Во БиХ, Хрватска и во Косово, Меѓународниот ден на исчезнатите лица, беше одбележан со низа настани, со кои беше укажано дека илјадници лица, исчезнати во војните во 90-тите години, сè уште не се пронајдени.
Во Приштина, семејствата на исчезнатите и косовските власти, маршираа низ градот и положија венци пред споменикот на исчезнатите лица.
Премиерот во заминување, Рамуш Харадинај, кој учествуваше во маршот, изјави оти исчезнатите во војната во Косово (1998-1999) се „нашата најголема рана што нè прогонува секој ден, веќе две децении“.
Хрватите го одбележаа овој ден, со положување на венци и со молитви, на гробиштата во градот Винковци.
На настанот присуствуваа официјални лица и семејства на исчезнати хрватски ветерани и цивили од Винковци, Вуковар, Осиек и други места.
Министерот на хрватските бранители, Томо Медвед, на новинарите им изјави дека Хрватска „никогаш нема да престане“ да трага по исчезнатите лица од Татковината војна, 1991-1995.
„Денес, апелирам до сите оние кои имаат информации, особено надлежните на Република Србија, да ни дадат добри информации“, рече Медвед.
Во главниот град на БиХ, Сараево, здруженија на семејствата на исчезнатите лица, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Мрежата за изградба на мирот, покренаа кампања за подигнување на свеста наречена „Каде е?“, и поставија изложба на фотографии во центарот на градот.
Вкупно 1.638 лица и денес се сметаат за исчезнати во Косово, 1.892 во Хрватска и 7.206 во БиХ.