Регион

Обележување на местата на страдање во војната во БиХ

Четворица активисти од Босна и Херцеговина, спроведуваат неофицијална кампања за поставување на привремени обележја на местата на страдање во војната, на кои нема постојан споменик

Маја Живановиќ, Белград

Во текот на изминатите три години, Амер Делиќ, Далмир Мишковиќ, Чедомир Главаш и Тамара Зрновиќ, ги обележуваат местата на воените страдања, спроведувајќи герилска акција ширум Босна и Херцеговина, со што испраќаат порака дека секоја жртва заслужува почит.

Активистите тврдат дека чувањето на сеќавања на Балканот, при што луѓето им оддаваат почит само на „своите” жртви, а не и на жртвите од другите етнички групи, кои дури и се негираат, сѐ уште зависи од политичката волја.

„Одбележувањето на необележаните места на страдање, има за цел да покаже дека такви места постојат, но и да поттикне прашања во заедниците кои ги посетивме, па дури и надвор од нив, за военото минато”, вели Зрновиќ за БИРН.

Таа посочува дека постојат многу локации што не се обележани, бидејќи оние кои страдале, во тие места биле малцинства.

„Затоа не е пожелно јавно да се говори дека поранешните соседи или други лица, биле присилно апсени, убивани, измачувани или водени на принудна работа во местата во кои живееле, а камоли да се постави споменик што ќе ги потсетува луѓето на тоа”, додава таа.

Обидите на некои организации на жртвите, на одредени такви места да подигнат споменик се спречувани од мнозинската етничка група, која негира дека на тие места се случиле злосторства.

Воените споменици долго време се спорно прашање во земјите од поранешна Југославија, за што зборува и истражувањето што БИРН го спроведе во 2013 година.

Понекогаш, објаснува Зрновиќ, проблемот е во тоа што местата на кои луѓето биле затварани, мачени и убивани, се јавни објекти, како што се училиштата.

Додава дека во местата во кои обележувањето на овие локации е прифатливо за мнозинската етничка група, тоа е и направено.

„Имаме примери за општински згради и училишта на кои што се поставени спомен-плочи”, вели таа.

Комеморациите и одбележувањето на годишнините од некој настан од војната, на Балканот се користат и за политички и за „патриотски” цели.

Така, властите во Загреб, годишнината од „Бура“, операција на хрватската армија спроведена во 1995 година, редовно ја одбележуваат како национален триумф, додека властите во Белград ја одбележуваат како сеќавање на страдањата на голем број Срби, кои поради операцијата морале да избегаат или биле убиени.

Црквина кај Шамац. Фото: „Необележани места на страдање“

Стотици необележани места

Овие активисти, акцијата „Необележани места на страдањето“, ја испланирале откако во 2014 година се запознале на обука во Сараево, организирана од Центарот за ненасилна акција. Оттогаш, обележја поставиле во места во кои биле извршени воени злосторства, како што се Вишеград, Бугојно, Хаџиќи, Зворник, Кладуша, Цазин, Дрвар, Ливно, Брчко, Братунац и многу други.

Според Зрновиќ, низ целата држава, има стотици необележани места на страдање, а речиси и да нема населба без најмалку две или три локации кои треба да бидат означени.

„При изборот на локацијата и градовите кои ги посетуваме, пред сѐ, се водиме од нашите сознанија за настаните во БиХ за време на војната, потоа од пораките што ги добиваме од граѓаните за бројни локалитети, од конечните пресуди на надлежните судови и од здруженијата на жртви, кои сакаат да ни дадат поддршка во оваа активност“, објаснува таа.

Кога се на терен, тие успеваат да обележат седум до десет локации во рок од четири дена.

На секое место поставуваат натпис на кој пишува „Место на страдање. На ова место, во минатата војна, над луѓето биле вршени нечовечки дела. Не препуштајќи ги овие настани на заборавот, се солидаризираме со сите жртви, за никогаш никому ова да не му се повтори“.

Сепак, од безбедносни причини, тие ретко се враќаат на местата што ги обележале, вели Зрновиќ.

„Во многу случаи, се плашиме да се вратиме на обележаните локации, бидејќи локалното население смета дека ваквиот начин на справување со минатото, претставува опасност за нив и за нивниот патриотизам”, објаснува таа.

Информира дека активистите на социјалните мрежи добиваат заканувачки пораки: „Луѓето кои не се согласуваат со нас, се многу слободни кога се анонимни, нѐ навредуваат и отворено ни се закануваат”. Бројот на локации на кои во деведесеттите години, луѓето биле притворани и злоупотребувани, и денес е непознат.

Една од нив, вели Зрновиќ, е воениот логор во Стајиќево кај Зрењанин. Тој е еден од петте најголеми логори во Србија, во кои што најчесто биле притворани Хрвати.

Поранешните затвореници од овој логор, неколку пати до сега се обидоа да организираат комеморација во Стајиќево, но поради стравот од евентуално насилство, беа спречени.

На прашањето дали балканските општества некогаш ќе бидат подготвени да ги прифатат страдањата на „другите”, Зрновиќ одговара дека емпатијата и натаму останува предизвик за националистичките наративи.

„Подобро денови ќе дојдат кога ќе сфатиме дека процесите на справување со минатото не се закана за нашите заедници”, одговара таа.

Објавено и на Балканска транзициска правда