Хрватската антифашистичка лига, вчеравечер, на планинскиот врв Сљеме, над Загреб, одржа комеморација во спомен на тројца членови на семејството Зец, на местото на кое за време на војната, во декември 1991 година, тие беа убиени од припадници на резервниот состав на полицијата – злосторство кое остана неказнето.
На 29-годишнината од нивната смрт, активистите положија цвеќе и запалија свеќи во близина на местото на убиството.
Претседателот на Антифашистичката лига и долгогодишен активист за човекови права, Зоран Пусиќ, на комеморацијата изјави дека „оваа земја не најде сила да го процесира ваквото очигледно злосторство“.
На комеморацијата присуствуваше и Борис Милошевиќ, политичар од српската заедница и хрватски вицепремиер, кој изрази огорченост што „скоро цело семејство било убиено исклучиво врз национална основа, само затоа што биле Срби“.
Да потсетиме, пред 29 години, резервисти на хрватски полициски баталјон, влегоа во куќата на семејството Зец, го убија Михајло Зец и ги уапсија неговата сопруга Марија и 12-годишната ќерка Александра, кои потоа беа однесени во напуштен планинарски дом во близина на Загреб и убиени.
Другите две деца од ова семејство останале во куќата и така преживеале.
Петте сторители набргу беа уапсени и тие го признаа убиството, но никогаш не беа осудени, поради процедурални неправилности во текот на судењето.
Тие беа припадници на единицата позната како „Мерчеповци“, која го доби ова име по нејзиниот неофицијален командант, Томислав Мерчеп, кој, во 2017 година, беше осуден на седум години затвор за воени злосторства. Мерчеп почина минатиот месец.
Бранка Виерда од Младинската иницијатива за човекови права, на комеморацијата изјави дека „младите денес мора да знаат дека уште пред да се родат, тука живеела Александра, која, во однос на успехот во училиштето или јакната што ја носела, не се разликувала од нејзините врсници, туку по фактот дека нејзиното (национално) потекло било различно“.
„Никој што се залага за мир и слобода, не може да дозволи Александра Зец да биде избришана од историјата, и секој што се грижи за правдата и еднаквоста мора да биде упорен во нагласувањето на злите намери на политичките власти, кои дозволуваат таквото злосторство да остане неказнето“, нагласи Виерда.
На комеморацијата, хрватската поетеса, Моника Херцег, рецитираше стихови, додека мултимедијалниот уметник, Иван Марушиќ Клиф, постави аудио-видео инсталација.
Во 2014 година, Младинската иницијатива за човекови права покрена иницијатива за именување на парк во Загреб по семејството Зец, но градската администрација го одби овој предлог на организацијата.
Истата година, театарскиот режисер, Оливер Фрљиќ, ја постави претставата „Александра Зец“, во која актерите ги читаат исказите што наводните сторители ѝ ги дале на полицијата по апсењето.
Претставата го инспирираше режисерот, Небојша Слијепчевиќ, да го сними документарниот филм „Србенка“, кој ги следи пробите и премиерата на претставата на Фрљиќ и се фокусира на прашањето за националноста во денешна Хрватска. Овој филм е добитник на бројни награди.