Регион

Одбиен пристап

Повеќето документи за воените злосторства на Балканот, се недостапни за јавноста

Ардуана Прибиња, новинарка на Ал Џезира Балканс во Босна и Херцеговина, која известува за теми од судството, вклучително и за процесирањето на воените злосторства, вели дека споделува заеднички проблем со многу нејзини колеги, а тоа е можноста за добивање на важни информации од официјални извори.

Таа сè уште не добила одговор на две барања што неодамна ги испратила до Судот и до Обвинителството на БиХ, што е, како што тврди, методa која судството ја користи за да спречи информацијата да стигне до јавноста.

„Се сеќавам на едно истражување што го правев, каде ми требаше потврдено обвинение и некои други документи од Обвинителството. Му испратив барање по е-пошта на портпаролот и тој го игнорираше. Инсистирав на одговор со друг допис преку е-пошта“, вели таа.

„Тогаш тој ми рече дека треба да доставам барање за слободен пристап до информации. Јас го пратив по е-пошта. Тогаш тој ми одговори дека морам да дојдам во зградата на Обвинителството и да го предадам документот потпишан, лично. Ова, според законот, не е потребно. Законот вели дека мора да се достави во писмена форма, а е-поштата е писмена комуникација. Тие го прават тоа само за да нѐ спречат да напишеме нешто“, додаде таа.

Судовите во Босна и Херцеговина немаат ист степен на транспарентност и пристап до архивите на предметите и пресудите за воени злосторства, како Хашкиот трибунал, кој јавно ги објавуваше своите пресуди и докази.

Само ретки судови во Босна и Херцеговина, носат пресуди за воени злосторства.

Ива Вукушиќ, историчар на Универзитетот во Утрехт, вели дека е важно архивата на предметите на воени злосторства, да биде достапна за јавноста: „Судењата не се апстракција што се одржува заради редот на нештата. Судењата се одржуваат за жртвите и за нас граѓаните“, нагласува Вукушиќ.

Сепак, пристапот до документите и доказите од ваквите судења е ограничен, не само во Босна и Херцеговина, туку и во Хрватска, Косово и во Србија, покажува анализата на БИРН.

За време на своето делување, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), овозможи, неговите архиви од судењата за воени злосторства, да бидат достапни на интернет. Архивите на МКТЈ ѝ овозможија на јавноста лесен пристап до доказите, документите, записниците од сведочењата на сведоците и до видео записите.

За разлика од архивата на МКТЈ, архивите на Судот на БиХ и на пониските, кантонални и окружни судови во земјата, функционираат на поинаков, побирократски начин. Според Судот на БиХ, нивната архива е целосно достапна за јавноста, во согласност со Законот за слободен пристап до информациите, но, соговорниците на БИРН велат дека ова не функционира доволно добро.

Истражувањето на БИРН покажува дека кантоналните судови, кои ги процесираат предметите на воени злосторства во Федерацијата БиХ, и окружните судови во Република Српска, немаат дигитални архиви што би можеле да бидат достапни за јавноста. Во најголем дел, овие судови не го објавуваат целиот текст на своите пресуди, додека некои од нив објавуваат само кратки соопштенија.

Во БиХ има вкупно 17 судови, кои процесираат предмети на воени злосторства, а кантоналните судови во Нови Травник и во Зеница, се едни од ретките што ги објавуваат своите пресуди.

Единствениот начин новинарите, истражувачите и научниците да добијат пристап до другите пресуди, е да поднесат барање за слободен пристап до информациите, што одзема многу време.

Слично е и со доказите користени за време на судењето, кои беа депонирани во архивите на судовите. Истражувачите, кога се обидуваат да добијат документи од архивите на судовите, се соочуваат со проблем – тие мораат точно да наведат кои документи сакаат да ги видат.

Влезот во Судот на БиХ. Фото: БИРН

Истражувачот, Хикмет Карчиќ, го базираше својот докторат и истражувачка работа врз архивите и базата на податоци на МКТЈ, додека во случајот со архивите на Судот на БиХ, се соочи со низа проблеми. Едниот од нив се однесуваше на анонимизирањето на пресудите, кое започна во 2013 година, кога Судот почна да користи иницијали наместо полни имиња и презимиња, и да ги анонимизира местата на злосторствата. Оваа практика престана по кампањата на БИРН, „Стоп за цензурата“.

„Сега е многу полесно, бидејќи Судот на Босна и Херцеговина ги објавува пресудите“, вели Карчиќ. „Сепак, ниту тогаш, ниту сега не можам да дојдам до доказите во предметите, што беа користени на судењата во БиХ.

„Мислам дека треба да се направи тоа да функционира по принципот на МКТЈ. Конкретно, сега, за моето истражување, сосема е невозможно да се дојде до некои докази што биле користени“, додава тој.

Карчиќ нагласува дека во една прилика го замолил Судот на БиХ, да му овозможи пристап до архивата на еден случај, но тие му одговориле оти не може да дојде до комплетното досие, туку дека мора да побара пристап до индивидуални документи што го интересираат и дека точно треба да знае кои се тие документи.

Карчиќ објаснува дека во моментов спроведува истражување за архивите на воените судови, но оти е многу тешко да се дојде до тие архиви. Сараевскиот кантонален суд неодамна му предал некои воени досиеја на Историскиот архив во Сараево, но за пристап до тој материјал, сè уште е потребна дозвола на Судот на БиХ.

Дури и кога се бара дозвола, проблемите остануваат, додава Карчиќ. „Ако ја побарате документацијата на Воениот суд во Мостар или од некој дел што бил под контрола на Херцег-Босна, голем дел од таа документација недостасува. Дури и во пресудата на Хашкиот трибунал во случајот против (воените и политичките лидери на Херцег-Босна) Прлиќ и другите, пишува дека оваа документација недостасува“, објаснува тој.

Од Кантоналниот суд во Сараево велат дека судските одлуки и другите документи од предметите на воени злосторства, се достапни на писмено барање.

„Не е планирано архивата на Кантоналниот суд во Сараево да биде дигитализирана во блиска иднина“, изјавија од овој суд за БИРН.

Од Окружниот суд во Источно Сараево наведуваат дека процесот на дигитализација на архивата е во тек, и оти со неа ќе бидат опфатени сите предмети. Од овој суд нагласуваат дека ги отстраниле пресудите од веб-страницата по анонимизирањето, но оти сега е можно да се пристапи до судските одлуки, во нивната интерна база на податоци.

„Архивата на Окружниот суд во Источно Сараево, која се однесува на правосилно завршените предмети на воени злосторства, им е достапна на заинтересираните лица“, велат од Окружниот суд за БИРН.

„Судот објавува на својата веб-страница, само одредени одлуки на советот, кои се од општ интерес за јавноста. Инаку, увид во судски одлуки, досиеја и предмети, кои се потребни за изработка на стручни анализи, истражувања за научни трудови и слично, даваме во присуство на овластен службеник“, додаваат од овој суд.

Сараевската адвокатка, Нина Кисиќ, која претходно работеше во МКТЈ, вели дека дигитализацијата на архивите на Судот на БиХ, во голема мера ќе им помогне на тимовите на одбрана во нивните истражувања, како и на новинарите, истражувачите и на академските работници.

„Како адвокат, за мене е исклучително важно да имам пристап до податоците, што е во согласност со принципот на еднаквост на страните во постапката, што е неотуѓив дел на правото на правично судење“, нагласува Кисиќ.

„МКТЈ заврши одлична работа со својата база. Токму таму наоѓам многу докази што ги користам во предметите. Особено е важно да се истакне дека на овој начин се зголемува довербата кај јавноста, бидејќи јавноста има можност да ја види документацијата, која била анализирана при донесувањето на пресудите“, додава таа.

Од Судот на Босна и Херцеговина за БИРН велат дека во моментов, законите предвидуваат дигитализација на архивите. Сепак, се додава дека секој може да аплицира за пристап до списите.

Вукушиќ смета дека архивите на судовите претставуваат „заедничко минато“ што треба да биде достапно за сите, како што е случај со архивите на МКТЈ.

Таа додава дека тие треба да се користат за понатамошно истражување, за да се утврди што се случило за време на војните во 90-тите години.

„Тоа им го должиме на оние кои страдаа и тоа си го должиме самите на себеси“, истакнува таа.

Косово: Странските полицајци ги зедоа досиејата

Регистрација на предмети во постапка, во октомври 2009 година, во Окружниот суд во Северна Митровица. Фото: ЕУЛЕКС

Кога мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, по завршувањето на мандатот им ги предаде предметите на воени злосторства на домашните власти, меѓу нив имаше и значителен број на докази.

Во текот на 2018 година, Мисијата на ЕУ достави до Обвинителскиот совет на Косово околу 900 досиеја за воени злосторства и околу 2.000 досиеја за исчезнати лица.

„По завршувањето на процесот на примопредавање, надлежните органи на Косово имаат целосна одговорност за списите во тие предмети и со нив поврзаните докази, што им ги предаде ЕУЛЕКС“, изјави за БИРН портпаролката на мисијата, Јоана Лакана.

Пред ЕУЛЕКС, Мисијата на ООН на Косово – УНМИК, беше одговорна за тешките кривични дела во таа земја.

Но, Пол Флин, кој беше обвинител при УНМИК од 2001 до 2006 година и при ЕУЛЕКС од 2015 до 2018 година, вели дека голем дел од доказите за воените злосторства, собрани од претставниците на УНМИК, веќе не се во Косово.

„Помеѓу 2008 и 2009 година, УНМИК му префрли на ЕУЛЕКС повеќе од 1.200 кривични предмети, а пренесените списи беа во многу лоша состојба. Имаше повеќе од еден милион страници во предметите на воени злосторства и недостасуваа многу физички докази“, нагласува Флин.

Флин, кој во моментов е шеф на Канцеларијата на ЕУЛЕКС за човекови права и правни работи, за време на една дебата на Фондот за хуманитарно право Косово, рече дека некои полицајци и обвинители на ООН, ги зеле доказите во нивните земји, кога УНМИК извршил примопредавање со ЕУЛЕКС.

„Полициските службеници работеа околу шест месеци и откако го завршија мандатот, тие ги однесоа доказите во своите земји. Имавме луда ситуација во која луѓето ги однесоа докази и кога обвинителите бараа докази, докази немаше“, објасни Флин.

Косовскиот судски совет, како највисок судски орган на земјата, во моментов нема посебна архива на докази за воени злосторства.

Повеќето од нив се по архивите на судовите, а досега се регистрирани само неколку предмети на воени злосторства во системот за кривична евиденција, односно базата на податоци за завршени кривични предмети на Косово. Овие списи не се достапни за новинарите, истражувачите и пошироката јавност.

Дрита Хајдари, раководител на одделението за воени злосторства на Специјалното обвинителство на Косово, за БИРН изјави дека домашните обвинители чекаат да ја преземат базата на податоци од УНМИК, со околу 4.000.000 докази, кои се однесуваат на воените злосторства. Една од целите на стратегијата за воени злосторства на косовското обвинителство е да се создаде база на податоци за предметите на воени злосторства и за другите повреди на меѓународното право.

Но, Санам Долатшахи, портпарол на мисијата на ООН во Косово, вели дека не знае за постоењето на таква база.

„Во 2009 година, УНМИК ги пренесе сите свои документи од кривичните предмети на меѓународните судии и обвинители, на ЕУЛЕКС. Од тој момент, ЕУЛЕКС имаше целосна одговорност за чување и контрола на тие досиеја. Физичките докази, како што се документите и облеката, беа опфатени со примопредавањето. Знаеме дека во текот на 2018 и 2019 година, ЕУЛЕКС ги пренесе сите досиеја за кривичните предмети, на надлежните локални власти“, додава Долатшахи.

„Го забележуваме вашето повикување на база на докази. Не знаеме за постоење на таква база“, додава таа.

Косово и Србија немаат никаква правна соработка, а доказите што ЕУЛЕКС и УНМИК успеале да ги соберат од Србија, честопати беа недоволни за докажување на кривична одговорност, што резултираше со откажување од значителен број истраги или ослободување на осомничените.

Сепак, Амер Алија од Фондот за хуманитарно право Косово, кој ги надгледува судењата на воените злосторства, истакнува дека архивите на МКТЈ сè уште можат да обезбедат важни докази во предметите на воени злосторства во Косово.

„Постојат илјадници докази и воени извештаи (во архивите на МКТЈ), кои се корисни за гонење на воени злосторства во Косово“, нагласува Алија.

Хрватска: Пристапот на јавноста до документите е оневозможен

Хрватскиот државен архив во кој се ноѓа Хрватскиот меморијално-документациски центар на Татковинската војна. Фото: Викимедија комонс/Сурадник 13

Во Хрватска нема специјални судови за воени злосторства. Ваквите предмети ги водат окружните судови во Загреб, Риека, Сплит и Осиек, додека Државното обвинителство е одговорно за истражниот процес.

Ниту една од овие институции не им дозволува пристап до архивите на предметите на воени злосторства, на новинарите, истражувачите и на пошироката јавност.

Портпаролот на Државното обвинителство вели дека до нивните документи можат да пристапат „државните обвинители, нивните заменици и советниците кои работат на предметите на воени злосторства“, но не и пошироката јавност.

„Пристапот до документите не може да се постигне преку законот за право на пристап до информациите“, вели портпаролот на Државното обвинителство.

Звонко Кухариќ, заменик окружен обвинител во Осиек, за БИРН истакнува дека државното обвинителство во Осиек, архивира досиеја за воени злосторства, заедно со доказите и другите документи, во своја архива, што не е отворена за јавноста.

„Пристапот (до оваа архива) им е дозволен само на лицата кои имаат право на тоа според законот за кривична постапка. Во моментов нема единствена архива, а претходно споменатите досиеја нема да бидат префрлени во јавната архива, со оглед на тоа дека нема застара за воените злосторства“, вели Кухариќ.

Од Окружното државно обвинителство во Загреб за БИРН изјавија дека, бидејќи нема застара за воените злосторства, сите списи од предметите на Јавното обвинителство, трајно се чуваат во нивната канцеларија, заедно со сите докази и релевантни документи.

„Со оглед на тоа што одредени фази во обвинителската постапка се тајни или не се јавни, јавниот пристап до овие предмети не е можен“, ни одговорија тие.

Сепак, додаваат дека некои документи, што се користеле во предметите на воени злосторства, се чуваат во разни архиви, како што е Хрватскиот државен архив и Хрватскиот меморијално-документациски центар на Татковинската војна во Загреб, како јавни научни институции со специјализирани архиви, и пристап до нив имаат полициските службеници и државните обвинители, но и експертите и пошироката јавност.

Воените судови беа дел од хрватскиот судски систем релативно кратко време, беа воведени во 1991 година, со цел справување со злосторствата на воениот персонал, а беа укинати во 1996.

Предметите на воените судови во постапка, ги презедоа надлежните општински или окружни судови, додека предметите во постапки во воените обвинителства, ги презедоа надлежните општински и окружни обвинителств.

Во меѓувреме, архивите на воените судови ги презедоа окружните судови во градовите каде се наоѓаа седиштата на одделни воени судови. Некои од нивните списи може да се најдат во локалните архиви.

Србија: Ограничувања на слободата на пристап до информациите

Обвинителството за воени злосторства и Специјалното одделение за воени злосторства на Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН.

Само Обвинителството за воени злосторства и Специјалното одделение за воени злосторства на Вишиот суд во Белград, се занимаваат со предметите на воени злосторства во Србија.

Веб-страницата на Обвинителството содржи информации за предметите на воени злосторства, главно технички детали: број на обвинети и жртви, датумот кога е поднесено обвинението и во која фаза е случајот.

Марина Кљајиќ од Фондот за хуманитарно право Србија, која во некои случаи е и правен застапник на жртвите, вели дека Обвинителството за воени злосторства не ги објавува обвиненија, пред да заврши подготвителното рочиште на судењето, иако тие се веќе потврдени.

Кљајиќ додава дека кога Обвинителството ги објавува обвиненијата, тие се „прекумерно анонимизирани, така што не е можно да се утврдат името на обвинетиот или имињата на жртвите“.

Што се однесува до пресудите, во повеќето случаи, кога ќе ги изрече, Вишиот суд во Белград издава кратко соопштение за медиумите.

Кљајиќ објаснува дека Вишиот суд во Белград до неодамна одбиваше да ги објави првостепените пресуди, иако комесарот за информации од јавно значење и заштита на личните податоци, сугерирал дека тие треба да бидат објавени.

„Транскриптите од судењата, исто така, се даваат само по конечното завршување на постапката“, вели Кљајиќ.

Документите од предметите на воени злосторства, се чуваат во регистрите на Специјалното одделение за воени злосторства и во зградата на обвинителството или во некој архив. Истото важи и за документите што Србија ги доби од МКТЈ.

„Судскиот депозит содржи предмети запленети од обвинетите, но не и предмети пронајдени на лице место, за време на ексхумација на подрачје каде што се пронајдени тела на жртви“, се вели во одговорот на Вишиот суд во Белград.

Не постои официјална веб-страница што содржи документи како пресуди или обвиненија.

Новинарите и јавноста можат да поднесат барање за слободен пристап до информациите, но има ограничувања и понекогаш информациите што Судот ги дава, зависат од формулацијата на барањето.

Кљајиќ вели дека е важно јавноста во Србија да биде информирана за воените злосторства, „особено ако ја имаме предвид практиката на промовирање на осудените воени злосторници и напорите да се ревидираат веќе утврдените судски факти“.