Вести

Обвинителство: Не гледаме судир на интерес кај Тополова-Исајловска

Обвинителството бара Врховен да расчисти со „Талир“ пред да почне да се суди одново | Фото: БИРН

Јавното обвинителство не гледа проблем што републичката обвинителка Анита Тополова-Исајловска, поднела барање до врховните судии, со кое, де факто, го минира предметот „Талир“ за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

БИРН го праша Обвинителството дали препознаваат судир на интерес поради тоа што сопругот на обвинителката е избран за функционер од политичката партија, која што е обвинета во предметот.

„Нема ниту еден законски основ за изземање на надлежниот јавен обвинител кој постапува во предметот ниту сомнеж во поглед на непристрасноста на постапката“, велат од Обвинителството за БИРН.

Иницијативата за оценка стигнала од обвинет во предметот, а обвинителката, според Јавното обвинителство, постапила законски.

„Во целост се испочитувани сите законски предвидени процедури“, велат оттаму.

Од Јавното обвинителство не одговорија директно на прашањата дали републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, бил запознаен со барањето, ниту дали предметот бил рефериран на колегиум пред останатите републички обвинители.

Во одговорите тврдат дека барањето го поднеле бидејќи „судската постапка по предметот започнува од почеток, па целисходно е како претходно прашање да се разјасни и прашањето за овластен тужител во оваа судска постапка“.

Судењето за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ трае пет и пол години и повторно почнува одново, нема првостепена пресуда. Обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски и ВМРО-ДПМНЕ. Осудена е Елизабета Чингаровска, која, пред воопшто да почне судењето, се спогоди со обвинителството и доби условна казна затвор.

Според обвинението, Груевски во име на ВМРО-ДПМНЕ прибирал 4,6 милиони евра од анонимни извори и од фирми што вршеле јавни услуги за државни органи, установи или претпријатија и кои според Законот за финансирање на политички партии не смееле да бидат финансиери на политичка партија.

Божиновски, Јанакиески и други вршеле притисок врз фирмите да дадат пари, а Димовски, Ристовски и Чингаровска, црните пари ги пуштиле во оптек. Потоа, обвинетите изготвувале фалсификувани уплатници и биле уплаќани на сметката на партијата како донации и членарини, а со нив партијата купувала имот.

Над овој предмет од лани виси уште една опасност, а тоа се ефектите од измените во Кривичниот законик, со кои драстично се скрати рокот за застарување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Па така, ова дело застарува во 2026 година.

Уште поголем проблем е тоа што искористувањето на службената положба од септември минатата година е декриминализирано, а обвинението за „Талир“ се темели токму на ова кривично дејствие.

Доколку врховните судии одлучат предметот да го вратат во фаза на оцена на обвинение, според Обвинителството, се создава можност „да се отстранат сите евентуални процесни недостатоци и надлежното јавно обвинителство да се легитимира како овластен тужител уште на самиот почеток на кривичната постапка“.