Актуелно

Обвинителката Јанева состави тим на „широка коалиција“

Најголемо изненадување од тимот на Катица Јанева е името на Лиле Стефанова, обвинителката од Радовиш, која во изминативе неколку години работеше во обвинителството за организиран криминал и која го имаше предметот против новинарот Томислав Кежаровски, случајот „Шпион“ и други случаи за кои во јавноста често беше прозивана како продолжена рака на полицијата.

Изборот на тимот од 14 обвинители што го претстави специјалната јавна обвинителка кои треба да работат на предметите од „политичките бомби“ е исто толку изненадувачки, како што беше и информацијата за нејзиниот избор, е првата реакција што се шири во правните кругови.

За многумина очекувано, обвинителката Јанева се одлучи за избор на обвинители од основните обвинителства, бидејќи беше јасно дека ниту еден обвинител кој досега бил на ранг повисок од тој на Јанева, би прифатил да биде нејзин заменик.

Јанева одлучи во тимот да ги земе: Артан Ајран, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Лиле Стефанова, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Стевчо Дончев, Трајче Пеливанов и Фатиме Фетаи.

Реакциите во правните кругови се дека изборот на тимот на обвинители е исто толку изненадувачки, како што беше и информацијата за изборот на јавната обвинителка Катица Јанева | Фото: МИА

Реакциите во правните кругови се дека изборот на тимот на обвинители е исто толку изненадувачки, како што беше и информацијата за изборот на јавната обвинителка Катица Јанева | Фото: МИА

Првите коментари се дека обвинителката составила тим на „широка коалиција“, во кој, неофицијално, влегле четворица обвинители блиски до ДУИ, тројца до СДСМ и седум до ВМРО-ДПМНЕ.

Еден од избраните обвинители за БИРН посочи дека кога ја прифатил позицијата што му ја понудила Јанева, му било речено да молчи, додека не биде „одобрен“ од повисоки инстанци, не коментирајќи за кои инстанци станува збор.

Обвинителката од случајот „Ликвидација“ во тимот на Јанева

Најголемо изненадување од тимот е името на Лиле Стефанова, обвинителката од Радовиш, која во изминативе неколку години работеше во обвинителството за организиран криминал и која го имаше предметот против новинарот Томислав Кежаровски и другите обвинети во „Ликвидација“, потоа случајот „Шпион“ и други случаи за кои во јавноста често беше прозивана како продолжена рака на полицијата.

Против одлуките на Лиле Стефанова за продолжување на притворот на Кежаровски повеќе пати протестираа и новинарите.

Новинарите протестираа за слобода на новинарот Томислав Кежаровски, носејќи транспаренти на кои стоеше името на обвинителката Лиле Стефанова | Фото: БИРН

Новинарите протестираа за слобода на новинарот Томислав Кежаровски, носејќи транспаренти на кои стоеше името на обвинителката Лиле Стефанова | Фото: БИРН

Лиле Стефанова, заедно со обвинителот Златко Биковски, се појави и на застапување на предметот „Пуч“ оформен против лидерот на СДСМ Зоран Заев, екс директорот на ДБК Зоран Верушевски. На обвинителката Лиле Стефанова ѝ беше даден и новиот предмет за митото во случајот „Маѓар Телеком“, а пред неколку дена пред неа даваше исказ разузнавачот Слободан Богоески.

Контролата на Јавното обвинителство извршена врз работата на обвинителката Стефанова во обвинителството во Радовиш регистрирала сериозни пропусти во постапувањето, за што постојат извештаи во највисокото обвинителство.

Останатите обвинители од тимот немаат искуство поголемо од 5 години

Најголем број од избраните обвинители доаѓаат од скопското обвинителство, дел од нив се со завршена обука во Академијата за судии и обвинители, кои и сега работеле на предмети од прислушуваните разговори, но никој од нив нема обвинителско искуство поголемо од 5 години.

Од првата генерација на обвинители од Академијата се кавадарчанецот Трајче Пеливанов кој работи во скопското и Бурим Рустеми од кумановското обвинителство. Според познавачите тој имаше амбиции да биде и скопски обвинител. Меѓу предметите на кои работел е и еден за криминал од 11 милиони евра наводно сторен од директор на голема банка во Скопје, но ја отфрлил пријавата на која полицијата работела три години. Тој често е гледан во друштво со јавниот обвинител Марко Зврлевски. Го имаше и предметот за лекарот Дејан Ставриќ.

Најголем број од избраните обвинители доаѓаат од скопското обвинителство, а дел од нив се со завршена обука во Академијата за судии и обвинители | Фото: БИРН

Најголем број од избраните обвинители доаѓаат од скопското обвинителство, а дел од нив се со завршена обука во Академијата за судии и обвинители | Фото: БИРН

Бурим Рустеми кој доаѓа од кумановското обвинителство е син на поранешниот судија на скопска апелација Јусуф Рустеми. Неговиот колега Љубомир Лапе е исто така од втората генерација на Академијата, кој беше испратен на работа во Куманово, а во последниот период поради празните обвинителски позиции бил испратен да биде и в.д. шеф во Крива Паланка. Тој живее во Скопје, па влегувањето во тимот ќе стави крај на неговото секојдневно патување. Љубомир Лапе е син на новинарот Владимир Лапе.

Од обвинителството во Скопје, во тимот влегува и Артан Ајро, стружанец и син на бившиот член на Судскиот совет, покојниот Неџат Ајро. МВР во една од акциите за расчистување на митото на граничните премини го уапси и неговиот брат. По завршување на судската постапка, тој беше вратен на работа во полиција и е командир на полициската станица во Велешта.

Од скопското обвинителство доаѓа и тетовчанката Фатиме Фетаи, која предвреме го прекинала породилното отсуство за да се врати на работа и да ја прифати новата позиција. Имињата на Ајро и на Фетаи биле и на партиските списоци на состаноците во Клубот на пратеници кога се лицитирало со имиња кој да биде специјален јавен обвинител.

Речиси сите обвинители во тимот на Јанева се избрани во период кој е опфатен со прислушуваните разговори, во кои се слушаат разговорите помеѓу екс министрите за правда и за внатрешни работи Блерим Беџети и Гордана Јанкулоска, како и помеѓу Сашо Мијалков и Муса Џафери.

Обвинителот Дарко Јакимовски е син на пензионираниот обвинител од Крива Паланка Иван Јакимовски и член во новоформираниот Совет за утврдување на факти, кој ќе предлага разрешување и казнување на судии. Во работа го имал предметот за убиството на Ангел Петровски кај очната болница во Ѓорче Петров.

Од првата генерација „академци“ и обвинител во скопското обвинителство е и беровчанецот Гаврил Бубевски, син на судијката и екс претседателка на беровскиот син Данка Бубевска. И тој има стаж од околу 5 години во обвинителството. Двете негови колешки, Марија Ѓорѓева и Снежана Бундалевска исто така се од скопското обвинителство. Ѓорѓева била стручен соработник во Врховниот суд пред да стане обвинител, а Бундалеска е ќерка на поранешниот Републички јавен обвинител Марко Бундалески.

Меѓу изненадувањата се и имињата на кичевчанката Елизабета Јосифовска од Основното обвинителство во Гостивар, внука на разрешениот судија и претседател на кичевскиот суд Кирил Миладиноски, како и кочанчанецот Стејчо Дончев. Од тетовското обвинителство доаѓа и Лејла Кадриу.

Јанева ги опиша соработниците како „истакнати професионалци“

Претставувајќи го тимот обвинители, јавната обвинителка Јанева рече дека се одлучила за 14 обвинители, бидејќи овој број обвинители би бил неопхподен за успешно исполнување на обврските на специјалното обвинителството со кое таа ќе раководи.

Јанева своите заменици ги опиша како „истакнати професионалци“. Обвинителите треба да ги преземаат предметите кога специјалното обвинителство ќе добие свое седиште.

Обвинителите кои влегоа во тимот ќе имаат по околу 100 евра поголеми плати од сегашните, со исклучок на Стефанова која ќе има иста плата како сегашната, а ќе немаат право да издаваат налози за апсење, ниту да ги потпишуваат обвиненијата. Сето тоа ќе се прави во име на специјалната обвинителка.

Во моментов, специјалната обвинителка е сместена во две канцеларии на третиот кат во Министерството за правда, а распишан е повик за прибирање понуди за наоѓање на простории под закуп | Фото: МИА

Во моментов, специјалната обвинителка е сместена во две канцеларии на третиот кат во Министерството за правда, а распишан е повик за прибирање понуди за наоѓање на простории под закуп | Фото: МИА

Обвинителите имаат рок од 18 месеци да ги завршат истрагите и да покренат обвиненија. Доколку во тој рок не ги завршат, законот им забранува да гонат понатаму.

Во моментов, специјалната обвинителка е сместена во две канцеларии на третиот кат во Министерството за правда, а распишан е повик за прибирање понуди за наоѓање на простории под закуп, бидејќи сите објекти кои ги предложила владината Служба за општи и заеднички работи, не биле соодветни.

Според законот, Министерството за правда беше должно во рок од 3 дена по изборот на обвинителката да и обезбеди времено сместување, а во рок од 30 дена целосни просторни услови. Тој рок истекува на 15 октомври.

Во меѓувреме, се чека одлуката на Апелациониот суд во Скопје, кој треба да реши дали прислушуваните разговори од „бомбите“ може да се користат како доказ откако судија на претходна постапка забрани да се користат како такви. Од 27 предмети колку што има во работа во скопското обвинителство, обвинителите поднеле жалби на решенијата на судот за 21 предмет. Жалби нема во предметите во кои бил опфатен премиерот Никола Груевски.