Обвинението за кобната несреќа што се случи на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, е повеќе од само правен документ. Тоа е хронологија за нефункционирањето на цел еден систем, поради што згаснаа 62 животи, а над 220 беа повредени. Меѓу нив и 20 деца.
Обвинителниот акт покажува дека пожарот во Кочани бил предвидлива катастрофа.
Прашање на време било само кога ќе стигнат за наплата 13 годишните системски пропусти, непостапувања, но и корупција. Сето ова е детално опишано на 166 страници во обвинителниот акт, на кој, потпис ставил кочанскиот обвинител, Борче Јанев, еден од тринаесеттемина обвинители што работеше на случајот.
Она што прво паѓа во очи во обвинението до кое дојде БИРН е дека ова ќе биде долго и тешко судење. Има 34 обвинети и три фирми, но и мошне обемен доказен материјал – над 1.440 докази и голем број предложени сведоци-оштетени за сослушување – 283.
Некои од адвокатите што ги бранат обвинетите јавно коментираа дека очекуваат судски маратон налик на мега-случајот „Змиско око“, за злоупотреби при наплата на патарините, кој траеше скоро две декади и заврши неславно.
Обвинението ги третира сите обвинети како соизвршители, што подразбира дека дејствувале со заедничка умисла, иако дејствијата, односно непостапувањето на обвинетите, биле во различни временски периоди.
На сите обвинети обвинителството им става на товар едно исто кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, и тоа за ставот кој се однесува на непостапување на службени лица за заштита од несреќи.
На прес-конференцијата при презентирањето на обвинението, државниот обвинител Љупчо Коцевски, на прашањето на БИРН зошто државните функционери не се обвинети за дела при извршување на службената должност, одговори затоа што кај нив, „последицата не била смрт“.

Прес-конференција за поднесувањето на обвинението | Фото: БИРН
Со други зборови, обвинетите министри и останати функционери директно се обвинети за смртта на младите луѓе.
Ним им се заканува затвор од три до 20 години. Обвинети се и фирмата чија е дискотеката, како и фирмата за обезбедување и проектантско друштво.
Обвинението е едно од ретките во обвинителската пракса што опфаќа невообичаено долг период на дејствија од 13 години. Државниот обвинител го нарече „долгорочен каузалитет“. Ова е првпат да се конструира ваква теорија на случај, што подразбира барање кривична одговорност за толку долг период.
Речиси на секоја страница од обвинението се тврди истото – службени лица во институциите пропуштале да спроведат надзори и контроли, и на тој начин со долгогодишно пропуштање дошло до катастрофалните последици.
За три месеци колку што траеше истрагата, 13 обвинители собрале доказен материјал, во листа од 120 страници. Во него има од цедеа со видеа од настапи на групата ДНК, фотографии, вештачења, разни наредби и записници, до комуникација помеѓу обвинетите и фактурите за набавка на сунѓерите што биле поставени како аудио-изолација во дискотеката.
Меѓу доказите се и спорните лиценци, како и плик со 140 билети за влез во дискотеката, скици за самиот објект, потврди, пријави, одобренија…
Записници од 2012

Дел од обвинението за пожарот во „Пулс“ | Фото: БИРН
Првообвинет, според обвинението, е 53-годишниот кочанец Дејан Јованов, угостител со средно електро-образование, оженет и татко на две деца. Јованов е основач и сопственик на фирмата „Класик ДМ“, а еден период бил и управител на подружницата на оваа фирма, кабарето „Пулс“.
Првата лиценца за дискотеката ја добил во 2012. На 1 декември 2012 склучил договор за закуп со сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, а веќе по 12 дена можел да работи, иако објектот не ги исполнувал минималните технички услови за угостителска дејност.
Објектот кој има 415 квадрати бил реконструиран двапати на диво. Еднаш во 2012 и вторпат во 2024. Пренамената се правела без план за процена на загрозеност и план за заштита и спасување.
Ако објектот бил реконструиран и пренаменет според прописите, тогаш требало да бидат вградени застаклени ѕидови и ѕидови од керамички блокови.
Челичната конструкција требало да биде премачкана со посебна огноотпорна материја, внатрешноста требало да биде поделена на т.н. пожарни сектори, морало да има хидрантска мрежа, пожарни аларми, детектори за чад и температура, вратите требало да имаат автоматски систем за кочење што ќе ги остави отворени кон излезот, да има сообраќајно решение за пристап на противпожарни возила…
Но, во објектот немало ништо од ова.
Меѓу првите пропусти кои довеле до тоа „Пулс“ да стане смртоносна закана се записниците од пазарените инспектори од 2012 година. Наместо да го одбијат затоа што дискотеката не ги исполнува условите, обвинетите инспектори напишале дека дискотеката има доволен број на излези и вентилација.
Во 2018 бил спроведен уште еден надзор, каде што повторно било констатирано дека дискотеката ги исполнува сите услови. Следувал уште еден надзор во 2021, кога Јованов немал лиценца.
Обвинителството ја товари и Милка Едровска, сопственичка на проектантската фирма „Венци проект“, затоа што во 2012, иако знаела дека на таа локација не може да има дискотека и дека објектот не ги исполнува условите, изготвила основен проект.
Според обвинението, таа истото го сторила и во 2023 година, не направила увид во документацијата, ниту проверка на терен. Како образец го користела документот од 2012 година, при што, ја сменила само насловната страна и впишала друг број.
Обвинителството обвини и тројца градежни инспектори од Кочани. Тие требало да спроведат контроли, бидејќи била направена пренамена на објектот.
На обвинителна клупа со локалните инспектори, ќе седнат и тројцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов. Тие се обвинети затоа што не им наредиле на градежните инспектори да направат надзор, а знаеле дека дискотеката работи затоа што на општинската сметка легнувале по 2.000 евра од дискотеката.
Директорот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Јане Јанчевски и уште четворица вработени во неа, се товарат дека не направиле безбедносна процена и проверка на влезовите и излезите, како и степенот на преполнетост на дискотеката.
Синџирот на одговорност ги опфаќа и ексдиректорите на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути, Џеват Селами. Тие се обвинети затоа што не распоредиле инспектор за заштита и спасување во Кочани, каде инспектор немало од 2012 година. Инспекторот во оваа институција, Љупчо Грнчиштанов, пак е обвинет, затоа што „не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба“.
Лиценци за мито од 200 и 3.600 евра
Еден од најилустративните делови од обвинението, што потврдува дека во прашање е корупција е поврзан со вработени во Министерството за економија, како клучна институција за лиценцирање на дискотеката.
Обвинетиот службеник во Министерството за економија, Џеваир Камбери, во 2019 директно побарал и добил 200 евра од Дејан Јованов на неговата банкарска сметка без да биде спроведена законска постапка за добивање лиценца за угостителска дејност.
Истото се повторило и во 2024 година. Тогаш митото било поголемо. Во Министерството за економија Јованов на Камбери во готово му дал 226.000 денари, односно околу 3.600 евра. За возврат ја добил фалсификувана лиценца, на која Камбери „своерачно се потпишал, како да се потпишала обвинетата Размена Чекиќ-Дуровиќ“.
Документот бил заверен со службен печат како да е издаден од Министерството за економија.
Камбери е единствениот кој покрај за тешки дела против општата сигурност е обвинет дека фалсификувал службена исправа и дека примил поткуп.
Двајцата поранешни министри за економија, Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, државната секретарка, Размена Чекиќ-Дуровиќ, и петмина службеници се обвинети затоа што издавале лиценци за дискотеката, која не ги задоволувала минималните-техничките услови. Бектеши и Сарачини не иницирале вонреден инспекциски надзор за проверка на условите за работа на дискотеката.
Во пријавите за добивање лиценца што биле поднесувани до Министерството за економија не биле пополнети деловите што се однесуваат на исполнување на минимално техничките услови, а некаде внесените податоци не биле точни. На пример, во делот за послужување пишувало дека е 300 квадрати, што не соодветствувало со квадратурата на објектот.
Обвинети се и четворица службеници од Државниот пазарен инспекторат, бидејќи не изрекле забрана за вршење на дејност, кога во 2021 констатирале дека објектот нема лиценца.
Неколку минути за катастрофа

Дел од обвинението со листата на докази | Фото: БИРН
Два и пол часа пред да избие пожарот, вокалистот Владимир Блажев – Панчо, кој уште е на лекување, заедно со сега покојниот Мартин Атанасовски-Буцо, поставиле три од пиросценските уреди, т.н. „пиротехнички фонтани“ на три базни уреди кои се активираат истовремено со телескопска антена.
Пиротехниката, според обвинението, била увезена од бугарската фирма „Тропик 2000 ЕОД Софија“.
Обвинетите немале одобрение за експлозивни материи, но и покрај тоа, покојниот Атанасовски-Буцо ги внел во дискотеката, а обезбедувачите не го спречиле.
„По отпочнувањето на настапот на музичката група ДНК околу 02.32 часот на 16.03.2025 како дел од претходно утврдени визуелно сценски ефекти кои започнувале при изведба на песната ‘Што сака нека биде’“, сега покојниот Мартин Атанасовски-Буцо со далечински управувач ги активирал пиротехничките фонтани“, пишува во обвинението.
Во дискотеката имало 672 лица. Пожарот се проширил стихијно, со многу чад и висока температура. Потоа настанало масовно, неконтролирано бегање во паника.
Истрагата уште се води за вокалистот на групата ДНК, Владимир Блажев Панчо и за сопственикот на Агенцијата „Рубкион“, Александар Нацев.
Местото од каде што требало да излегуваат, т.е. од единствениот излез, за присутните всушност било пречка. Покрај двокрилната врата, која не била доволно широка, требало да има најмалку уште три.
Обвинението на 12 страници го опишува траорот и страдањата на жртвите. Над 50 починати се задушиле во јаглероден моноксид, шест деца се задушиле поради притисок на градниот кош, а други имале термички оштетувања на горните дишни патишта.
Изгореници од втор и трет степен, нагмечувања, скршени ребра, оштетен вид, закиселување на крвта од вдишување јаглероден моноксид… Пред овие описи на повредите, стојат имињата на повредените, кои кобната ноќ присуствувале на настапот.
Судот уште не оценил дали обвинението има правни недостатоци еден и пол месец по поднесувањето. Тоа делумно се должи на долгиот период за да се определи надлежноста кој суд ќе постапува, бидејќи кочанскиот нема ниту доволно судии, ниту доволно ресурси.
Според информации на БИРН, еден дел од судиите од Кривичниот суд во Скопје, каде ќе се суди предметот, барале изземање поради блискост со оштетени.
Некои од адвокатите што ги бранат обвинетите веќе јавно реагираа дека го добиле доцна или сѐ уште не го добиле обвинението. Кога сите ќе го добијат обвинителниот акт, имаат осум дена за да приговараат. По оценката на обвинението и неговата правосилност, ќе биде закажано првото рочиште.
Сознанијата на БИРН од Кривичниот суд говорат дека е извесно оти судењето ќе се одвива во големата судница во затворот Идризово.