Регион

Објавен роман на поранешна портпаролка на ООН

Мехтилд Хенеке. Фото: АКУД/Ларс Рајман, фотографија на Мехтилд Хенеке

Мехтилд Хенеке, поранешна портпаролка на УНМИК, го искористи своето искуство стекнато во оваа земја, како материјал за нејзиниот прв, неодамна објавен роман, чие дејствије е сместено во војната на крајот на 90-тите години, а кој го носи насловот „Ах, мое Косово!“.

Хенеке, денес слободен новинар и консултант за односи со јавноста во Берлин, стана портпаролка на УНМИК по насилните немири што избија во Косово во 2004 година. На таа позиција останала четири години.

Но, таа првпат дошла во Косово во 1998 година, како волонтер на невладина организација во Ѓаковица, западно Косово.

„Беше речиси војна. Видов убиени и раселени луѓе и ме трогна бруталноста и чувството дека доаѓа нешто поголемо, нешто полошо, што и навистина се случи, откако НАТО ја започна својата воздушна кампања (против режимот на југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, во 1999 година)“, вели Хенеке за БИРН.

Нејзината книга, за која вели дека „во голема мера е заснована на вистински настани“, ја раскажува приказната за студент по медицина, косовски Албанец, кој го напуштил својот претходен живот и својата работа во Германија, за да ѝ се приклучи на новоформираната ОВК, во 1998 година.

Заснован на реален лик, романот е шокантна хроника за военото насилство и дилемите со кои се соочува еден студент по медицина, кој решил да замине во војна.

Книгата главно се базира на вистински лик, кој, во повоениот период, работел во медицинската единица на Косовскиот заштитен корпус.

Таа зборува за тоа како борците доброволци во Косово, споделувале чувство на патриотски ентузијазам и колку од нив се соочиле со болни избори поради бруталноста на конфликтот.

„Нивниот внатрешен глас – ‘И требаш на твојата земја’ – ги тера да донесат тешки одлуки“, објаснува Хенеке.

Таа истакнува дека во наративот одѕвонува минатото на нејзиното семејство.

„Мојот дедо беше убиен од Советите за време на Втората светска војна и јас живеев со неговата приказна. Во некои случаи наоѓам многу сличности помеѓу Косово и Германија, особено за тоа како војната влијаела на животите на луѓето, особено на жртвите“, нагласува таа.

За разлика од многу други приказни за војната во Косово, главниот лик во книгата на Хенеке не се гледа себеси и неговите другари како суперхерои.

„Тој плаќа висока цена и на крајот не е толку горд“, вели Хенеке.