Регион

Одбележан Денот на белите ленти во знак на сеќавање на жртвите од Приедор

Граѓаните шурум Босна и Херцеговина, со ставање на бели ленти околу раката, им оддадоа почит на жртвите на ужасните злосторства извршени пред 25 години, врз несрпското население во Приедор.

Пишува: Емина Диздаревиќ, Сараево

[cincopa AQPAk-tVPPdH]

Со серија на комеморативни настани во повеќе градови во БиХ, на 31 мај беше одбележан Денот на белите ленти, во знак на сеќавање на илјадници луѓе кои силите на босанските Срби ги убија во Приедор, на почетокот на војната во БиХ, во 1992 година.

Од Сојузот на логорски затвореници на БиХ, соопштија дека нивните членови на прозорците на своите канцеларии ќе стават бели ленти, во спомен на жртвите на етничкото чистење.

Од Сојузот наведоа оти сакаат овој ден да биде почеток на крајот на практиката на негирање на воените злосторства во БиХ.

„Кризниот штаб на босанските Срби од општина Приедор, на 31 мај 1992 година, преку локалната радио станица, издаде наредба, сите несрпски жители во Приедор, да ги обележат своите куќи со бели чаршафи, и при напуштање на куќата да стават бели ленти околу раката, како доказ за лојалноста кон српските власти“, рече претседателот на овој Сојуз, Јасмин Мешковиќ.

Во Сараево, бели ленти беа поставени на градските автобуси, а во Башчаршија беше поставена инсталација на логор.

Според судските пресуди, во Приедор, во 1992 година, биле убиени повеќе од 3.000 лица од несрпска националност, меѓу кои и 102 деца, додека илјадници други беа затворени во логори.

Денот на белите ленти се одбележува петта година по ред. Оваа година, тој беше одбележан и во Приедор, со серија на настани, а учесниците прошетаа по главната улица, одржаа комеморативен собир и на еден од тротоарите положија 102 рози во спомен на убиените деца.

Претседателот на Здружението на логорски затвореници „Приједор 92“, Мирсад Дуратовиќ, за БИРН изјави дека оваа година комеморацијата им е посветена на убиените деца од Приедор, односно на иницијативата за изградба на споменик.

„Пречка за изградба на споменик во Приедор е Градското собрание, бидејќи е неопходно да се измени регулативниот план“, објаснува Дуратовиќ.

Горан Зориќ, активист на иницијативата „Бидејќи се грижам“, наведува дека „Козарски весник“ оваа година објавил некролози во знак на сеќавање на убиените деца.

Додаде дека ова „го смета за напредок, бидејќи претходните години тие одбивале да го сторат тоа“.

Во текот на изминатите години, неколку невладини организации ги обвинија локалните власти на босанските Срби во овој град, дека ги попречуваат обидите на Бошњаците и на Хрватите, да го одбележат споменот на членовите на нивните семејства кои беа убиени.