Регион

Обвинителството поднесе жалба на ослободителната пресуда на Насер Ориќ

Џана Брканиќ, Сараево

Насер Ориќ пред Судот на БиХ. Фото: БИРН

Обвинителот, Мирослав Јањиќ, побара судењето да се обнови, поради, како што наведе, нецелосно и и неточно утврдена фактичка состојба во првостепениот судски процес.

Јањиќ истакна оти станува збор за „единствена пресуда“ во судската практика на Судот на БиХ, бидејќи таа, според него, се базира на „имагинарен доказ“.

Од друга страна, одбраната на Ориќ и на Мухиќ жалбата на обвинителството ја нарекоа „збунувачка, нејасна и неразбирлива“.

Обвинителството го товареше Ориќ, поранешен командант на единицата на територијалната одбрана на Армијата на БиХ во Сребреница и неговиот подреден, Сабахудин Мухиќ, дека во 1992 година, во местата Залазје, Лолиќи и Куњерац, убиле тројца затвореници од српска националност.

Сепак, Судот на БиХ во октомври минатата година донесе ослободителна пресуда, во која образложи дека обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомневање, дека Ориќ и Мухиќ ги извршиле убиствата.

Претходно и Хашкиот трибунал го ослободи Ориќ од обвинението за воени злосторства извршени во Сребреница во 1992 година.

Случајот кој што се водеше во Сараево, во голема мера беше контроверзен, бидејќи многу Бошњаци го сметаат Ориќ за херој, поради неговата улога во одбраната на Сребреница пред масакрот во 1995 година, додека, од друга страна, некои босански Срби сметаа дека обвиненијата се премногу благи.

Пресудата предизвика остри реакции на челиниците на Србија и на Република Српска.