Ламија Гребо, Сараево
На повторното судење на Насер Ориќ, неговата одбрана го доведе во прашање кредибилитетот на сведокот, кој изјави дека во 1992 година, видел кога обвинетиот Ориќ, пукал во воен заробеник од српска националност.
Адвокат на одбраната, во судскиот процес кој пред Судот на Босна и Херцеговина се води против Насер Ориќ, изрази сомневање во врска со изјавата на сведокот кој рече дека го видел обвинетиот, поранешен командант на босанската армија, како пука во српски затвореник.
Заштитениот сведок О-1, пред судот во понеделникот изјави дека видел кога Ориќ го испрашувал, тепал и го застрелал затвореникот, Милутин Милошевиќ, во селото Лолиќи, во јуни 1992 година.
Како што наведе сведокот, во Милошевиќ пукало и лицето Мрчо, кого тој го препозна во Сабахудин Мухиќ, кој во Армијата на БиХ му бил подреден на Ориќ. На Мухиќ, исто така, му се суди заедно со Ориќ.
Адвокатот на Ориќ, Лејла Човиќ, го праша сведокот, зошто во изјавата што ја дал во 2014 година, изјавил оти тој само слушнал за убиството на Милутин Милошевиќ.
Сведокот одговори дека го рекол тоа од страв.
О-1 во неколку наврати, објаснува разликите во претходната изјава, рече дека тогаш се плашат да зборуваат за некои работи од страв за нивната безбедност и нивните семејства.
„Не можев да кажам. Се плашев дека Насер Ориќ ќе дознае“, рече сведокот.
На Ориќ и на неговиот подреден, Сабахудин Мухиќ, повторно им се суди за убиство на тројца српски заробеници во местата Залазје, Лолиќи и Куњерац, во регионот на Братунац и на Сребреница, во 1992 година.
Повторното судење се одржува откако Апелацискиот совет ја поништи првостепената ослободителна пресуда што во јуни оваа година им беше изречена на Ориќ и на Мухиќ.
Првостепеното судење предизвика контроверзии, бидејќи многу Бошњаци го сметаат Ориќ за херој, поради неговата улога во одбраната на Сребреница пред масакрот во 1995 година, а од друга страна, многу Срби сметаат дека обвиненијата треба да бидат построги.
Судењето ќе продолжи на 8 октомври.