Вести

Таргет-Тврдина се урна, Мијалков „неповреден“

Сашо Мијалков од судење | Фото: БИРН

Од денеска никој не е виновен за масовното прислушување. По пет години и девет месеци правосудно натегање, од кои 9 месеци чување на предметот во фиока во скопска Апелација, последните клинци за запечатување на предметот „Таргет-Тврдина“ дојдоа директно од политиката.

Немаше ниту еден месец откако парламентот експресно ги усвои измените на Кривичниот законик, стана јасно дека деновите на овој случај се одбројани.

Со измените во Кривичниот законик се редизајнираше членот за злоупотреба на службената положба и овластување и за злосторничко здружување, поточно се декриминализира искористувањето на службената положба, драстично се намалија казните и роковите за застарување, а не постои ниту ставот од членот што ја казнува злоупотребата на јавни фондови и државниот буџет.

Сето тоа им одеше во прилог на обвинетите.

Обвинителката Ленче Ристоска утрово на судењето побара да се примени поблагиот закон и да се преквалификува делото. Меѓу обвинетите за масовното прислушување се поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и вработените во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Ристоска, по денешното судење изјави: „Како и во другите два претходни случаи на прислушување и во овој, за жал, нема да имаме кривично-правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата“.

Судска завршница не добија ниту претходните случаи за прислушување „Дувло“ и „Големото уво“.

Таа рече дека настапила комплетна застареност на кривичното гонење, што е директна последица на измените на Кривичниот законик.

Мијалков беше обвинет дека формирал злосторничко здружување за незаконско следење на комуникациите за да добива информации од сите сфери во општеството.

Според обвинителството, основачи на злосторничкото здружување беа ексначалникот на петтата управа, Горан Грујевски, кој сѐ уште е во бегство, и шефицата на оперативното одделение, Надица Николиќ. Тие се товареа дека на своите колеги им наложиле да внесуваат телефонски броеви во системите за прислушување.

Предметот, како истрага го почна поранешното СЈО во 2016 година.

Медиумите тогаш ги отвораа вестите со снимка од обидот на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, да влезе во УБК и да обезбеди докази.

„Таргет-Тврдина“ го опфаќаше прислушувањето и уништувањето на опремата за прислушување, за кое судењето продолжува за Гордана Јанкулоска, Горан Грујевски, Никола Бошкоски и Тони Јакимовски.

Но, клепсидрата и за овој предмет „Тврдина“ тече. Ако до 2025 година не биде донесена правосилна пресуда, и тој случај целосно ќе застари.

Тоа што обвинетите пет години доаѓаа на судење, а не се докажа нивната вина, ќе значи дека од државниот буџет ќе треба да им се платат адвокатите и трошоците за водењето на судската постапка, како што налага Законот за кривична постапка.

Скандалот за масовното прислушување во јавноста го обелодени лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 9 февруари 2015 година, преку проектот „Вистината за Македонија“. Вкупно беа објавени 38 бомби. Без судски налог прислушувани биле 4.614 корисници на телефонски броеви во период од шест години, меѓу 2008 и 2015 година.