Регион

Одбиено барањето за рехабилитација на Недиќ

Милан Недиќ. Фото: Дигитална библиотека на Словенија

Апелацискиот суд во Белград, денеска ја потврди одлуката на Вишиот суд на Србија, со која беше отфрлено барањето за рехабилитација на Милан Недиќ, премиер на марионетската профашистичка Влада на Србија, за време на нејзината окупација во Втората светска војна.

„Според наоѓањето на Апелацискиот суд, а спротивно на жалбените наводи, одлуката на првостепениот суд е правилна“, се вели во одлуката на судот.

Судската постапка за рехабилитација на Недиќ започна во декември 2015 година. Семејството на Недиќ побара судот да го прогласи Недиќ за жртва на политички прогон на поранешните комунистички власти на Југославија.

Тие, исто така, побараа од судот да ја поништи одлуката на југословенскиот суд, со која Недиќ беше лишен од граѓанските права и му беше одземен имотот.

За време на судењето, сведочеа неколку историчари и беа презентирани неколку илјади страници документација.

Овој процес предизвика контроверзии, бидејќи неколку експерти посочија дека српскиот закон не дозволува рехабилитација на лица кои соработувале со нацистите.

Десничарски, но и антифашистички и левичарски групи периодично се собираа пред Вишиот суд, за да дадат поддршка, односно за да изразат противење на барањето за рехабилитација.

Недиќ беше на чело на т.н. Влада за национален спас, марионетска влада на Србија за време на Втората светска војна, која ја водеше земјата од август 1941 до октомври 1944 година.

Кога неговата Влада беше соборена, нацистите го евакуираа Недиќ во Австрија. На крајот, тој беше уапсен од страна на британските сили, кои потоа го предадоа на југословенските власти.

По војната, Недиќ беше обвинет за соработка со Германците и за велепредавство, но правната постапка против него набрзо беше прекината, бидејќи Недиќ, во февруари 1946 година, во затворот во кој се наоѓаше, изврши самоубиство.