Учениците од двете верски средни училишта во земјава – православното „Св. Климент Охридски“ и медресата „Иса Бег“ ќе можат да полагаат државна матура и да се запишат на кој било факултет во земјава, а не само на теолошките, како што беше досега.
Оваа новина е содржана во предлог-законот подготвен од Министерството за образование и наука, со кој се излегува во пресрет на долгогодишните барања на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и на Исламската верска заедница (ИВЗ), средношколците, од своите училишта да добијат пристап до сите високообразовни институции во државава.
Досега, ваквата можност беше исклучена поради тоа што наставните програми во верските училишта значително се разликуваат од оние во стандардното образование.
Голем дел од предметите, особено природните науки, не се изучуваат, а нема ниту годишни оценки. Поради тоа, учениците не можат ниту да полагаат матура, ниту да конкурираат на други студиски програми, освен на теолошките.
Училиштата ќе се финансираат сами, државата ќе има помала контрола
Новиот предлог-закон го дефинира статусот на верските училишта на хибриден начин, односно тие нема да бидат ниту целосно државни, ниту класични приватни.
Според текстот на предлог-законот, кој е составен само од 12 члена напишани на две страници, верските училишта ќе се финансираат од нивните основачи, односно од верските заедници, со можност да добиваат пари и од други недефинирани извори, со што се отвора прашањето кој сè би можел да ги финансира верските училишта.
Контролата од каде се добиваат парите ќе ја врши државниот просветен инспекторат, како и други државни институции, велат од Министерството за БИРН.
За споредба, кај државните средни училишта, финансирањето доаѓа директно од државниот буџет.
Новиот модел имплицира и послаб степен на државна контрола, особено во однос на наставните програми. Додека кај државните училишта, наставните програми ги креираат Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, кај приватните, а со новиот закон и кај верските, училиштата самите ги креираат програмите и потоа ги доставуваат на увид до надлежните институции.
Нема препораки за наставниот план

Ако сакаат на други факултети учениците ќе мора да полагаат соодветна матура | Фото:Pexels
Во предлог-законот не се дава ниту прецизна насока за тоа како треба да изгледа наставната програма. Единствено е наведено дека училиштата треба да вклучат општообразовни предмети, избрани од програмите за гимназиите, додека теолошките предмети ќе си ги предлагаат самите.
Од Министерството за образовани и наука, за БИРН, велат дека „ако советниците во Бирото за развој на образованието констатираат дека наставните програми по општите предмети не се компатибилни со наставниот план, ќе укажат на соодветни корекции“.
Ваквото решение е драстично различно од претходниот законски предлог од 2022 година, кога пратеничката група на ДУИ предложи верските училишта да бидат државно финансирани, но под услов наставната програма да биде составена 55 отсто од гимназиско образование и 45 отсто од верски содржини, со минимум 18 гимназиски предмети.
Според извори на БИРН, кои биле вклучени во претходните неуспешни обиди за законско регулирање на верските училишта, еден од проблемите бил и отпорот од страна на верските заедници за вклучување одредени предмети, како на пример биологија, во нивните наставни програми.
Сега учениците во средното богословско училиште „Св. Климент Охридски“ учат пет години. Според наставната програма објавена на нивната интернет-страница, тие изучуваат јазици, информатика, теорија на музика, психологија, логика, историја и педагогија. Но, природни науки како биологија, хемија и физика, немаат.
Во медресата „Иса Бег“, образованието трае четири години, а учениците имаат вкупно 30 предмети. За разлика од богословијата, во медресата веќе се изучуваат предмети од природно-математичкото подрачје, како математика, биологија, хемија и физика.
Без разлика дали учеле или не природни предмети, ако сакаат да се запишат на факултет, наместо училишна, потребно е, велат од МОН, да одберат државна матура, на која ќе треба да го полагаат соодветниот предмет потребен за запишување на факултет. На пример, ако некој од верско училиште сака да продолжи на медицински факултет, ќе мора да полага биологија.
„Тоа значи дека треба да се подготви за полагањето и да го совлада материјалот по тој предмет“, велат од Министерството.
Дали Уставниот суд ќе го прифати новиот модел?

Уставниот суд ја прогласи владината одлука за медресата за неуставна | Фото: БИРН
Од Мрежата за заштита на дискриминацијата, пак, оценуваат дека предлогот е „противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование“.
Тие се повикуваат и на неодамнешната одлука на Уставниот суд, кој ја поништи одлуката на поранешната влада, предводена од Талат Џафери, со која ѝ се дозволи на медресата да стане приватно средно училиште.
Судот оцени дека тоа е во спротивност со постојниот Закон за средно образование, кој забранува верско организирање, дејствување и истакнување верски симболи во државните училишта. Освен тоа, судиите се повикаа и на Уставот, според кој, верските заедници можат да основаат само училишта во кои се предава веронаука, односно конкретна религија.
Од Министерството сега се убедени дека нивниот предлог е „согласно уставните одредби кои дозволуваат верските заедници да основаат училишта, како и согласно досега пристигнатите сугестии во Министерството“.
Вметнувањето на верските училишта во формалниот систем на образование е тема што се отвора веќе две децении, особено по воведувањето на државната матура во 2007 година, која стана предуслов за запишување на факултет. Бидејќи учениците од верските училишта не ги исполнуваа условите за полагање, тие беа исклучени од процесот.
Прв сериозен обид за регулирање на нивниот статус беше направен во 2009 година, кога Богословскиот и Исламскиот факултет веќе беа дел од државниот систем. Тогашниот министер за образование, Перо Стојановски формираше работна група за да го утврди моделот за функционирање на средните верски училишта. Но, процесот не беше финализиран.
Темата повторно се актуализираше во 2015 година, кога министерот Абдулаќим Адеми имаше средби со верските заедници со цел да се подготви законско решение. Но, и тој обид остана без исход.