрскана со отров, ниту една надлежна институција не презема мерки за да се заштити животната средина и да се санкционираат трујачите. БИРН помина десетина дена трудејќи се да го лоцира одговорните за оваа појава која е казнива според Кривичниот законик, но од она што можевме да го заклучиме – за расфрлањето пестициди по улиците, детските паркови, игралишта, градинки, буквално никој не презема одговорност.

Освен што изостанува одговорноста, изостануваат и јавните апели и известувања – досега ниту една институција самостојно не предложила мерки за да запре расфрлањето на отрови по јавни површини, ниту пак дала известување како граѓаните треба да постапуваат доколку најдат затруена храна, доколку дете дојде во допир со отровите, или пак доколку видат затруен леш од животно на улица.

На сметка на тоа, по неколкудневните јавни реакции и масовниот протест во неделата, вчера беше одржан состанок помеѓу претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Здружението „Анима Мунди“, во координација на, како што беше соопштено, советникот на претседателот на Владата, Александар Митов. Состанокот резултираше со најава за формирање работни групи кои ќе ја следеле состојбата, „компаративни анализи“ и излегување на инспекторите на терен кои ќе проверуваат дали отровите се продаваат во земјоделски аптеки, но дури од идната недела.

Најфрапантен е податокот дека буквално никој не знае која е отровната материја што масовно се расфрла. Тосиколошка анализа на леш не е извршена, а труповите на животните само се отстрануваат и се носат во депонијата Дрисла. Таму останува закопан и одговорот, кој ги труе животните, кој ја загадува животната средина и ги доведува луѓето во опасност, за каква супстанца станува збор, од каде се набавува истата и дали набавките се вршат на црно или пак, во Македонија едноставно секој може да си купи отров и да го исфрли својот бес загрозувајќи го секое живо суштество кое поминува во близина.

МВР: „Ние за кучиња не доаѓаме, си го имате Жерновски во Центар“

Отруено куче во Кисела Вода

Скопјанецот Нино Здравков саботната вечер ја помина со полициски екипи, кога во населбата Кисела Вода најде отруено куче. На устата се уште имало пена, како последица од труењето, а околу него расфрлана храна. На другата страна од улицата „Првомајска“ во Кисела Вода, мртво лежело уште едно куче. Иако само еден ден претходно градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски при средбата со полицискиот командир на ПС Центар Дарко Милевски и здруженијата за заштита на животни повикаа граѓаните веднаш да повикаат 192 ако бидат сведоци на труење, Здравков не наишол на екипи кои се расположени докрај да ја завршат работата – да почнат постапка за да се види кој и како расфрла отрови по улиците.

„Во полициската станица Пролече љубезно ме примија, шефицата на смена се јави на телефон и веднаш активираше екипи. Но, кога отидовме на лице место, полицаецот ми се обрати со зборовите – ‘кога има отруено куче ние не сме надлежни, викни си шинтерска служба, ние за кучиња не доаѓаме, си го имате Жерновски таму во Центар’“, раскажува Здравков.

Случајот се завршил така што биле повикани екипи на ЈП Комунална хигиена и шинтерската служба на Вардариште за да ги соберат труповите.

„Не очекував таква реакција откако претходниот ден на вести видов дека треба да повикаме полиција ако видиме ваков случај“.

Куче вчера умре во агонија во Ново Лисиче како последица на отров

Еден ден по протестите со кои граѓаните го кренаа гласот против расфрлањето отрови по улиците, вчера скопјани повторно се соочија со грозоморна глетка. Додека мајка и ќерка се шетале низ населбата Ново Лисиче, ќерката забележала младо кутре, со каивче околу вратот, кое се тетерави и едвај оди.

„Кучето наеднаш почна да се тресе, како да имаше епилептичен напад, падна на земја, почна да му излегува пена од устата. Беше језива и страшна глетка. Истрачавме во аптека, купивме инекции и медицински јаглен, му дадовме, но очигледно само му ја продолживме агонијата“, ни рече мајката, додека нејзината ќерка вознемирена од она што го видела, расплакана истрча дома.

Кога екипата на БИРН стигна на местото, веќе беше повикана полиција.

„Толку ни се надлежностите. Ќе направиме записник и ќе поднесеме пријава против непознат сторител за расфрлање опасни материи кои го загрозуваат животот на луѓето и животните“, ни рече полицаецот, стоејќи над мртвото тело на животното.

За само неколку минути, еден од жителите на Ново Лисиче, на десетина метри од мртвото куче, во грмушките најде и леш од затруена мачка.

„Наша Белка е ова, ние си ја храневме!“, извика една жена.

И додека полицијата го правеше записникот и потоа си замина, се собраа десетина станари од околната зграда, со батерии во рацете, барајќи го отровот. Со медицински ракавици на рацете и со црни кеси, тие го отстрануваа секое парче храна по тревниците што им се гледаше сомнително.

„Детето ми игра тука!“, револтирано извикуваше еден жител од населбата.    

Каде е јавниот интерес?

Редакцијата на БИРН се обиде  да го изоди целиот пат што е потребен за да стигне до името на отровната супстанца, за која со години се шпекулира дека е отровот-инсектицид наречен „ланате“, но за да бидеме сигурни и за да можеме да видиме од каде се набавува, тргнавме во потрага по институциите надлежни за овој проблем. Се јавивме и во деканатот на Ветеринарниот факултет, а деканот Лазо Пендовски ни изјави дека можеме да донесеме улично куче за обдукција, но дека повторно името на отровот нема да го дознаеме.

„Може да се видат оштетувања на органите, да се види какви последици во организмот настанале и да се изрази сомнеж дека е труење, но од каква супстанца, тоа не. За тоа е надлежен Институтот за судска медицина“, ни рече тој.

Две дечиња од кумановско починале како последица на ланате, откако мајката, мислејќи дека со пестицидот може да ги спаси од вошките во косата, ги испрскала со отровот со кој ги прскала овошките.

Инаку, една обдукција чини околу 3 илјади денари, а потоа, како што не упатија од факултетот, треба да си земеме примерок од органите на отруеното животно и сами да ги носиме во Судска медицина за да се направи токсиколошка анализа.

„Ова што вие сакате да го сторите, многу одамна требаше да го направат истражните органи. Станува збор за процедура која треба да биде сосема нормална кога има масовни труења, па оттаму, полицијата и обвинителството треба да ја истераат таа процедура ако се сака да се дознае која е таа супстанца која се расфрла по улиците“, ни рече професор од Ветеринарниот факултет кој сакаше да остане анонимен.

Кај човекот, најчестите знаци на труење со овие пестициди се главоболка, гадење, вртоглавици, зголемено лачење плунка, мускулна слабост, тремор, грчеви, некоординирани движења, стомачни грчеви, до замаглување или целосно губење на видот. Тие можат да се апсорбираат и само преку вдишување и можат да доведат до целосна парализа на нервите.

Во Институтот за судска медицина пак, дознавме дека една токсиколошка анализа најверојатно ќе нè чини околу 1000 евра.

„Затоа сопствениците на отруени кучиња се откажуваат кога ќе ја чујат цената. Таа процедура е мошне сложена и треба да знаете на кој отров се сомневате, за да видиме дали таа супстанца е присутна во органите на животното“.

Јавниот интерес за да се дознае која е отровната супстанца која низ речиси сите градови од земјава се расфрла како пепел по детски игралишта и по паркови, очигледно за ниту една институција не е доволен предизвик за да го истера случајот докрај. Напротив, нашиот впечаток беше дека самите институции се крајно изненадени зошто новинари би сакале да ја истераат вистината на виделина, па беа и крајно конфузни и контрадикторни околу целата процедура, како би се извела обдукцијата, а потоа и токсиколошката анализа.

Допир со отровот кај човек доведува до парализа на нервите

Храна со отров во скопска населба

И покрај сета оваа конфузија околу процедурите, експертите и од Ветеринатиот факултет и од Институтот за судска медицина се едногласни дека според симптомите што ги јавуваат животните при чинот на труење, станува збор за отрови кои спаѓаат во групата „органофосфорни пестициди“.

Од учебниците за студентите по медицина, може да се види дека овие пестициди се користат за уништување на разни видови штетници и ги има околу 1500 хемиски супстанции.

„Токму поради овие ефектите што ги предизвикува произлегува и тенденцијата за уништување на штетниците да се користат други препарати, кои нема да бидат штетни за човекот и нема да ја загадуваат животната средина, а тоа се т.н. биолошки пестициди“, се вели во учебникот.

Кај човекот, најчестите знаци на труење со овие пестициди се главоболка, гадење, вртоглавици, зголемено лачење плунка, мускулна слабост, тремор, грчеви, некоординирани движења, стомачни грчеви, до замаглување или целосно губење на видот. Тие можат да се апсорбираат и само преку вдишување и можат да доведат до целосна парализа на нервите.

Затруени животни како последица на отров расфрлан во Либија

Отровот „ланате“, чија основна супстанца е метомилот е најраспространетиот отров за кој се шпекулира дека се расфрла по улиците низ сите градови. Сличен случај пред половина година имаше и во Либан, каде што граѓаните се соочија со грозоморни глетки на масовни труења и крв по улиците, како последица на отровот. Некои пак, воопшто не криеја дека ги трујат животните. Медиумите објавија флаер со натпис „Внимавајте, расфрлан е отров за кучиња“, залепен на влезот од маркет за храна, веднаш до фрижидерите за сладолед. Масовното труење резултираше со стотици отруени животни, кои умираа во рок од 10 минути во најголема агонија. Но таму, за разлика од Македонија, барем излезе експертската јавност, професорите од Земјоделскиот факултет, кои јасно изјавија дека отровот претставува голема опасност за луѓето, на тревниците каде што се поставува може да остане 14 дена, но понатаму ги контаминира и подземните води.

Во Македонија е познато дека две дечиња од кумановско починале како последица на ланате, откако мајката, мислејќи дека со пестицидот може да ги спаси од вошките во косата, ги испрскала со отровот со кој ги прскала овошките. Во јавноста одамна е познато дека дете кое питачеше по скопските улици, беше најдено мртво откако дојде во допир со храна помешана со отровот „ланате” која несовесен граѓанин ја оставил покрај контејнер со цел да се реши од кучињата скитници.

Медиумите пишуваа и за Н.С. (44), познат кавадарчанец, кој живееше во хармонично семејство, а почина откако испи една чаша инсектицид „Ланате”. Сличен случај имаше и во 2008 година, кога со „Ланате” се самоуби и 85-годишниот Ѓ.П. од кочанското село Јастребник. Јавноста сигурно се уште го памети случајот со психологот во Заводот за социјална работа „Даре Џамбаз”, Тихомир Ристевски кој беше осуден бидејќи подолго време ги труел колегите со инсектицидот „метомил”, ставајќи им мала доза во утринското кафе.   

Сите овие примери очигледно не се доволни за институциите да испитаат кој и со што ја контаминира животната средина и го доведува во опасност човечкиот живот. Засега, сè е сведено на ниво на шпекулации, од кои не изостануваат ниту оние дека и општините имаат удел во расфрлањето отрови, со цел да се справат со кучињата скитници.

Додека на дневна основа се јавува за масовни труења на кучиња и мачки, буквално никој од надлежните не знае за каква отровна материја станува збор. Тосиколошка анализа на леш не е извршена, а труповите на животните само се отстрануваат и се носат во депонијата Дрисла

„Труењата се случуваат истовремено, синхронизирано и веруваме дека удел имаат и општините“, изјавија на протестите во неделата од здружението „Анима Мунди“.

Ова дотолку повеќе што на социјалните мрежи се појавија сведоштва дека во населбата Аеродром одредени лица, синхронизирано, во канчиња за кисело млеко, во парковите поставувале храна измешана со бел прав.

Директорот на Фитосанитарната управа, Ментор Зекири тврди дека во земјоделските аптеки не можат да се најдат толку јаки отрови, иако, во неколку наврати медиумите успеаја да купат од отровот и за истото им беше издадена и фискална сметка.

„Тие отрови се чуваат во посебни магацини и можат да ги набавуваат само пет фирми. На повик на регистрирани земјоделци, се оди кај нив и се прскаат овошките, значи физичко лице не може да ги купи“, тврди тој.

БИРН телефонски се обрати до речиси сите земјоделски аптеки во земјава, и сите беа децидни дека „Ланате“ не продаваат, иако не одрекоа дека овој отров, ако се потрудиме, можеме да го најдеме на црно.

„Ние не смееме да го продаваме, ама сме чуле дека го шверцуваат од Косово“, ни изјавија во една од земјоделските аптеки.  

Јавниот интерес за да се дознае која е отровната супстанца која низ речиси сите градови од земјава се расфрла како пепел по детски игралишта и по паркови, очигледно за ниту една институција не е доволен предизвик за да го истера случајот докрај

За ова, надлежно е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно инспекторатот, кој може лесно да изврши инспекции во земјоделските аптеки и да види дали овие отрови ги има во малопродажба. Се обидовме да стапиме во контакт со директорот на Инспекторатот за земјоделство, Цветан Трипуновски, но ни рекоа дека е на пат до наредната недела.

Во меѓувреме, додека институциите се „бркаат“ околу нивните надлежности и постапување во однос на ова прашање, голем број граѓани кои се љубители на животни, ги загубија своите миленици откако отровите им беа расфрлани во дворовите.

Во галеријата што следува можат да се видат нивните приказни, како и фотографиите на повеќе затруени кучиња во последниов период. Предупредуваме дека дел од овие фотографии се со вознемирувачка содржина.