Регион

Обвинителство бара 59 години затвор за масакрот во Ловас

Филип Рудиќ, Белград

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Заменикот обвинител за воени злосторства, Душан Кнежевиќ, побара денеска од Вишиот суд во Белград, да ги осуди осуммината поранешни српски борци, на вкупно 59 години затвор, за убиство на 28 хрватски цивили во селото Ловас.

Во завршните зборови на судењето, обвинителот зборуваше за нападот на Ловас, извршен на 10 октомври 1991 година, и за преземањето на контролата во селото, од страна на српските сили.

„Работите излегле надвор од контрола (во Ловас) и сите можеле да прават што сакаат“, изјави Кнежевиќ пред судот.

Тој побара, обвинетите, Жељко Крњајиќ и Милан Девчиќ, да бидат осудени на по 10 години затвор, а другите на казни затвор од 4 до 9 години.

Адвокатот на Девчиќ, Бранкица Мајкиќ, побара од судот да го ослободи нејзиниот клиент, тврдејќи дека обвинителството не ги докажало наводите од обвинението. Адвокатот на обвинетиот, Радован Влајковиќ, исто така, побара тој да биде ослободен.

Според обвинителството, српските сили го освоиле Ловас на 10 октомври истата година, по што почнале да ги тепаат и мачат цивилите.

Седум дена подоцна, на 17 октомври, српските сили, наводно, опколиле и уапсиле околу 70 мажи од селото, на возраст од 18 до 65 години. Дел од нив биле измачувани.

Следниот ден, на обвинетите, Радован Влајковиќ и Радисав Јосиповиќ, припадници на територијалната одбрана, им било наредено, цивилите, како жив штит, да ги однесат на минско поле, се вели во обвинението.

Како што се додава, тие избрале околу 50 заробени цивили и им рекле да тргнат кон блиското поле, за да проверат каде се мините.

Имено, припадниците на единицата „Душан Силни” им кажале на цивилите да се движат во една редица и со нозете да проверат каде има мини. Во ова, наводно, учествувале и Влајковиќ и Јосиповиќ.

Кога еден од цивилите паднал, се чула експлозија, а дел од војниците почнале да пукаат во Хрватите, при што убиле 20 од нив.

Обвинетите беа осудени во 2012 година, но Апелацискиот суд на Србија во 2014 година ја поништи пресудата и случајот го врати на повторно судење.

Во меѓувреме, четворица обвинети – Љубен Деветац, Драган Бачиќ, Александар Николаидис и Милан Радојчиќ, починаа.