Регион

Од Советот на Европа побарана подршка за прогласување на Ден на сеќавањето на Сребреница

Дуња Мијатовиќ, Мунира Субашиќ и Када Хотиќ, на отворањето на изложбата „Сребреница – долга борба за правда на мајките” во Стразбур. Фото: Елен Вуибаукс/Совет на Европа

Милица Стојановиќ | Белград

Дуња Мијатовиќ, на денешното отворање на изложбата со наслов „Сребреница – долга борба за правда на мајките” во Стразбур, изјави дека Советот на Европа треба да го поддржи прогласувањето на 11 јули, за официјален ден на сеќавањето на жртвите од Сребреница.

На овој настан, Мијатовиќ им се обрати на двете активистки од здружението „Мајки на Сребреница и на Жепа“, Мунира Субашиќ и Када Хотиќ.

„Вие, мајки, го повикувате Советот на Европа да го одбележи 11 јули како ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Се придружувам кон вашио глас. Предолго меѓународната заедница го свртуваше погледот од тоа прашање. Дојде време да се заземат страни и да маршираме со вас, за семето на омраза да се замени со семе на правда“, нагласи Мијатовиќ.

Таа додаде дека со негирањето на геноцидот треба да се води борба.

„Многу луѓе во Европа и во светот не знаат за геноцидот, а некои дури и не сакаат да знаат. Некои дури и го негираат тоа. Тоа е навреда за жртвите и сериозна закана за мирот и помирувањето“, истакна Мијатовиќ.

„Мораме да се бориме против негирањето на геноцидот. Ова е уште поважно, бидејќи културата на негирање на геноцидот е вкоренета во регионот“, додаде таа.

Повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња беа убиени во серијата масакри што се случија откако силите на босанските Срби ја зазедоа Сребреница во јули 1995 година.

Поранешниот претседател на Република Српска (РС), Радован Караџиќ, во март оваа година, беше осуден на доживотен затвор, меѓу другото, и за геноцидот во Сребреница.

Сепак, властите на РС и на Србија, не прифаќаат дека масакрите претставуваат геноцид и покрај пресудите на меѓународните судови.